Ермис Лафазановски. „Раскази“ половина божилак Ha 17 април утрото претскажуваше убав ден. Ho, по утрото денот не ce позна. Од западниот дел на Окол ина-тасе појавија шарени облаци. Чудни. Како да задржуваа во себе некаква светлина, што доаѓаше со силен блесок од непозната небесна точка. Никој не забележа како ce наталожуваат во cè подебели пластови, затоа што луѓето си беа зафатени со најобични секојдневни работи. Наскоро почна да роси. Толку ситно што просто не ќе ce забележеше дека нешто ce случува, доколку, не ce создадеа барички од вода на веќе одамна сувата земја A имаше и сонце, срамежливо, ама сепак. Така беше создаден божилакот. Но овој пат само по-ловина! Co едниот дел ce беше задал зад ритчето што ce наоѓаше отспротива на Исаиното црквуле, a другата половина ја немаше... Божилакот завршуваше некаде на половина, таму каде што лакот е најблиску до господа. Многумина почнаа да му ce одушевуваат и да му ce радуваат, воопшто не забележувајќи дека едната половина ја нема, дека не постои. Можеби затоа што таа половина беше покриена со облачиња, па луѓето си помислија сетики другата половина е зад нив. Ама не. Следниот ден облаците ce беа разотишле, небото беше чисто и бистро, a божилакот cè уште беше таму — само половината Лак што завршува високо на небо, небаре засечен со нож. Попот Исаја излезе пред куќа и си рече само за себе: „Половина божилак — не е добар знак". A беше тоа убава половина. Сите бои ce распознаваа толку јасно, толку впечатливо што просторот под нив ce давеше во шарена и радосна вода. Некакви силни зраци ce отсликуваа долу наземи, бојосувајќи јапочвата како пред рајските порти. Прво децата a потоа и возрасните cè почесто ce тискаа под половината за да си ги бојосаат телата во најразновидни бои. Така, некои луѓе изгледаа црвени, некои жолти или зелени a некои пак, беа шарени. И сите шетаа достоинствено по улица, среќни што толку многу ce разликуваат од оние кои cè уште не престојувале под бижилакот. Нормално, на почетокот на сето тоа ce гледаше со извесна доза на скептицизам, но набргу работата ce олабави и cè тргна како што беше пишано. Радоста на луѓето уште повеќе ce зголеми откако сите забележаа дека половината нема намера да си оди. Веќе три недели дење-ноќе си стоеше на чистото и бистро небо, небаре е споменик. Најсреќни беа сепак тие што пo игра на случајот ce најдоа да живеат токму под половината божилак; децата почнаа некако побргу да им созреваат; постарите денизден стануваа ce поподвижни; работниците cè поработливи. Дури беа забележани случаи на излечен ревматизам, ишијас, импотенција, срцеви маани и слепо црево. Луѓето пак што живееја од оваа страна на половината, значи таму каде што недостасуваше другата, си седеа пред куќи и немо набљудуваа како нивните комшии и пријатели ce среќни. Така телата почна да им ги троши завист и љубомора и тие набргу станаа луѓе наречени „копнеж по другата половина". Попот Исаја, кој по последните настани од јавниот живот на Околината речиси веќе и не фигурираше како влијателна личност (неговото место го беше зазел некој нов претседател на Околинската партија кој на изборите го "смачкал" спомнатиот пoпкако болва) ги собра околу него малкутемина што cè уште му веруваа и им рече „немојте премногу да ce вознемирувате. И ова ќе помине како и cè друго. Ништо освен господ не е вечно. Господ е сигурно лут и ни го скратил божилакот како казна". Неговиот збор брзо почна да ce шири но ce запре само во неколку куќи. Толку беа останати под празната страна. Така, почнаа луѓето да си градат куќи под божилакот, a претседателот во знак на благодарност што го одбраа за нивни водач делеше локации со лопата. Toj, исто така секојдневно, беше презафатен со седници, собранија, прес-конференции каде што со восхит зборуваше за значењето на половината божилак за побрзиот општествено-политички развиток наОколината и за неговиот придонес за развивање на туризмот. A туризмот навис-тина ce беше развил. За една година ce изградија огромни хотели, вили, стоковни куќи, куќи за забава, вештачко езеро со песочни плажи, прекрасни улици и булевари... a сето тоа благодарение на несебичното залагање на луѓето собрани околу претседателот. Доаѓаа делегации од странство, прво со долги црни лимузини a потоа со авиони, додека гласот на претседателот гордо одек-нуваше: „Жено! вади од ланската лутеница, доаѓаат Јапонците". Странците гледаа прво со вчудовиденост и недоверба во божилакот, но по неколку куси информации од страна на неколку научници, кои посебно почнаа да ce занимаваат со феноменот на половинката, задоволно и афирмативно кимнуваа со главите. Ha некои од странците толку им ce беше бендисала половинката божилак што посакаа да имаат и тие. Претседателот отпрво секое утро стануваше уште в рани зори и заспан ce упатуваше накај прозорецот да види дал и изворот на нивното богатство и среќа cè уште стои на истото место (тој во последно време деноноќно страхуваше дека еден ден... Но, подобро да не мисли на тоа). Но откако ќе го забележеше онака светол, шарен господарски силен, задоволно си велеше — „уште еден убав ден". Таа навика тој постепено ја напушташе, не затоа што веќе не беше заинтересиран за постоењето на половинката, туку оти беше спречен да ја гледа поради фасадите на огромните згради, што секојдневно ce градеа околу него. И така, денизден cè помалку имаше можност да го гледа божилакот. Затоа плати човек да го известува за тоа. Набргу населбата толку многу ce зголеми во сите димензии и правци што едноставно под тие бои немаше веќе место. Некои луѓе откако си изградија куќи, забележаа дека нивните локации со неколку метра излегуваат од под светото место и целата вина ја префрлија на половинката — била премногу мала! И за малку ќе заклучеа сите на чело со претседателот дека во новата цивилизација нема што нема. Стана еден ситен човек и наједноставно и најсмирено рече дека откако ce населил под божилакот не видел ниту една мува. - Мува??? — Мува. Потоа ce јави уште некој и рече дека дома нема ниту еден пајак. - Пајак??? — Пајак. Другите потоа спомнаа стаорци, мачки, кучиња, те-лиња, крави, пеперутки, молци, термити, коњи, волови... На итната вонредна конференција претседателот прво ce искашла, ce напи кисела вода, прошепоте нешто со луѓето од неговата лева и десна страна, ја голтна целата вода и рече „луѓе што ви е!, пa до cera ce жалевте дека мувите ви ce здодевни a понатаму да не зборуваме". И навистина сите забележаа (ама доцна) дека под половината божилак освен луѓе нема никакви други живи суштества. Ce почувствуваа некако осамени. Меѓутоа не знаеа како да го решат проблемот. Некои ce досетија дека животни можат да ce увезат од странство. Но и тоа отпадна поради резилот што ќе пукне ако дознаат странските партнери. На крај спомнаа дека од другата страна, каде што нема божилак, живее сам и предаден на пост еден многу стар и умен пoп, кој ги знае сите тајни на животот и кој одбил да живее под божилакот. Треба да ce праша. Претседателот знаеше дека ce работи за Исаја, но немаше храброст да си признае дека ете, дојде време и од него да бара помош. Затоа не рече ништо. Едно утро кога шест црни автомобили на кои пишуваше ОО (Околински Одбор) застанаа пред колибата на старецот и кога шест во црно облечени луѓе излегоа од нив, попот Исаја седеше мртов на неговото столче, потпрен неурамнотежено на црквеното ѕитче, со коскен чешел заплеткан во брадата и со рацете спуштени покрај телото. И тогаш шестемина ce вратија во своите автомобили, затоа што ништо не можеа да го прашаат кучето кое забрзано дишеше испружено до нозете на Исаја. ѕвездалија (сказна за возрасни) Си беше еднаш како никогаш да не било, a сепак вечно постоело, една малечка држава без крал и кралица, без палати и дворци, принцеви и принцези, но со обичен и молчалив народ, со тврда земја која можеше да ce ора само со помош на запците на небесните Ѕвезди, со плашливи, но свадби-ѓурултии по соголените ридови, со извори толку студени што луѓето ја подгреваа водата пред да ce напијат, со нераспослани ниви чии краишта завршуваа со свитки во подножјата на високите планини низ кои по посебно направени патеки поне-когаш, ретко, ce спуштаа дождливи облаци, со вино и ракија, со леб и сол... И на таа земја, пуста ама сепак земја, при едни сиро-машни родители, по девет години ограничена среќа, ce роди едно дете сб петокрака на чело. Всушност, беше тоа една малечка ѕвездичка со пет краци што толку јасно ce оцртуваше на челото на детето што беше просто невозможно да не биде забележана. Веста набргу ce прочу меѓу малкубројниот и суеверен народ и сите во неговото раѓање видоа Знак. Божји знак. Знак кој можеби го чекаа со илјадници години, преку илјадници и илјадници поколенија Значи, детето со самото негово раѓање ce најде во многу тешка и одговорна задача: од него ce очекуваше да стане Голем... да... Голем. Да стане голем и славата на нивната малечка земја да ja понесе надалеку, преку седум мориња и седум гори. За да не излезе нешто надвор од адетот, дојдоа нареч-ниците. Ги отворија книгите и почнаа да гледаат каква судбина да му доделат. Една од нив рече дека детето од Ѕвезди е дојдено и во Ѕвезди нека оди, втората рече дека да ce вика Ѕвездалија, a третата со која сите ce согласија рече да стане голем човек и надалеку да ја пренесе славата на земјата во која живее. Потоа некој му пребаја од уроци и со тоа беа извршени сите работи околу почетокот на животот на Ѕвездалија Неговата слава иако cè уште не беше направил ништо славно ce пренесе и побргу од очекуваното: соседните кралства и царства до чии што врати допре како гром веста за детето со петокрака на челото, водени од слепата лакомост посакуваа да го имаат за себе. За таа цел беа организирани посебни, дури и нечесни средства за грабнување на детето или барем, во најмала рака, за негово уништување. Кога тоа не им успеа, поради неверојатниот отпор што малечкиот народ го пружаше, следеа обиди кои блескаа со својата инвентивна луцидност. Еден таков обид беше да ce расколеба самиот народ преку подметнување лажни податоци за потеклото на родителите на Ѕвездалијата. Откако видоа дека ни овие средства не вродуваат со плод, решија сите до следниот потег, кога ce готвеа да пратат огромни војски за да ce зароби детето, да чекаат поволен миг. Cè уште не ce знае дали во насочувањето на човечкиот живот господ ги слуша гласовите на наречниците, или пак наречниците гласот господов (во секој случај некој од нив не ја беше слушнал добро пораката), меѓутоа ce случи една работа која сериозно ја разниша довербата на народот во месијанското битисување на Ѕвездалијата. Таа недоверба коренот го имаше уште во времето кога родителите му беа оставиле околу него голем број предмети со различна намена. Адетот велеше дека за кој предмет ќе ce фати детето — такво ќе биде во животот. My ставиле, книга, молив, купче пари, слики на богати луѓе, фотелја, минијатурни од дрво изработени алати, терзиски, трговски, банкарски, што ce вели cè за што родителите сметаа дека е во согласност со неговата петокрака на челото, која според зборовите на наречни-ците требаше од него да претскаже, Голем човек. Но, големо беше разочарувањето на сите присутни кога Ѕвездалијата не ce фати за ниту еден од овие предмети, туку ce стрча во ќошот на собичката каде лежеше една старатамбура и почнада удира по неа притоа испуштајќи некакви неартикулирани звуци кои во случајот прет-ставуваа пеење. Помислувајќи дека сигурно ce работи за некаква забуна, сите бргу — бргу му ја истргнаа тамбурата од раце, но тоа не сакаше ни да чуе за друг предмет. Работата која најмалку одеше во прилог на очекува-њата, беше начинот на кој или луѓето, или наречниците, или пак самиот господ го сфаќаше зборот голем, што требаше да биде главна карактеристика во животот на Ѕвездалијата — колку што поминуваше бавно времето, толку Ѕвездалијата повеќе растеше во височина. Може да ce каже дека огромно беше изненадувањето на сите кога увидоа дека Ѕвездалијата неприродно бргу порасна во Голем човек (во вистинската смисла на зборот, прав џин) и дека пo цел ден удира пo тамбурата и пее секакви песни. Комшиите пак (соседните кралства и царства) кога разбраа што ce случува со предметот на нивните желби, алчноста набргу ja заменија со иронија и насекаде со потсмев раскажуваа за Ѕвездалијата и за неговата суд-бина, постепено откажувај ќи ce од желбата да го поседу-ваат. Ce задржаа единствено на потсмешливите и иронично гротескните напади врз малечката земја која paѓа „такви големци"). Голема беше тагата на малечкиот народ без крал и кралица, без жито и мелница, без надеж за слава, без ден за голема глава. A за сето тоа време, џинот Ѕвездалија стана огромен човек кој пее. Скиташе од маало до маало, од сокак до сокак, без некој да го прими, свирејќи на тамбура, играјќи тешки ора, пеејќи прости, но строги народни песни. Навечер, кога сите си легнуваа, уште само неговиот глас ja покриваше заспаната држава спуштајќи ce некаде озгора, од врвовите на планините, од небото. Таму горе петокраката од неговото чело меѓу другите ѕвезди ce чувствуваше добро, спокојно како дома. Народот веќе ce беше навикнал на џинот Ѕвездалија и на крај, сакале или не, го прифатија како дополнителна суша, во така исушената земја. Co мака ce сеќаваа на тоа што требаше да стане од него и тоа што стана од него. Но, „што е наше — наше си е", си велеа луѓето заедно со родителите на Ѕвездалија и набргу ce навикнаа на него како на нешто секојдневно, како на нешто без кое веќе не ce може, како на нужност. Ѕвездалијата пак, беше секаде: со луѓето на нивите, со овчарите пo ливадите, со жените покрај реките, со сватовите на свадби и со поповите на погреби, меѓу наречниците и бабиците, со винарите и лозарите, со дождовите и поплавите, со сушите и пакостите, со ората со кои народот си го продолжуваше векот, со девојките и нивните расплетени коси пo стоговите сено, со момците и нивните ајдучки игри, со старците и нивните бесконечни бројници... секаде каде што требаше песна и тоа не каква било песна, туку среќна или таговна, бериќетна или пуста... И народот ce виде себеси како не може без Ѕвездалија, како неговата судбина е и нивна судбина, a и неговото секојдневно растење е и нивно растење пa било да е тоа растење во маки или растење во простумот, растење во битисување, или растење во борба за секој нов ден. И така Ѕвездалија растеше и пееше за сопствениот народ, растеше и со челото втаса речиси до небото и на крајот на краиштата стана толку голем што престана да ce гледа, a сепак беше сеприсутен, беше тука некаде... секаде. И така засекогаш сите го загубија од погледите, но ги задржаа неговите песни... Велат дека таму горе ce оженил со некоја ѕвезда и дека изродиле илјадници и илјадници деца. Некои од нив еве сега тука... ce раѓаат. дете Да знаеше таткото што го чека тој ден, никогаш не ќе излезеше од дома. Таткото излезе од дома. Ја остави мајката да мие садови a детето да копа во градината. Тргна по градскиот булевар затоа што беше недела, a во недела мажите (особено тие постарите каков што беше и таткото) излегуваат пред ручек на прошетка. Спокојно (небаре е во зимски сон) ce разминуваше со минувачите. Одвреме — навреме ќе отпоздравеше некому или пак со рацете вкрстени одзади си потпевнуваше како момче, небаре очекува токму денес да ce вљуби. Cè на cè изгле-даше мошне среќен. Koгa ce врати дома, на вратата ce појави со еден средно голем пакет обвиткан со сива непроѕирна хартија. Во рацете на таткото пакетот личеше на богатството на царот што умре. Таткото пак, беше блед во лицето (варосан) a помодрените усни искажуваа штотуку преживеан шок. Мајката бришејќи си ги рацете, не ce доближи до него (веројатно чекаше тој прв да стапне внатре), туку го гледаше пo малку збунето затоа што в недела нема од каде да ce купува, продавниците ce затворени, a и поштата не работи. Беше возможно да ce замисли подарок на тој ден, но беше невозможно да ce замисли од кого. Ним одамна веќе никој ништо не им праќа. Гледајќи го така со пакетот в раце си ja отфрли од глава и помислата дека со друга мајка тој би можел да има дете во пакетот, затоа што тие двајца одвај успееја да го добијат и ова што го имаат (мислеше на годините на детето), a доколку имаше дете во кутијата, сигурно не би ce појавувал со него дома. Сакаше да го праша „што носиш", но ce поколеба затоа што тој можеше да и одговори „пакет", a тоа беше повеќе од очигледно. Затоа е подобро да го праша, што има во пакетот и од кого му е. — He знам — рече таткото зачекорувајќи во собата небаре е принцот од Велс кој штотуку ce вратил од лов на лисици. Беше уморна недела: а) yморна од тешкотијата на следната недела исполнета со тефтери, машини за чукање, канцеларии, врати, шефови, секретарки, документи, странки... б) витлери, хидроген осум посто, киселини, ножиции ножички, ластичиња, фенови, огледала, колешки, муштерии... в) учителки, букви, непознато небо, моливи и пенкала, тетратки, другарчиња, Ана, непознати дворови, живи желки, мртви мачки, ручеци, доручеци, довечери, ќотек, ќотек, ќотек... * Пакетот, единствен по својата непозната содржина, седна на масата за ручање, меѓу чиниите полни ретка супа, идентификувајќи ce со престилката што ја покриваше нерамната површина на дрвената. Toj не можеше да ce стопи со содржината на ручекот и не му преостана ништо друго освен да продолжи да биде предмет на главното интересирање на двајцата седнати. Детето, престана да си игра во градината и со поленов прав на косата и прстите, криејќи ги ливчињата од разнобојни цвеќиња меѓу нозете и во џебовите, влечкајќи ce кон кујната ја исполнуваше тажно желбата на мајка си да дојде на ручек. Неделен ручек. Обично семејство. Откако ги слече сандалите полни со трева и коприви на влезот од каде што ce појави таткото, почувствува еден радосен клик, здогледувајќи го пакетот. Татко му одамна не му беше купил ништо. Секој ден си доаѓаше од работа ама ништо не му носеше. Тогаш зошто служи работата?, a еве сега не доаѓа од работа a сепак му носи нешто. Мора да е нешто големо, види само колкава е кутијата. Во секој случај, насмевката од лицето на детето беше неизбежна. Затоа немиен седна (оттука гледано) од десната страна на масата. Таткото е на чело, a мајката свртена со грб. Пакетот си стоеше немо на масата, затоа што и воз-расните беа неми и ништо не зборуваа (во првиот мо-мент). За тоа време детето не издржа и писна: — Тато што ми купи, тато што ми купи? Мајката му ја затна устата со „молчи додека постарите молчат". — Како тоа не знаеш? — ce осмели мајката да праша пред нешто да каже тој. A тој: — Еден човек ce појави, низок со сив мантил и длабока шапка. Беше уморен и испиен од некакви неволи. Можеби беше пред умирање. Но тоа никогаш нема да го дознаеме, затоа што ми кажа yште нешто и засекогаш исчезна од пред мојот поглед. Ти велам сеедно е дали го голтнала земјата или додека трепнав, тој искористи да исчезне. Ми рече нешто што не можам туку-така да го заборавам, ми рече „види човеку што ќе ти кажам, цел живот работев, бев роб на сопствената неостварена среќа, бев рудар, железничар, градител, пилот, ѓубреција, доктор на науки, лекар, војник, келнер, Американец, Англичанец, Кинез, крадец, директор, бродоградител, тифусар, милјардер, чиновник, Циган, писател, артист, женет, мрзен, сакан. Само уште не сум бил мртов. Сега кога ми преостана уште тоа да бидам, сакам тоа да го пробам. Овде во овој пакет ce собрани сите човечки неостварени желби, сета животна филозофија..." — Што ми донесе, тато што ми донесе, тато што ми купи? — пак писна детето и мајка му пак му ја затна устата со „молчи додека постарите зборуваат". Детето гневно си ja повлече муцката во себе и скришно, полу-демонски, така како што само дете може да гледа, го гледаше под влажните трепки на очите секогаш под-готвени да заплачат, пакетот кој сигурно беше за него само — зошто еднаш веќе не му го дадат? — „Ти имаше среќа — продолжи таткото — да бидеш тој што поминува оттука. Ти си одбран да бидеш среќен. Cè што успеав да си остварам во животот, биди ти во еден миг, биди отсега па натаму, биди вечно..." Ha мајката од една страна и олесна што во пакетот не беше дете од некоја друга жена (сите жени ce љубомор-ни), а, од друга страна, му поверува на странецот што умре и бескрајно ce израдува што, ете, имало господ, од денес и тие да станат богати и да бидат среќни. Размислуваше дека можеби не ќе мора да ја трпи неделата што доаѓа и можеби уште веднаш по отворањето на пакетот, наместо умор ќе почувствува блаженство. На таткото му беше веќе помината почетната возбуда и cera ce појави друга, уште поизразена и предизвикана од непознатата содржина на пакетот. Беше презафатен од помислата дека нему му дојдоа петте минути и од утре ќе биде друг, почитуван човек a не комшија на комшијата, a не најобичен граѓанин кој по ништо не ce разликува од другите 90% најобични смртници. — И уште што ти рече - праша жената? — дали ти кажа што има внатре? Додека зборуваше очите и ce зголемуваа, чуената лакомост и ги гризеше ноктите. Ајде да видиме. — Тато што ми донесе, што ми купи, a тато што ми донесе? - викна пак детето откако сфати дека него воопшто не го забележуваат, но немаше време да го доврши тоа што почна да прашува, затоа што мајка му го плесна и малку недостасуваше тоа да си го голтне јазикот. Додека траеше шлаканицата поленовиот прав што му ce насобра врз косичката и во ушичките наполно ce истресе a ливчињата од непознати егзотични цвеќиња, што ги држеше зад ушите, му ce распаднаа. Крупни капки солзи му ce одлепија од очите како метеори оставајќи зад нив светли траги - од неговите очи, до спротивниот ѕид каде што ce беа залепиле. Во свеста на детето ова одделување траеше вечност a кај мајката и таткото миг. — Молчи додека татко ти зборува, ти реков сто пати!, извика хистерично мајката, но веднаш штом продолжи да зборува таткото, таа ce смири. — Рече дека откако ќе ја отвориме кутијата ќе бидеме многу изненадени од тоа што ќе го видиме, но не смееме да бидеме лакоми, да ce полакомиме разбираш, туку умно да ја искористиме содржината. И додека таткото стана и ги протегна рацете кон пакетот, за да го отвори, a мајката почна да ce поти од возбуда под мишки и меѓу нозете, детето со молскавична итрина и брзина успеа од масата да го грабне пакетот и со пантерски скокови (чудни за неговата возраст) излезе преку вратата оставајќи си ги сандалите полни со диви треви, a потоа прескокнувајќи ги патлиџаните во дворот и оградата што водеше кон реката, да ce загуби како никогаш да не постоело на таа маса Мајката писна и си ги зари ноктите во лицето, таткото со огромни чекори, пцуејќи тргна да го втаса детето, но го штрекна нешто околу срцете (не умре) и ce ничкоса на прагот на куќата стискајќи ја земјата со прсти. Крвавата мајка реши да тргне по детето, но тоа веќе беше далеку. Навистина во правецот каде што исчезна детето во тоа неделно попладне, далеку кон хоризонтот, по земјата ce влечеше трага од поленова прашина, но таткото и мајката веќе беа престари за да тргнат било каде. забава во месната заедница Почитуван-адругарке со огледна тоа дека сте долгогодишен жител на населбата која ce води под месната заедница , со задоволство Be известуваме дека на ден во часот, по повод годишнината од постоењето на споменатата МЗ, ќе ce организира приредба-забава во просториите на истата, на која вие, како почесен и истакнат граѓанин сте поканет. Присуството е задолжително! Главен и одговорен: Организациона комисија: Коста Костовски 1. Петре 2. + 3. OR Комисијата за организирање забави и добро распо-ложение, со тајно гласање, од предложените десетина кандидати, го одбра другарот К. Коста за главен и одго-ворен уредник на претстојната забава, на која со горепо-кажаната покана беа повикани и неколкумина заслужни граѓани и активисти. Споменатиот настан беше главната причина поради која тој уште од раните утрински часови на дадениот ден, понесен од лесните крилја на цмагинацијата, додека си го „убедуваше" официјалното однесување, си стави без да забележи две вратоврски. Во колкава мера и со колкава сериозност си ја беше сфатил Коста задачата, можеше да ce забележи и по строгиот израз на неговото лице што го имаше и подоцна, додека седеше на малото поткренато плато, што специјално за него, како раководител, беше поставено на чело на салата во МЗ и по неговите штркнати очи што ги надгледуваа младенците и волунтаристичките активисти како работат. Тие забрзано ги распоредуваа столчињата покрај ѕидовите на халата во вид на буквата П, оставајќи слободно место во средината за најразлични активности. Така, набргу салата заедно со одговорниот на платото, изгледаше како буквата П, со крукче под него (гледано, ce разбира, од орелска перспек-тива). Значи вака П. Имаше и обид салата да ce намести во вид на буквата Т, со кои веројатно некои опозициони и илегални сили, настојуваа да ја поделат забавата на два дела, но благодарејќи и на каприциозноста на да биде cè пo негово (не е попусто одбран за одговорен), обидот не успеа Очигледно задоволен од подготовките, Коста некаде предвечер, на еден час пред почнувањето на забавата, уморен од давање инструкции и забелешки (чии спро-ведувања како што видовме ги помина на челната пози-цијаоблегнат во своето раководителско столче, кое, ете, првпат во животот му донесе каква-таква власт) ce пре-даде на неисцрпна медитација и форсирана имагина-цијакоја од мигво миг (за другите) стануваше cè поочи-гледна, преку начинот на кој тој постепено ce лизгаше од столчето надолу. Тoj, Кочо, седи на својот пиедестал, додека луѓето влегуваат еден пo еден и со кимнување го поздравуваат, a тој само благо им ce поклонува, не осмелувајќи ce да ce насмевне, овој гест за да не го протолкуваат „најразлично" неговите непријатели. Ce подисправа за да биде што позабележителен и откако сите што дојдоа (некои не успеваат да влезат поради нивната просечност) ис-поседнуваат со поканите в раце по столчињата распоре-дени во вид на буквата П... тој станува и извикува неколку пати Мир, Мир ... a потоа одржува еден „предговор, воведен збор кон забавата и општата веселба" кој, ce разбира, не го чита иако подготвениот диктат му лежи во внатрешниот дел на сакото, туку го кажува наизуст: за промените кои, ете, со секавична брзина го зафатија целиот прогресивен свет, a во кои промени и нивната МЗ активно ce вклучува со тоа што тој реши на оваа приредба да нема жива рецитација или настап на некој младински оркестар, туку сето тоа да падне на товар на „музичкиот систем" кој врз себе ја презема историската улога да ja забавува и подучува работничката класа При тоа тој покажува со прст кон едниот агол на буквата П, каде што ce наоѓа системот и сите извикуваат О, О, О! Уште вели дека нема потреба да ce малтретира ис-такнатиот и општествено признатиот уметник Икс да ги рецитира сопствените стихови пред нив, кога тој беше толку внимателен и им даде лента на која е снимен неговиот глас и која ќе имаат можност да ја слушнат за време на прославата, што сите со задоволство прифатија „Сега фатете ce во двојки и играјте на оваа музика" им вели тој на сите, и му дава знак на одговорното момче да пушти музика. Луѓето го прават тоа. „Сега смејте ce затоа што ова е веселба". Сите ce смеат. „Бидејќи заврши песната, сите на своите места и здивнете малку" — тие и ова го прават. „Ајде сега играјте на оваа песна, но овојпат секој сам, како што тоа го прават луѓето низ целиот свет". Сите со извици на радост ја прифаќаат сугестијата. „Некои од вас cera, нека ce оддалечат од подиумот за играње и нека повелат да ce напијат ладна лимонада, која е бесплатна и за оваа пригода специјален подарок од работните луѓе и граѓаните на нашата населба". „Сега тие што веќе пиеја, нека ce вратат да играат a тие што играа нека повелат да пијат" Сите ce задоволни, среќни, забавни, со восхит гледаат во него, тој на прекрасен начин ги доживува сопствените организациони способности. Почесните гости доаѓаат кај него и еден по друг му ги стегаат рацете, му честитаат, меѓутоа тој е цврст карактер и не дозволува да ce направи турканица околу него, туку на сите им сугерира да доаѓаат еден по еден. „Сите на своите места затоа што сега следи рецита-цијата"; сите седнуваат и паѓа молк во Месната заедница. Момчето пушта преку системот, глас на човек кој во еуфорија нешто кажува Луѓето ништо не разбираат, ама ce прават дека разбираат. Што ќе правиш — таква е поезијата! Поетската атмосфера ги смири духовите, но тој набргу ja реши ситуацијата и вели: „А сега, оро" Некој викна „да живее" и сите со насмеани лица ce фатија на оро. Стана вистинска забава и веселба. Луѓето викаат и скокаат, играат и ce веселат, солзи радосници им течат по образите. Kora завршува орото, сите застануваат, ce свртуваат кон него и му упатуваат долг, долг аплауз. Toj станува да им отпоздрави во исто време гледајќи и на часовникот, пo што им рече дека забавата заврши и оти треба да си одат дома. Следната година, пак. Сите си отидоа. Тишината пак ce спушти над салата во вид на буква П. Беше мирно и спокојно како што беше секогаш во нивната сала. Пред него работеа две момчиња кои покажувајќи кон столчињата предложија да ги наместат во вид на буквата Т, но тој скокна како попарен и им рече дека е подобро во вид на буквата П. И во тој миг, воопшто не му беше јасно дали нешто во таа сала ce случи, или дури сега треба да почне. злобниот танц на педагогот борис Во почетокот, низ малубројните, a сепак ефектни разговори за неверојатно снаодливиот и веројатно богатиот господин Љубе, кој ете, пак и купил на онаа својана жена, нова бунда, нова шубара, штикли, машина за перење садови, златни заби и др., кај мене ce појавуваа сосем незабележителни за околината, ситни кликови, на кои, ce разбира, не им обрнував поголено внимание и ce мачев да ги покријам со едноставно согласување со cè што ce зборуваше за него, не заборавајќи притоа да додадам, секако, дека не е cè во парите. Но подоцна, дали поради бесконечното размножување на кликовите или од нешто друго во мене cè доби непредвидлив тек. Кога ќе го видев како со сосем нов костум излегува од сосем нов автомобил и влегува во која било кафеана каде што за една вечер троши речиси колку мојата месечна заработувачка, почнаа ред по ред, да ми доаѓаат чудни идеи. Имено, добавав желба да му извадам едно око, или пак, да му скршам една рака, која било, што секако дека најмалку му одговара на еден педагог од мој калибар, или пак, јас да бидам тој којшто ќе му го извлече безживотното тело од бујните и матни води на реката, жалејќи пред сите што и покрај вложените напори, не можев да го спасам. И да постоеше начин, овие идеи да ме напуштат поради тоа што ce мачев што поретко да го гледам господинот Љубе тоа беше невозможно поради мојата Злата, која небаре ce мачеше секој миг од нашиот живот да го пополни со алузии на него, на неговата способност, куќа, смисла за пари, стил на живот, раскош, што секако претставуваше директен удар врз нашиот скромен, едноставен a ce ми ce чини и среќен живот. Токму ова и ми помогна кликовите, идеите и фантазиите да ми ce развијат до бесконечни големини, па почнав кришум да мечтаам дека еден ден можеби ќе го стресе струја од пет илјади волти, или дека ќе го викнат на некое боиште на Блискиот Исток, каде што ќе му ce загуби секаква трага, или можеби ќе доживее собраќајна несреќа или банкрот па ќе дојде да тропне на мојата врата да му позајмам некоја пара до први. Решив сонот да го претворам во јаве, но не да му извадам едно око, или да му скршам која било рака, или во краен случај да му ја силувам жената, туку да го убијам Господинот Љубе, со смачкување на неговото дебело тело меѓу два воденички камења, во мигот кога мојата Злата губејќи ја рамнотежата меѓу радоста и тагата, ми рече дека тој отворил дуќан. Срипав од моето столче како попарен и ѝ црекнав: „па добро, од каде има тој кретен толку пари!", но тоа веројатно не требаше да го направам затоа што Злата ме прочита, виде дека за првпат јас не можев да ги припитомам емоциите кои како бесни кучиња трчаа низ собата и ce удираа со главите в ѕид, па ми рече: „што викаш, па не значи дека ако ти немаш, нема никој". He дека сум лош или пак, непромислен и не ce познавам себеси како злобен или љубоморен, не дека не ги сакам луѓето (јас сум впрочем по професија хуманист), но некоја непозната сила која е заеднички именител за сите овие работи, почна постепено да ми ce крева од петици нагоре, накај главата и ce најдов себеси под раководство на некој кој дури многу подоцна, ќе ce идентификува. He затоа што тој има a јас сум... He, навистина не ce познавам себеси како злобен или суетен... не затоа што... како да кажам... не знам, едноставно cè уште не знам. A дека посакувам со камен за петици да му ја истругам кожата од целото тело откако ќе го избањам во врела вода, тоа го знам сигурно! И, почна Љубе да ce дуе (некои велеа дека само мене така ми ce чинело). И порано ce дуеше, ама сега го претера! Затоа почнав јас да претерувам во измислување начини како да ce ослободам од неговата дебела муцка. Откако отвори дуќан, престана и добар ден да ми вика и по цели денови изигруваше некаков трговец кој од работа не може глава да крене! Селанец! A и оваа Злата е на негова страна, постојано ми попува дека добро му оди работата и дека ете наједноставно речено парата го сака. Ми ce чини дека однадвор ништо не ми ce гледаше, но ете дојде време и да признам - одвнатре жив ce јадев. Посакував да го клоцне мртва кобила, но веднаш ми текна дека таа е мртва и оти нема корист од неа! И така, додека јас измислував и cè пo малку си ја работев својата педагошка работа, луѓето cè почесто велеа дека нему cè подлабоко му пропаѓа секирата в мед. Купил уште еден автомобил!!! Капак на cè ми беше и неговата жена која cè почесто и почесто доаѓаше кај нас дома и cè повеќе и повеќе зборуваше за тоа колку им е тешко и дека ние немаме поим колкава е таа одговорност денес да ce има дуќан, што мојата Злата секако го прифаќаше здраво за готово, пa дури и ce осмелуваше да ja теши. И cè тоа пак тоа: колку светлосни години им требаше за да соберат пари, но еве сега (лага) некако ce скрпија и ce надеваат дека ова лето ќе одат на заслужен одмор некаде на Пацификот. Поради сиве овие работи решив да преминам во кон-кретна акција. Почитуван господине Робеновски: Како лојален граѓанин на овој град и пред cè, како бескомпромисен борец за чистота на човековиот дух и морал, најсрдечно ве известувам вас, како претседател на Комисијата за испитување на потеклото на имотот, дека господинот Љубе А. со стан на улица „Змајска" бб, отвори дуќан со огромна квадратура и со мермерни плочи во предворјето, што не му одговара на личноста, со оглед на тоа што долги години пo ред го познавам и ми е сомнителен во поглед на спечалувањето на парите. Колку што знам јас гореспоменатиот, пред да отвори дуќан работеше како шеф во едно општествено претпријатие. Be молам во името на народот, да го испитате овој случај. Поради мојата педагошка репутација и добриот глас што ме бие, би сакал да останам анонимен. Однапред благодарен! He знам што стана со господинот Робеновски, со моето писмо и со целиот овој случај, но иако го видов заедно со Љубе како нешто разговараат, знам сигурно дека ништо не ce случи! Во меѓувреме Љубе ce дебелееше како теле, неговата жена си ја губеше постепено личноста во шарени крзна и пердуви, мојата Злата cè почесто ce караше со мене и морално пропаѓаше, a јас решив cè да земам во свои раце. Ce обидов да смислам минијатурен телеуправуван „сплаш" (тоа е направа ситна како зрно од сончоглед и е управувана однадвор. На човекот му влегува низ дишните органи право в стомак a на командата „ајде", која ce наоѓа кај тој што управува со сплашот, тој предизвикува експлозија на крвните садови и сета крв на чове-кот му ce полни со срчи од стакло и порцелан, зависно од тоа од каков материјал ce садовите), но набргу ce откажав од него затоа што ce плашев дека е премногу минијатурен и оти ќе го загубам пред да го употребам. Потоа сакав навечер, додека нема никој, да поставам стапица за мачки пред вратата на неговиот дуќан и утрината кога ќе дојде на работа да ce „фати". Потоа сакав да најдам платен убиец со булдожер кој „случајно" ќе помине преку него, пa снајперист кој од огромна далечина само ќе го рани (за да ce мачи), потоа сакав да го спакувам во сандак и да го пратам во земјата Канибалија и ред други работи. Me фатија на Велигден, како со голи раце ce фрлив да го давам Љубета и откако го легнав на тротоар ce обидував да му турнам две црвени јајца во двете ноздри од носот и на тој начин да го задушам. Потоа ме донесоа овде во оваа соба во која со сигурност знам дека не сум мртов и дека не ce мртви ни моите идеи! лоз Кочо копаше по утробата на градот. Ги прескокнуваше белите линии на пешачките премини, си ја местеше закржлавената коса во одблесокот на излозите, ги про-веруваше празните дупчиња на телефонските автомати, ce забораваше (со погледот) во задниците на убавите жени и уживаше во вревата на граѓаните кои беа излегле од работа, на појадок. Toj никогаш не појадуваше, затоа што пиеше многу вода, што ем беше поефтино од било што да купи, ем ја смируваше гладта Од една страна тоа беше добро, затоа што си заштеду-ваше пари, a од друга страна не беше културно затоа што ce враќаше дома мртов гладен и уште од вратата викаше „Жено, ручек"!, со неизмиени раце ce фрлаше врз обично скиснатиот грав, сосе леб, прсти и лице, како да му е последно јадење. При тоа џвакаше со отворена уста, a лигите му течеа уште пред да го лапне залакот. „Некој ден ќе ce удавиш", му велеше таа, но таа беше само жена и ништо повеќе. Затоа, попусто му врескаше „цицијо низаедна, зошто на работа не си купуваш појадок, како сиот нормален свет" или пак „да пукнеш". Ова последното таа го викаше кога Кочо откако ќе ce најадеше како свиња, легнуваше на постела и стенкаше од мака Одеднаш во себе го слушна зборот лоз. A потоа викаше „Жено! мео ме боли". Зборот како да дојде од туѓа уста. „Болки да те сотрат кога си стиснат", му велеше таа. Зборот лоз му предизвика во свеста бура на асоцијации кои беа толку нагласени што сети дека го боли главата. Прво на што помисли е дека во таа мака, зборот не го слушнал попусто, туку како господов знак. Си рече: „Ќе купам, па што сака нека стане!" И така почна. Влезе во лотаријата, првпат во животот. Купи еден лоз со една дванаестина од парите што ги беше собрал од заштедените појадоци a другите пари ги врати во нечистото шамивче и го врза во јазол. Лозот го бираше околу четиристотини и педесет години, со затворени очи, на среќа, со левата рака, со крстот на душевната беда, со помош на господовиот знак, со био-енергија, со трансцедентална медитација и други помошни средства. Откако го одбра, веднаш забележа дека не е како другите; овој беше искривен и тоа со неверојатно правилни линии и некако „посебно" стуткан, што одцаваше човечка дејност a никако некаква природна последица. „Значи некој си го забележа лозот што носи највеќе пари уште во самата фабрика и сега сигурно насекаде го бара", резонираше Кочо, „ама ете јас ја имав таа среќа да го најдам и Кочо е од денес богат, мултибилјардер! Да." Си запеа спокојно и излезе пак на улица, со намера да не го отвори веднаш лозот, туку подоцна по работата, на некое скришно место, дома или на некое друго место каде што веројатно пак ќе му ce јави знак. Впрочем важно е што лозот е кај него, другото е едноставно. Како и да е, мора прво некаде убаво да го сокрие за да не му го најдат и понесен од таа замисла, го стегна во десната рака, уште повеќе. Кочо, уште пред излегување од лотаријата почна да ce сомнева во продавачката на лозови која можеби забе-лежала дека тој го грабна најсреќниот лоз. Затоа тој претпостави дека таа ќе прати некого да го следи и кога ќе наиде на поволна прилика ЧАП! - лозот. „Е нема, жими мајка тоа да го дозволам", си рече, но сепак за да ce осигури во тоа во што ce сомневаше, реши да сврти уште неколку неконтролирани крукчиња низ град, постојано погледнувајќи крадешкум назад, a дури подоцна да ce врати в канцеларија. Еден човек со шапка, постојано му беше зад петици. „Ете, знаев!" си рече и го забрза чекорот. Сетне стигна в канцеларија и седнувајќи на неговото место им рече на сите, но во себе „Не знаете вие уште со кого си имате работа Од утре вашиот Кочо ќе појадува во Континентал!" Кога по неколку саати пак излезе на улица, повторно го забележа човекот со шапка и во паничен страв рече „Готов сум". Беше висок и крупен и повеќе од сигурно беше дека го следеше. Но, кога тој човек ce изгуби во темните ходници на некоја зграда, веднаш забележа како од истата зграда излегува друг човек со чадор в рака. „Мафија, нема што. Но тие мислат дека јас не им ја познавам играта? Едноставно тие ce сменија во следењето за да не бидат сомнителни, меѓутоа сите тие ce иста банда и сите имаат иста цел — да ми го земат лозот. Ама Кочо ќе им избега Да. Па сетне можеби нема да работам веќе државно, ќе си отворам бутик, ќе бидам газда. Газда Кочо! Убаво, убаво, да така ќе сторам". На тој човек со чадор подоцна му ce придружи една жена со чадор и еден маскиран поп. Ho, Кочо продолжи да си размислува: „Драги колеги и колешки, сега Кочо си оди од кај вас и еве гази врз вашите гнасотии" и ce замисли како ги гази административните хартии, му удира тупаница на шефот, ја фаќа за цицки секретарката a надвор го чека автомобил со личен шофер и личен авион, хеликоптер, спејс шатл и др. Потоа дали беше тоа само една обична мешаница од луѓе, дали беше тоа само секојдневна навалица не знаеше, но забележа како на тие што го следат им ce придружи уште една поголема група мажи и жени кои ce правеа дека ништо не знаат a всушност сите го следат поради лозот. Кочо постепено но сигурно земаше залет и почнуваше да трчка, во меѓувреме турнувајќи го лозот в гаќи, во случај ако сепак го фатат да им рече дека му паднал некаде пo пат и дека го загубил, па така ако може да му го поштедат животот. Удирајќи во минувачите тој со ужас забележа дека почнаа да излегуваат луѓе и од продавниците и да го следат. Конечно Кочо трчаше спринт. Главата му пукаше a стравот му растеше. Имаше впечаток дека целиот град го следи, дека сите ce против него. A сепак и во таа трка успеваше да си замисли дека од утре нема веќе вода место појадок, жена место повеќе, многу деца место ниедно, пешки место со кола, ѓубре место чисто, моркови место кавиар... зрна место пушка... коњ место слон... пушка... Кочо ce распадна во океан од истрели и во харем од жени и веќе ништо не му беше важно. Го копаше градот и ги прескокнуваше зебрите со еден чекор, бегаше a можеби и од самиот лоз што го криеше cè уште неотворен в гаќи. И, во таа силна трчаница ce разбира, ce сопна и ce струполи пред една продавница за сувомеснати производи. Двајца што ce најдоа најблиску ce стрчаа да му помогнат. My ja подигнаа главата и лесно го растресоа. Ce собра народ. Кога по неколку мига Кочо ги отвори очите виде безброј загрижени глави над него и почна да вика: — Го изгубив, жими мама го изгубив... еве немам ништо во џебовите... ми падна, жими децата ми падна! Немам! Пуштете ме да си одам! Кочо стана, ги турна сите настрана и во очите и зачудените граѓани со забрзани чекори избега држејќи ce меѓу нозете. Никој не ги забележа неговите насмеани очи. данка и карфиолите Состојба на никакво чувство - a, не, еве сега малку ветар. Сосем малку, колку да ме освежи и да ме уплаши. Дали ова го предвестува тоа подвижно нешто кое испушта топлина и милни звуци? Обично кога ce појавува тоа, ме обзема и љубов и страв, затоа што сепак тоа е мој непријател. Сите нешта ce наши непријатели. A сепак тоа ми носи течност чудни удари и благи болки по мене. Ce отворам колку што можам повеќе само за да го почувствувам кога ќе дојде; еве, испуштам cera и мирис но со тоа не можам да го уништам нештото што ме гризе и што ми одзема ситни делови од душата. Тоа е постојано, никогаш не умира Во тој дел од мене што никогаш не ја видел светлината на сонцето, во темниот дел, чувствувам како тече некаква течност, тоа сигурно е тука. Состојба на чувствување. Да, тука е. Испушта звуци кои ме болат и не стои во едно место. Можеби сега ќе умрам засекогаш. Одвај чекам. Одвај чакам јас и тоа да умреме. И тие. * * * На Данка дебелата веќе неколку дни ѝ е лошо, со никого не зборува, не прима никого, значи нема ни кого да испраќа, ce затворила дома и ги спуштила ролетните, a единствените прошетки ги прави во бавчата зад соп-ствената куќичка. Тие што макар за миг ја здогледале, велат дека косата наеднаш почнала да и побелува и тоа не по целата глава, тоа значи влакно овде влакно таму, туку целата лева половина од главата одеднаш. Значи другата половина од двапати. Велат уште и дека разговарала нешто само со Брзоногиот, a тој пак, барем еднаш неделно ѝ носи некакви писма, пакети, што ли cè не. Роднините кога ја чуле провокативната вест за нејзината затвореност, веднаш дојдоа со неколку коли за да ce уверат во вистината на озборувањата. Но, таа не ги прими, туку од малото пенџерче им даде знак со рацете да си отидат од каде што дошле. Така граѓаните (ние) ништо не успеаја да дознаат за нејзиното однесување. Данка во меѓувреме редовно си ја поткопуваше бав-чата, ja негуваше, ja поливаше со вода и, што ce вели, целосно и ce беше предала, заборавајќи на тој начин на несреќата што ја беше снашла со толку чудната депиг-ментација на нејзината коса од левата хемисфера на главата. Навечер таа имаше обичај да ce шета меѓу засадените пиперки, патлиџани, кромиди, карфиоли, компирчиња, борании и разни други салати галејќи ги со дланките. Најмногу уживаше да легне сред белите како снег кар-фиоли кои толку многу ja потсетуваа на рај, a не знаеше ни самата зошто. Легнуваше со грбот на нив и со занес го гледаше небото на кое светеа ѕвездички и авионски светилки. И така долго лежеше во таа „карфиолска пре-гратка" како бебе во свилени пелени, не претпоставувајќи никакво зло. A сепак некакво зло постоеше. * Едни од таквите како мене — никогаш повеќе. Знам, го чувствувам тоа. Тие шушкаа, црекаа и умираа. Морам што посилно да мирисам. Морам некого или нешто да уништам. Тоа нешто што ми носи течност, ме крева, ме исправа и пак го закопува во темницата делот од мене што не смее да види светлина, па ете, сепак виде. Тоа нешто ми донесе и течност што ја пијам студена, тенка, лесна, растворена и животна. Ја преземам со целиов ми труп и си ja разнесувам пo него. И во најтаинствените мои места... И во најтаинствените мои места има место за вода. Отсега ќе знам тоа нешто кога доаѓа треба да пијам, да пијам, што повеќе од cè што ќе ми ce даде... * Другиот ден наутро Данка ќе дојдеше во бавчата и ќе ги поправеше сите штети што ги беше направила прет-ходната вечер; ги исправаше карфиолите, или пак ги корнеше одземи и на нивно место садеше други, ја поправаше тревата околу нив, им носеше вода и ги полеваше, a од уништените приготвуваше вкусни супи или манџи. И така секој ден додека не забележала нешто сосем чудно: карфиолите што сето време живееја покрај оградата, значи недостапни за берба и за легнување врз нив, воопшто не беа бели. Тие беа златни — портокалови. Во првиот момент Данка ce зачуди од оваа појава и ce доближи поодблиску да ги разгледа. И тогаш за првпат таа поврзувајќи некои работи во непрекинат синџир на настани, со ужас сфати дека карфиолите ce обоиле со бојата на нејзината коса За да ги докаже сопствените сомневања, таа одвај ја дочека ноќта. Си ja расплете косата и легна меѓу кар-фиолите. Почна да прислушкува. Ништо не ce случуваше иако условите за тоа беа повеќе од поволни. Меѓутоа другиот ден речиси половина од растенијата ја беа добиле бојата на нејзината коса, a таа беше побелела сосем. * * * Cè што знам да правам е опстојување и борба. Cè за што сум решен е живот и смрт. Сега во темниот дел добивам една топла течност која неверојатно ми годи. Веднаш ja пренесувам на светлиот дел. Вака ми е многу поубаво. Јас го цедам мојот непријател. Тоа ми е единствениот излез. * * * Снеможена и обесхрабрена, Данка си ја забележа сопствената коса како и станува cè побела. Во паничен страв ги кренала рацете, кон сонцето. Да! Тие беа про-ѕирни! Крвта и пролета низ мислите и истрча надвор од бавчата. Таму карфиолите ce беа претвориле во макови. И наеднаш чуден мир и го обзеде телото затоа што разбра дека тие ce единствените суштества што ја сакаат. И легна меѓу нив. чирак Поштарот Марко Дебелиот, плукна пред себе на др-вениот под и сосем сериозно му рече на чиракот: „Додека ce исуши, да ce вратиш". Toj, не чекаше двапати да му ce каже и тргна И оди cera чиракот, оди, оди, оди, и стигна до една малечка дрвена куќичка каде што ѝ рече на Васка, слушај Васке, вака и вака, јас ќе ce вратам, вика, подоцна, вика, не чекај ме на ручек, a ceгa морам да одам. Потоа исчезна во длабочината на вратата и почна да ce одбива од малите порти по сокаците, како будала. Никаде не влегуваше, туку од врата прашуваше, каде може, каде можам, вика, да го најдам попот Апостол Млекарот (тој освен со свети работи ce занимаваше и со трговија со млеко). Едни му викаа вака, други така, a никој сигурно вака, или така. Koгa Јован Дрводелецот му рече дека е кај Павле Мијачки, a чиракот веќе беше тргнал во тој правец, попот Апостол пак ce беше вратил кај Јован, да си го земе назад крстот што го беше заборавил меѓу испиените шишиња вино, па Павле му рече на чиракот дека попот пак ce вратил кај Јован. И сега чиракот, трчаница, трчаница, трчаница, трчаница, назад кај Јован кој веднаш му рече дека попот само што си го зел крстот и тргнал накај Јусуф слаткарот што лани ова време ce преселил, вели, од таму и таму. Слаткарот Јусуф му ја отвори портата заедно со седум малечки браќа (сестрите переа) и му рече дека не, рече, не, попот не бил кај него тој ден, вика. Чиракот размислил дека можеби стигнал кај Јусуф пред самиот поп, особено ако тој по пат пак фатил некоја кривина. И за да не губи време, почна да ce враќа по истиот пат по кој што ce враќаше од кај Јован, но пак стигна до портата негова без да го најде по пат попот. Леле, вика, газдата ќе ме убие, плуканицата ќе ce исуши. Ама, ете ти го кај иде од горе, калајџијата Аврам Евреинот и сега чиракот фаќајќи ce за сламка му вика на калајџијата, слушај, вика, слушај рабине калајџиски, да не го виде попот, вика, некаде по пат? Го видов, рече Аврам, како застана на чешма, пие вода, ce плакни и разговара, ce кикоти со жеништата. Кога го слушна ова чиракот, газ преку глава, газ преку глава, газ преку глава, право на чешма, кога таму убавата Јана, срната Дафинкаи Марија Уф, си ги чешлаат косите руси. Тие му рекоа дека, да, попот бил тука, ce напил вода, ги штипнал пет-шестотини пати и отишол кај слаткарот Јусуф, знаеш, вика, тој со децата Назад чиракот кај слаткарот. Кога влезе во дворот, без да тропне и без да згази ниедно од малите браќа ѓаволи, го виде Јусуф како седи на софра лично со попот, a тој голта ли голта, тулумби, баклави, еклери и пие ли пие боза... Славен Исус, попе, вика чиракот, така и така, ме прати мојот стопан, да те прашам, дали знаеш каде е твојот побратим, светскиот човек, Еремија. Голтајќи една турска и една грчка баклава заедно, му рече да оди во црквата горе, на Куршумли ритчето. И пак, оди, оди, оди, и не ce задржа никаде пo пат, a кога стигна во црквата го виде камбанарот Харалампие и му вика, слушај, вика, Хари, да не знаеш каде е Еремија? Знам рече камбанарот. Пред половина саат со Митра Златарката (така ја викаа не затоа што таа имаше злато, туку затоа што татко и беше златар) отидоа да берат печурки, ако ме разбираш. Добро, рече чиракот откако Хари му го покажа правецот. По пат чиракот за да стаса до бавчата на шумарот Аргир, сакаше да ја земе маската на Доне, но и тој и таа беа липсани од умор. Добро. По пат, тој ја сретнал златарката Митра, како ce враќа од печурки, целата раскравена, размлитавена и башка разтревена и разсламена. Таа му рече дека, ехеј, беа заедно, да, но пред толку и толку време, a cera Еремија е во меаната на Павле Крч-марот, каде што сега пие рујно вино ем ракија. Чиракот почна да фаќа пена на уста. Но не ce откажа. Заповед си е заповед. Плуканицата си е плуканица. Тргна, значи, накај крчмата. По пат ce поздрави и со неважни личности, меѓу кои и со Спиро Пијаницата, кој кога сознал каде тргнал чиракот, решил да му прави малку друштво, да не биде сам. И тргнаа, појдоа значи двајцата во ист правец. Кога стигнаа таму, што да видат значи, сред бел ден, крчмата врие од народ. Чиракот право на шанкот каде што Павле точи ли, точи. А, грдата Славка, разнесува ли разнесува. Чиракот ги фрли очите низ ладната меана и откако не го виде Еремија, го праша Павлета, слушај, вика, да не знаеш, вика, каде е Еремија? Стопанот Павле ми пие, му рече дека Еремија ете го во дворот на меаната како седи со попот Апостол. Чиракот веќе полуонесвестен од трчање и со болка во левата половина (тоа колку го болеше толку и го храбреше, затоа што беше сигурен дека не го боли слепото црево иако на миг си помисли дека можеби кај него е на лева страна) и со широко отворените и ококорени очи излезе, излета, во дворот каде што навистина попот и Еремија метанисуваа неколку полни и празни шишиња. Co нив беа и некои неважни луѓе. И ceгa дојде во еден здив чиракот до Еремија и му вика, слушај, ме прати мојот стопан... Еремија веднаш го праша кој си ти, вака: Кој си ти бе? Јас? Да ти. Па ја сум негов чирак. Чив бе? Па на стопан Марко. И што сакаш? Имаш писмо. Кој бе? Ти. Што јас? Имаш писмо. П и с м о. Имаш писмо од Шпања. Кој бе, писмо од Шпања? Ти. Јас? Да ти. Добро дај го. Што? Како што, па писмото. Кое? Што кое. Кое писмо? Па тоа од Шпања. Аааа... пa не е кај мене. Што бе не е кај тебе? Па, писмото од Шпања. Па, каде е бе? Па кај стопан Марко, јас те барам да ти кажам да дојдеш да си го земеш. розови обетки — Таа живее со својата тетка и со својата баба, распоред што изгледа по малку чудно. Немаат ниедно машко в куќа освен Мурџо кучето и Бубе, што понекогаш ја начекува како ce качува по скали и ѝ ги гледа гаќите. Обични, пожолтени, машки. Бабата ja тепа тетката, a тетката младата која изгубена во бес фрла по Мурџо со cè што ќе ѝ дојде во рацете a потоа забрефтана и изнемоштена од плачење ce затвора во нужникот од каде уште долго потоа ce слушаше плачење, па стенкање, па свиркање и пеење и на крај како ништо да не ce беше случило излегуваше од таму. Така речиси секој божји ден. Ha бабата ѝ ce сотреа сите машки во семејството: кои од војни, кои од болести a кои од бегање во странство и од никакво нестигање абер за нивното постоење. Земјата ги голтна, косопадот им ја изеде душата, гламја ги сотре, пепел ce сторија, црна ce чума зададе по нивните бели умови..." имаше обичај да каже бабата палејќи старо луле. Таа секогаш седеше на главните места во светот: на чело на масата кога ce руча, на чело на орото кога ce игра, на чело на креветите кога ce спие и на чело на одлуките кога тие требаше да ce донесат. Пред неа вака правела нејзината сестра Фиданка, пред неа нивниот татко Илија што градел манастир, пред нив дедото Крсто, a пред сите нив комитата Мито. И така некои од нивните адети ce фатија и на оваа баба. Таа по цел ден седеше в меана, пиеше рујно вино и ич не ѝ беше гајле. Koгa ce враќаше дома пијана ce знаеше — здивуваше како дива ѕверка. Што правеше тетката во тоа време, не знам, само знам дека откако имаше неколку неуспешни обиди да викне пoп за бабата, исчезнала во непознат правец. И така останаа само бабата и таа. Таа го пушташе Бубе да си игра со нејзините гради, одзади во амбарот додека никој не гледа. И во сета таа игра cè беше некако премногу глуво, тивко. Ce слушаше само тресењето на нејзините долги розеви обетки (тиесе толку големи што речиси му соодветствуваат на нејзиниот врат) кои секогаш со шумот што го предизвикуваа, по малку го плашеа Бубета, но сепак го враќаа во стварноста, значи назад од неговата занесеност. Понекогаш тие и му пречеа, но не ce осмелуваше ништо да ѝ каже. Навистина воопшто не ѝ стоеја убаво. Таа честопати бегаше од дома далеку, во нивите со живо брашно, таму, веднаш во подножјето на Лимоновите шуми, каде што лежеше со грбот на тревата или скокаше со главата во Зелената река. И за сето ова време Бубе ja следеше, a бабата ништо не знаеше. Таа пак, ce правеше дека ништо не забележува И така таа честопати влегуваше во истата река во која тој претходно си ги губеше деловите од телото. Во таа убавина и во тој занес, Бубе ja викаше со него преку седум мориња и седум гори, a таа ce радуваше на тоа и скокаше во вис, како дете. Меѓутоа во тие скокови, дали Бубе халуцини-раше или пак Ѓаволот си ги мешаше прстите, таа ce претвораше во својата баба. Кога со нозете беше наземи — беше таа, кога со телото беше во воздух — вмиг старееше и беше својата баба. Дури подоцна Бубе дозна што значи таа работа. — Вие докторе сигурно веќе претпоставувате дека јас сум тој Бубе. — Претпоставував — рече докторот - но, не бев сигурен. Добро, ќе видам што можам да сторам и какви — — лекови за ова да ви препорачам. Ќе морам малку да бидам скржав, знаете каков недостиг на лекови имаме... Но за почеток земете ги овие цр... — A не докторе, па јас уште не завршив. — Добро, само скратете малку зашто, повторувам, немаме толку лекови. — Еве што ми ce случи. Таа закачи на таванот, точно над нејзиниот кревет, една голема железна кука и ме викна да си легнам со неа. Тоа ce случи рано наутро кога бабата лумпуваше по меани. Префрли едно јаже преку куката a едниот крај го заврза околу половината Другиот крај ми го даде мене додека лежев на креветот. Таа ce качи над мене, ce исправи, ме пречекоре и рече со сета сила да го влечам јажето надолу. И така почнав јас да го влечам јажето надолу, додека таа ce креваше нагоре. A тие обетки ce тресеа ли, ce тресеа И воопшто не ѝ прилегаа. He знам зошто и како, но таа колку повеќе ce искачуваше кон таванот толку повеќе старееше и ce претвораше во бабата. Кога стигна сосем до горе, јас веќе исцрпен, повеќе од звукот на обетките отколку од тежината на глетката, таа почна да ce врти околу куката, таква гола каква што беше. И тогаш ми текна на Лимоновите шуми и на Зелената река, но тоа само кратко ми траеше. „Дали навистина сакаш да избегаме" ме праша одгоре, на што нормално одговорив — да. „За тоа треба да ми докажеш дека ме сакаш. Од каде јас ќе знам дека нема да ме малтретираш исто како што ме малтретира баба ми. Покажи ми со рацете колку ме сакаш" — ми рече од горе. И што ми требаше кутриот јас, ги раширив рацете, левата в лево a десната в десно за да покажам меѓу нив растојание од еден метар, при што го пуштив јажето. Последното што видов беше еден мрак, тежок мрак, a последното што го слушнав беа нејзините обетки. Сигурно претпоставувате - таа падна со сета сила од таванот точно врз мене. И ce онесвестив. Кога си дојдов при себе почнав да чувствувам болки во пределот на желудникот, жолчката, бубрезите, 'рбетот, слезинката, јајцата, надлактиците и потколениците, главата, очите, белитедробови, коскенатасрж, ушите, црниот и белиот дроб... — Хм — рече докторот — ќе видам што можам да сторам за вашиот случај. Извади еден куп кутии во разни бои и рече: — Овие црвените, двапати по една на ден, овие зелениве, два дена по едно на пат, портокаловите, една по пат на ден, овие ќе ги држиш под јазик a овој јазик под овие апчиња, овие пола црни пола црвени ќе ги пиеш пo секој оброк, a за време на оброкот овие раствори ги во супа... — He сакам супа... — Добро, раствори ги во леб. A овие тука ќе ги пиеш кога немаш ништо што да пиеш и ич не бери гајле, сигурно ќе оздравиш, веќе нема да ти ce присторуваат розеви обетки. искушението на амфилехиј Пламенобрадиот исихаст, копаничарот Амфилехиј, самонаречениот светител и Фидиева десна рака, човекот што можеше со еден чифт нозе да направи безброј чекори, a на мало парче пелистерска молика да „извезе" над седум житија, истиот тој, помалку злобен и љубоморен по слава, Амфилехиј што тројцата Паламовци го беа накалемиле како знае и умее и по која било цена да го најде и да го донесе светиот ермин на Македонецот Григориј Велешки, ce појави еден ден, како од небо паднат, сред Охридското Езеро, исправен во кајче, сув и висок, држејќи една тешка книга во рацете. Веста за неговото враќање ce ширеше како шумски пожар и колку повеќе неговото кајче, носено од четворица снажни мажи наречени веслачи, ce доближуваше до брегот, толку повеќе тие што го беа пратиле по светот, задоволно си ги триеја рацете, покажувајќи нескриена надеж дека набргу за тајната на Григориј Македонецот — копаницата што живее и раскажува со гласот господов a чии тајни ce запишани токму во книгата што ја носи Амфилехиј, ќе слушне и самиот Цариград. Денот беше навистина победнички, но ноќта ce спушти премногу брзо, небаре слезе од круните на дрвјата. Co враќањето на Амфилехиј, спокојството во душата на крајбрежниот народ троа по троа почна да си заминува, потиснато од пустиот и веќе добро познат неспокој кој секогаш на различни начини доаѓаше во придружба на тегобност и страв. По нив, пак, тетераво ce влечкаа зачудените прашања: ако светиот ермин cera е во рацете на Амфилехиј, самонаречениот голем копаничар, тогаш во чии раце е Григориј, каде е човекот што пред толку и толку години потценуван и уценуван тргна преку Молдавија кон Русија и никогаш веќе не ce врати. И зошто Амфилехиј толку злобно ce смешка? Откако Светогорски (така најблиските го викаа Ам-филехиј) стапна на брегот, тројцата: Јован Калиста, иконописец со филозофски ум, Андреа Кидонес многу-ценетиот (за него велеа дека ја има видено Таворската светлина) и неговиот зет Павле Андроник, веднаш и молкома, водејќи го крадешкум по тесните охридски сокачиња, му најдоа ниска, темна и влажна просторија во урнатините на некој манастир снабдена со ореово, моликово, храстово и буково дрво, алатки од железо и сребро, масло за сликање, кандило, мирисливи треви и босилок; грнци со вино, пајажина, мувлосани ќошиња и малечка дрвена маса покрај бочниот ѕид. И пред да му речат — покажи што знаеш, му рекоа - кажи што виде. „Видов како господ посла бескрај над руската земја и народ со глинени раце како меси леб и пие вино. На гранките на денот видов обесени пилиња на мрзата и сјајни божилачни бои како ползат по ѕидовите на нивните цркви. Видов и вечна светлина како со сјајни столбови го поткрепува ноќното небо да не падне, кутрото на земи и луѓе чии раце ја носат таа иста божја виделина пo сопствените домови. И видов на една јасна полјана многу луѓе, мажи и деца кои себеси ce нарекуваа ученици, како клекнати држат во скутовите мали дрвени таблички и ги делкаат со остри алатки, додека очите им зрачат жед што не ce гаси со еден пехар. Таму го видов и Македонецот Григориј од Велес во кој беше влегол сатаната, како исправен држи сатански проповеди од оваа книга и како со зборови и дела ги маѓепсува учениците, самиот нарекувајќи ce учител. И малку подалеку од него видов една негова копаница што ја нарекол „создавањето на светот". Од неа луѓе мои, ce слушаше гласот господов како пее славни песни. И мене ме облеа чудна радост, блаженство и очите ми запловија по немирните бранови на тоа чудесно нешто". По видението, Калиста и Андроник, како по договор, испуштија едно долго — ооо, но нестрпливоста в миг го совлада чудесното и тие договарајќи ce да ја надгледуваат работата му рекоа „почни" и влегоа во темната езерска ноќ, напуштајќи ја уште потемната работилница Амфилехиј седна да работи точно триесет и седум дни и ноќи пред да заврши. Неговите наредни делници беа понесени на крилјата на надежта кон кулата на саможртвувањето и соживувањето. Ноќите и деновите му ce совпаднаа со монотоното сивило на работилницата, во чиј воздух исполнет со аскетско опстојување (леб еднаш дневно, вино - трипати) лебдеа инспиративните мошти на Фидија, на Нектариј и Разловец, на Зогравски и на Григориј од Велес, мирно и достоин-ствено, без да ја поттикнат во Амфилехиј свеста за тоа. Внимателно наведнат како Евреин врз книгата ермин, со треперливи раце на слепото кандило ги вртеше палимпсестните пожолтени пергаментни листови, небаре ги врти лево десно, напред назад, судбината и искушението на славата заедно со големото исчекување и бол ната неизвесност. Мисл ите му пловеа по вдлабнатините што ги копаше во срцето на дрвото како Дунав преку Карпатите. Kora стигна до триесет и третата страна, сатаната како да ce беше замешала и тука: невнимателноста (или пак намерната случајност) му го отсече од корен десниот прст и му го одзеде видот заедно со окото од спротивната страна. Копаничејќи. Крвта бликна по жртвениот олтар, но дрвото многу бргу ce напи божјо вино и уметноста продолжи... Дрвото ce делкаше бавно и без некои видливи резул-тати, a рацете спротивно на неговите желби (со преос-танатите прсти) создаваа асинхрони движења од кои произлегуваа асиметрични бразди. Дрвото ce делкаше бавно, a сосем незабележително ce делкаше и снагата на Амфилехиј. Големиот Калиста во изминатите триесет и пет дни дојде само три пати да види како оди работата и дали копаницата кажала нешто. И секогаш си одеше незадо-волен вртејќи ja големата глава лево-десно. „До сега ќе кажеше нешто", си есапеше тој. Но сепак треба да ce дочека крајот. A крајот беше сосем блиску. За разлика од него Кидонес и Андроник не си го мачеа кој знае колку умот. Тие под големиот илјадагодишен даб во коренот на Галичица, една ноќ незабележани од никого, си разменија подароци завиткани во свилени шамии — левиот прст и едното будно око на Амфилехиј. Во меѓувреме тој го довршуваше делото на Велешки. Kora најпосле ja прочита последната страна и прочитаното го вдлаби в дрво, збрката што ја виде пред себе со преостанатото око беше неискажлива. Зарем во збрката и нередот лежи светата тајна? Или пак таа cè уште не е откриена? Ce оддалечи уморен и испиен од сопственото дело од каршија на бочниот ѕид каде што лежеше тоа и тогаш гледајќи ја целата таа збрка оддалеку виде! Виде и разбра за прв и последен пат во животот. Копаницата не претставуваше ни „Христовото раѓање", ни „Четириесетте маченици", ни „света богородица", „Марија Магдалена", „Ангелите и воскреснувањето", ни „Светиот Богомил", или пак „Апокалипсата"... cè беше многу, многу едноставно... На големата дрвена табла беа вдлабени две огромни раце. Толку големи што одблизу не можеа да ce видат. Нивните линии беа реки, нивните релјефи — планини. Имаше и три огромни езера над кои летаа големи птици. Во бескрајните длабочини на рацете ce гледаа сосем јасно, афионски полиња и луѓе клекнати наземи, благи падини со убави и раскошни манастири, гроздобер, една голема река која надве ги сече рацете, плантажи на памук и ориз, бавчи со пиперки и патлиџани, жени со ленени платна на главите, вино, мажи фатени на оро... И тогаш модриот Амфилехиј сфати дека ова дело не е негово дека не го направи тој. Амфилехиј стана средство што послужи само да ce ослободи една одамна заробена енергија... И тогаш, дали од умор и халуцинации, дали од осакатеност на сознанието, слушна нешто како глас, како песна... „И чија смелост што за казна своја знае, на смрт подготвена е по цена на слава.." Kora над езерото ce родија мугрите на триесет и седмиот ден од годината на галебите, тројцата влегоа во работилницата полни со очекувања. Го видоа делото готово но ништо не сфатија од таа збрка. Cè беше некако без врска ишарано и нејасно. Ерминот никаде го немаше. Но затоа Амфилехиј лежеше веднаш до копаницата мртов со отворено око. Ha вратот, преку лицето и градите беше ишаран со крвави линии и тие веднаш заклучија дека тој сам си го одзеде животот поради неуспешното дело. Како, никој не ce потруди да си објасни. Сега конечно ce виде дека е измамник и тоа беше доволно. Калиста сакаше да им каже на другите двајца дека му ce причинува оти гледа на плочата две огромни раце, но ce плашеше да не го направат будала и си замолче. И така cera тоа воопшто не е важно. И излегоа. кога во скопје ги беа измислиле чадорите Таа болест. Болест за која ниту се зборува, ниту се покажува, а најмалку пак навреме се открива -а кога тоа ќе се стори, веќе е доцна. Се јавува без болка, доаѓа тивко и подмолно, а разнебитува и разнесреќува двојно повеќе отколку што може да се претпостави; доаѓа однадвор многубројна и разнослојна а нејзината цел е нејзините составни делови да се соединат во едно -во средината на телото. Ги напаѓа прво прстите од нозете и од рацете, па косата која побелува на очиглед, навлегува низ устата и низ носот, низ очите и низ кожата која не е покриена со облека и, лека полека, како крадец почнува да длаби во телото на човека без тој да сети дека нешто му се случува: без око да му трепне -што се вели. Нејзините многубројни делови небаре носејќи абер се сретнуваат во душата човекова и стануваат едно; едно кое ниту боли, ниту пече, ниту пак се помрднува од место, но човекот што носи таква болест станува напатен за навека: наклеветен да допека. * Беше ден за капење и чешлање на страна, ден за рубомена, за бричење, пребројување дребни деца, за мирисање темјан, за држење плачни очи врз богородичините, ден за одѕивање на камбаните, ден околу годините кога го беа измислиле некаде во белиот свет кадросувањето и конечно, ден кога - сполајти боже на името што му го даде - Трендафил напред а другите две деца и една жена по него, тргнаа да се кадросаат за првпат во животот, весели а сепак збунети, мирни а сепак недоспани. Се држеа едни за други - жена му и малите деца - за да не се изгубат во метежот на градот и да не го изгубат од вид него, кој трчаше напред на неколку чекори од нив дотеран и налицкан во селско како за на панаѓур, правејќи место со лактите помеѓу пазарџиите и муфљузите, помеѓу џамаларите и јаничарите, арапите и костенарите, оџите и хоџите, арамиите и бељаџиите, кој ниту срам ниту перде имаше во турканиците. И минуваа покрај нив пенџерињата на коџабашиите и расипаните стакла на слаткарите, сјајот на златните заби на златарите и темните погледи на крадците скриени во уште потемни сокачиња; минуваа покрај нив басма и свила-дуќаните, кафе и чај-сараите и никако било што и било кој од овие да застане на едно место зошто, Трендафил не даваше. Трчаше напред како споулавен туркајќи се и ритајќи се ту погледнувајќи си го палтото -да не му го шуфроса некој - ту вртејќи се назад да види дали неговите го следат. А тие, трчаа по него без здив и без застан иако очите на децата и очите на жената се лепеа како лепешки на пенџерињата на чистите и мамливи дуќани и да не беше кадросувањето како настан што ги чекаше, веројатно некој од нив понесен од убавините, ќе застанеше крај било кое пенџере и ќе речеше без срам сакам „ова" или „сакам она" и тогаш Трендо ќе мораше да го одврзе ќесето и да извади од дукатите и наполеоните што ги стискаше како стипса уште од денот на неговата свадба, за посебни прилики. Таа болест го фати Трендафила кога тој, а и сите по него. застанаа пред дуќанот со кадросани лица кои свртени вака или така, обоени или осенчени во образите, што жени што мажи, што Турци што Арнаути, си ги беа оставиле душите засекогаш заробени во малечки квадратни плочки и така бездушни скитаат некаде по белиот свет. Нежно задоволство помешано со страв се спушти врз себично стиснатите душички. Од долу некаде, од стапалата кон главите, им вриеше крвта. Така застанати и изненадени од возбуда, нивните лица личеа на слики во кои гледаат сликите од внатре од пенџерето. Се чинеше дека се сите среќни, се до мигот кога Трендо со веќе собрана храброст и со одлучност на глава на семејство, не рече: „Ќе купам чадор"! Бидејќи беше ден за кадросување и бацување икони се, ама токму се можеше да се вклопи во редот на мислите на жената и децата, се па дури и тоа дека конечно после толку одвлекувања, убедувања и расправии, сите заедно за спомен ќе се кадросаат а сликите ќе ги обесат на ѕид како што тоа го прават богатите трговци со басма и тие со свила и со кафе -но никако не можеше да се вклопи еден обичен чадор кој никој освен Трендо не го беше забележал како во истиот излог со слики стои исправен и горд во еден од аглите и, се разбира, беше за продавање. Секако не верувајќи му на тоа што го слушна, таа пак го праша, а тој пак одговори, а таа пак го праша, а тој пак одговори. Се упатуваше на тоа дека тој воопшто немаше намера да се кадроса и дека помислата да купи чадор му е од многу порано и дека за тоа не кажал само за да не се случи било каков план во главата на неговата жена кој би го оневозможило купувањето. Затоа, за прв бележит знак на појавувањето на таа болест кај него се смета мигот кога тој почна пред излогот со фотографии да вика дека сака чадор па чадор, како мало дете, иако имаше бајаги години. Дури и неговите мали деца го гледаа збунети поради сосема новиот' тек на настаните. Како и да е, на жената ѝ стана повеќе од јасно, а особено откако тој тоа најјасно и го кажа, дека Трендафил сака да стане, ако не чорбаџија, тогаш во најмала рака господин, а ако нема чадор, тогаш како и кој воопшто ќе препознае во него таква особина? „Добро бе, а со кој пари ќе купиш чадор, чадори да ти никнат на главата!" се обиде таа да спаси нешто ако воопшто може да се спаси, па продолжи дека што мисли тој оти ако купи, веднаш ќе го примат во пареа со богатите, него Трендафил гробарот, него Трендафил градинарот, него молерот и ѕидарот, него ѓубреџијата и носачот на грб, него вошкарот и продавачот на суво сено? „Не! Чадор ќе купам" -вели тој и очите се повеќе му светкаат додека на другите се повеќе им потемнуваат. „А што со твоите лафои од вчера со кои велеше дека утре, утре ќе одиме да се кадросаме, додека ние весели те дворевме и ти ги стискавме плеќите од радост?" -пак таа, иако се повеќе гласот ѝ тонеше во пискотот на децата кои се растревожија, чувствувајќи караница. И тогаш таа уште рече - како послецно нешто -дека на децата треба пинци да им се купат и дека газјата и солта се при крај а ... Ништо повеќе не вредеше оти тој викна на сиот глас -а дури и покрај големата турканица и влези -излези луѓе, сепак се најдоа неколкумина да се свртат и да видат кој вика – „Ќе купам чадор кога велам...чадор ќе купам!" Понатаму не се разговараше. Очите на Трендафила веќе не беа негови, му се беа спуштиле зениците во бунарот на сетата на чие дно се наоѓаше таа болест. Си го беше извадил марамчето и беше почнал да го брише бишкастиот си тил. Се вртеше ту лево ту десно да види дали уште некој му се пули дека сака да купи и тој чадор од истото место од каде што купил и зевзекот Трајко и господин Митре и поп Јосиф и госпоѓа Магдалена за зетот Милан, па дури и Трипун со двете ќерки што си ги беше омажил за трговци. Трендафил веќе не беше истиот од вчера. Таа болест веќе му беше номинала низ целото му тело па скромно му беше стигнала до жолчката па до желудецот каде што бидејќи не нашла ништо интересно оставила сè како што е, та продолжила да бара се додека во еден мал агол на телото не ја беше видела собрана од страв душата Трендафилова во чие меко телце веднаш, без двоумење, си ги беше зарила модрите си нокти покажувајќи дека не само што нема намера да си оди туку и дека нејзината намера е да остане. И колку повеќе таа го стискаше, толку повеќе тој не ја препознаваше веќе ниту сопствената си жена на која со инает и го беше разобличил ликот, ниту сопствените си деца кои почнаа да пискаат гледајќи и чувствувајќи дека нешто не е в ред, ниту пак минувачите кои сè повеќе заинтересирани за нивниот случај почнаа да прават мали крукчиња околу нивното семејство. Трендафил во тие мигови се гледаше само себеси како со чадор во рацете им се приклучува на другите азгани од маалото па заедно со нив го шетаат угоре удолу пазарот. Таа болест беше веќе завладеала со светот. Ја турна со сета сила жената од него извикувајќи „ај сиктер" и таа занесена од турнувањето падна врз двете деца а потоа заедно со нив сите тројца ничкум на земјата. Попусто се слушаа зборовите „немој жити јас, жити децата не арчи ги јабана парите..." ништо не помагаше, па таа плаченичкум си ги собра парталите и децата и оддалечувајќи се викна на сет глас за да го слушнат и сите други „Чуму ќе ти е, црни Трендафиле, чадор во земја каде што никогаш не врне дожд?" Откако остана сам пред излогот, го растера народот со пцовки гробарски и молерски па дури и пајтонски, извади од џебот една заврзана марама, ја одврза, ги изброи парите и смело зачекори во дуќанот. Беше пладне време и пожолто од кога и да е, кога Трендафил можеби посреќен од кога и да е излезе од кај фотографот исправен и горд во својата носија: со фес на главата, со широки ѕиври кои завршуваа во угоре свиткани пинци, бела кошула стегната со колан околу половината и црн елек од чоја. Во десната рака стегаше долг црн чадор и се пулеше ту наваму ту натаму помеѓу разбеснетиот од брзање народ. Направи неколку чекори по улицата и застана со подраширени нозе потпирајќи се на чадорот небаре се кадросува. И навистина не остана незабележан: почнаа да го поздравуваат што Шиптари, што Турци, што Арнаути, и Еѓиптјани, што Арапи и Арзербеџанци, што Курдистанци и што ти уште не. И што повеќе да се рече за лицето на Трендафила, беше тркалезно и смешно во сопственото задоволство -тој и таа болест беа среќни! Но одненадеж како никогаш дотогаш се втурна народ во бегство, фатија да пиштат жените и да плачат децата, да трчаат коњите и маските, да урлаат магарињата и мулињата, да се затвораат дуќаните да паничи дуњата. И се здаде невидена глутница по тесните сокаци: наидуваше таа во сопствениот бег како река, како лава, како крај на светот. Во далечината се гледаа јазици од пламен, пукотници и гласови на луѓе што умираат. Да, беше тоа ден за бањање, за седење в црква, за купување локуми и алва, за пиење кафе, за шетање и кадросување па дури и за купување чадори, но беше и ден за востание и побуна, за пожар до темел, па Трендафил падна на калдрмата со раскрвавена кошула и елек, со скинати пинци и ококорена насмевка на лицето, со чадорот стиснат помеѓу рацете, згазен од споулавената глутница која се беше дала во паничен бег. Така умре тој, а таа болест остана за да владее со светот. заборав Постојат луѓе на овој свет, коишто со нивната вечна едноставност ја фрлаат вечноста во очај; луѓе кои со најмал и наједноставен потег на раката даваат до знаење дека не го мерат времето; луѓе чиј простор е отворен кон бескрајот со помош на зборовите. Таквите луѓе имаат така некои ситници, некои марифети и дребулии, некои - општо гледано-грдости, од кои не се откажуваат до крајот на животот, дури и повеќе се обидуваат да ги убедат и другите околу себе дека единствениот правилен начин на опстојување, единствениот начин да се надмине времето и просторот е нивниот начин. Дедото Петре имал палто старо четириесет и две години. Знам дека некој некаде поседувал кондури стари дваесеттина години -кога зборувам за овие работи треба да се има постојано на памет дека тие сè уште се употребуваат - и дека видов капа стара петнаесеттина години, но такво палто е безмалку работа за која е достојно и да се живее и да се умре. Тоа е работа која еднакво тешко се остварува колку што е тешко сеќавањето на сите тие години. Навистина, тоа било кожено палто, долго, до потколеници, со крзнена јака и вистина е дека било и германско и дека можеби му припаѓало порано на некој Германец бидејќи Петре никогаш не спомнал дека го купил. Ова оди во прилог на тоа дека четириесет и две годишното палто можеби било и многу постаро. Како и да е - како што велел - штотуку го беше зел капутот од бојосување и го беше ставил да се суши на балконот на својот празен еднособен стан, кога оп непредвидени работи се случуваат -му го снемало! Се разбира дека првата претпоставка која паѓа на памет е дека некој му го беше украл додека тој во голем занес во посебни мали празни пластични кантчиња од јогурт, класифицирал шајчиња и штрафчиња, мутерчиња и жички. На ѕидовите на неговата соба немало никаква слика, никакво огледало, ништо. Тие биле празни, инаку ќе видел нешто иако бил свртен со грб кон балконот, некаква сенка, некаков отсјај, некакво магловито движење. Ништо! На неговата маса немало ништо освен пластичните кутивчиња и расфрлани стари весници, немало дури ни пиво, ни кисела вода, ни месо инаку можеби не ќе му било толку жал за палтото. На подот немал ништо послано, ниту килим, ниту черга, ниту пак некаков стап, туку само стари кондури, кутии расфрлани и недокренати инаку, можеби ќе му се спротивставел на крадецот. На неговото лице немало ништо, ниту најмал израз на гнев, ниту лошотилак, ниту пауза, туку само благост и мекост, инаку можеби крадецот не ќе се осмелел. Всушност Петре кога прв пат беше забележал дека му го нема палтото се кренал на нозе од столчето и за да се утеши самиот себе помислил дека се уште не го беше зел од бојосување, а на тоа ете едноставно заборави -изветреаност. И така смирен, едноставен, станал си ги облекол старите кондури и излегол. Најнапред бил малку нервозен и одел побргу отколку што тоа му го дозволувала здравствената состојба, а потоа колку повеќе се доближувал до работилницата се повеќе се смирувал себе за да изгледа што посмирен кога ќе си го земе палтото. -Добар ден -му рекол на мајсторот, а тој се свртел и го погледнал: -Господ здравје да ти даде комшијо, кажи што те мачи. Воздухот којшто бил набиен со отровни испарувања на бои и лакови и којшто му го штипел носот и очите не му дозволил веднаш да каже, но затоа по една кратка пауза прашал дали му е готово палтото бидејќи дошол да си го земе. -Ама, комшијо, ти воопшто не си ми донел палто на бојосување. -Како не сум го донел кога добро се сеќавам на тоа -рекол. -Не комши, ти само дојде утрово да ме прашаш за цената. Јас ти ја кажав а ти не рече дали ќе го донесеш или не. За да не излезе дека веќе не е добар за ништо, излегол од таму оставајќи ја отворена можноста дека се сомнева во искреноста на газдата но во себе наеднаш молскавично почувствувал некаква несигурност каква што прв пат во живот му се јавила. Постепено го фатила трема. Луѓето што биле присутни на разговорот помеѓу него и газдата се погледнале во очи, свртеле лево-десно со главите, а потоа прокоментирале нешто за годините. Петрета сè уште не го беше напуштила добрата волја па почнал да размислува уште повеќе околу тоа каде можело да му е палтото ако ниту е кај бојосувачот, ниту пак му го беше украл некој -впрочем кому му е потребно палто старо четириесет и две години. "Да ама кожно и тоа свежо бојосано" изговорил гласно за да го слушнат и другите и си продолжил по патот. Се сетил дека некни бил на гости кај Митре од вториот кат и се расположил. Се вратил во домот и веднаш полека-полека се искачил на вториот кат. Без да тропне влегол кај Митре. Тој гледал напред во исто како неговиот празен ѕид. Не ја свртел главата за да види кој доаѓа бидејќи видот и така не го служел -луѓето ги познавал по начинот на кој си ги движат телата. -А бре Мите, паметиш оти вчера си прикажувавме -прашал. -Е -рекол тој. -Ами да не го оставив палтото, тоа моето кожното, тука кај тебе. -А бе ти очи имаш?-прашал слепиот. -Имам! -Е па сврти се лево-десно, опули се и ако го видиш добро ако не пак добро. Всушност Петре уште веднаш кога влегол забележал дека му го нема палтото но бидејќи не сакал да поверува во тоа, се впуштил во разговор. Не можел веќе да мисли. Блиските сеќавања му допирале само до претходниот ден. На далечните од детството се уште по нешто и ќе се сетел, ама на претходниот ден никако. Да не го заборавил на друго место? -Виде кај тебе во соба? -прашал заслепениот. -Видов. -Види пак. -А бе видов кога ти велам -рекол веќе подналутен Петре. -Е тогаш види кај чистачките, можеби тие ти го пронашле некаде на некоја закачалка заборавено. -Да,чистачките му се јавиле како оддолжување а можеби и спас од оваа мачна состојба. Ја напуштил собата на Митре и со намера да му останат што повеќе надежи сепак се решил да провери уште еднаш во неговата соба. Влегол внатре. -Да имал нешто на четирите ѕида можеби и ќе успеел нешто да види. Да имал нешто, било што на подот или на креветот, нешто што би било друго нешто отколку ништо, можеби ќе си го најдел палтото. Излегол на малото балконче и погледнал карши одложувајќи го мигот кога ќе мора да се соочи со чистачките. Далеку пред него, во еден стан на трети кат една циганка чистела туѓи џамови и завеси. Одвнатре се слушала музика. Ја дигнал главата уште погоре и над него ја здогледал жицата и двете штипки со кои колку што можел тој да се сети беше фатено неговото палто и кога се проветрувало но и откако го зеде од бојо .......... но тоа веќе и не му било важно. Чистачката била наведната над кофата со вода. Ја нашол во салата за дневни активности и шах. Беше дебела и масна со голем задник. -Какво палто. Немам никакво палто. Си го заборавил негде и не можеш да се сетиш. Што? А не, јас еве колку години работам тука не се сеќавам да се случила никаква кражба, се што се случува овде во овој дом е заборав, само заборав. Е па сега вистина е дека твојот балкон е на приземје и дека секој минувач можел да си го земе, ама да бидеме искрени -кому ќе му треба стогодишно палто. Добро четириесетидвегодишно -така рекла чистачката. Влегол во неговата соба и за инает почнал да се сеќава што правел вчера, што правел завчера, ден пред тоа. Со вчудоневидување сфатил дека ништо особено не правел и дека во таква состојба живеел веќе пет години, помеѓу четирите ѕида и со старото кожено палто. "Јас имам четири браќа и еден верен слуга" -имал обичај да каже. И сега каде му е верниот слуга? Каде му се верните браќа? Ако му се верни зошто не му кажат каде е палтото? Излегол на балкон и погледнал во спротивната зграда. Тогаш му текнало дека некој од станарите можеби видел нешто, нешто што би било значајно за неговото истражување. Отишол во спротивната зграда. Заѕвонил на првиот кат не знаејќи ни самиот зошто тоа го прави. Единствено нешто што му паѓало на ум бил очајот. Отворило едно десетгодишно дете. Мазно и чисто како пепон. Убаво облечено, дотерано исчешлано на страна со патец. Позади него во длабочината на собата се ѕиркале контурите на некоја жена -можеби мајката. Таа го прашала гласно синот кој ѕвони. -Еден дедо -викнало детето -бара старо палто, некое кожено! -Кажи му дека немаме такво и дека сите стари пљачки сношти ги дадовме на циганката. Да дојдеше морано можеби ќе се најдеше нешто и за него. Море мекај викнала жената. По неколку минути напнатост, таа се појавила со едно старо сако во рацете. -Еве -рекла -мажот ми не го носи веќе, тебе ќе ти биде тамам, само треба џебовите одвнатре некој да ти ги закрпи и можеш да го носиш уште сто години. Потоа Ја затворила вратата. Петре останал така. Со сакото во рацете, не можејќи ниту да изговори нешто а камо ли да се мрдне. Се вратил тажен во неговата соба. Седнал на креветот и почнал да гледа во една точка. Некој тропнал на вратата. Тој што тропнал сам си отворил. -Ти си дедо Петре -проговорил гласот -Јас сум -рекол Петре. -Ми рекоа од советот на домот дека сакаш да дадеш некакво кожно палто на бојосување. Дојдов да го земам. * Има така некои луѓе - а можеби се сите такви -којшто не живеат ниту во време ниту во простор, некои луѓе, за кои само според нивната надворешност може да се заклучи дека талкаат помеѓу сеќавањата и заборавот. Иако сè уште не сме сите ние такви, иднината со киклопски очи нè гледа. камена фонтана Блаже - блажени да му се годините и блажена свеста со која се оттурна да живее на веков и на светов -по кратка ненастојчива борба беше попаднал под убедувањата на сопствената си сопруга инаку докажан човекољуб, па за малку се беше согласил дека во новата куќа која ја беа направиле за век и веков од гурбетски пари, треба да имаат, точно во дворот, кога се влегува - мермерна фонтана со водоскок. Се што можеше да одземе од идејата на сопругата, а на што се однесуваше тоа „за малку се беше согласил" беше дека навистина не можат да направат мермерна фонтана со водоскок затоа што имаат уште толку пари колку за мермерна фонтана, па ако ги потрошат ќе немаат веќе пари за ништо па луѓето ќе им се смеат. Затоа предложи да не прават фонтана туку едноставно да го поливаат дворот со црево, на што таа му рече дека фонтаната не служи за поливање двор туку за да се гледа и не доаѓа во обѕир да не направат. Потоа си замолкна затоа што таа на крај додаде дека тој е селанец па не се разбирал од гратски работи. Идејата за фонтаната нејзе ѝ дојде наеднаш како што им доаѓа наеднаш на птиците да снесат јајца, како што наеднаш почнува да врне иако нема облаци, како што само од мозокот на една таква жена може наеднаш да исплива на површината на водата, на виделината на белиот ден, такво нешто. Всушност на почетокот на сите почетоци таа беше видела не се знае каде и не се знае како ама се знае дека во туѓина и во јабана, некаков водоскок во дворот на некоја куќа и посакала и таа да има ист таков без разлика на цената и на трудот што секако дека на Блажета не само што не му одговараше туку и сосема ѝ се спротивстави затоа што, кога би направиле - како што велеше тој -фонтана во дворот на куќата не би им личело со околината која во многу што е посиромашна од потребата да се има таков еден предмет во дворот. Се разбира дека тоа што го беше кажал како само за себе и како на ветер, навистина беше на ветер затоа што не само што таа не сакаше да го послуша туку и се направи дека воопшто не го познава па скоро и да немаа расправии по тој предмет иако Блаже - од дното на својата душа посакуваше и тој да земе какво - такво учество во градењето на изгледот на нивното ново живеалиште, во што имаше сосема површен успех. Површен затоа што таа се беше согласила само со тоа дека не треба да се согласи воопшто со него околу спомнатото прашање. Спорот многу повеќе го усложнуваше целокупната или пак делумната - тоа зависеше од расположенијата -нејзина рода која сметајќи дека таа не само што треба, туку и мора да се однесува како госпоѓа - а особено откако молскавично престанала да бидува другарка – најсрдечно ѝ ја препорачуваа мермерната фонтана во дворот на куќата, дури и ја поттикнуваа со тоа дека во доцните летни квечеринки откако спарнините ќе појдат на починок, сите весели ќе седат околу фонтаната ќе се ладат под милиот ветерчок и ќе гледаат кој поминува и зошто поминува пред куќи. Особена настојчивост во ова насока покажуваше сестрата на госпоѓата која понесена од идејата, го овековечи односот на двајцата сопружници со тоа што рече за Блажета дека, што знае тој што е стил и како се живее на висока нога бидејќи цел живот само 'рмбал и саде плускавци може да изложува пред белиот свет, а мора да се признае работата веќе не е во мода, туку уживањето. И кога веќе беше на повидок нејзината победа и кога Блаже се беше веќе делумно предал, таа самата се откажала од сопствената идеја, што на почеток на Блажета скоро и да не му се веруваше. Но во овој случај требаше да биде малку попретпазлив затоа што таа во своите мечтаења беше отишла многу подалеку од било какви претпоставки -па решила без око да и трепне фонтаната да ја премести од дворот во самата куќа - во салонот! Тука во овој миг иако од градењето на фонтаната се уште немаше никаков абер, значи само околу идејата, брачните односи на сопружниците зедоа сосема неочекувани насоки иако тоа однадвор не можеше да се забележи бидејќи Блаже со ништо, а за тоа можат да посведочат и другите луѓе кои го познаваат, значи со ништо не покажа дека е кадарен да направи такво нешто како што направи во текот на нивните најголеми расправии. Блаже, како што и самото име говореше место него, не беше воопшто злобен човек, туку може да се рече дека беше и добар и трудољубив и со мака си ги беше спечалил парите собирајќи ја секоја пара од ден на ден, од година во година заедно со неговата мила сопруга која пред толку и толку години беше кротка како него и со ништо не наликуваше на личност каква што набргу се покажа дека е. На прашањата на роднините за вистините и лагите за градењето на фонтана тој одговараше отсечно, скромно па дури и шкрто па се чинеше често дека зборовите ги беше орочил во банка за кога ќе си ги земе назад да има било каков ќар од нив, што подоцна се покажа како вистина. Комшиите – вклучувајќи ги тука и странските и домашните - исто така можеа се за него да помислат, само не за тоа што навистина го направи. А еве што направи. Сè започна откако таа незадоволна од фонтана во дворот покажала интерес за фонтана во самата куќа и кога еден ден, рано на сабајле додека уште Блаже се бричеше таа му ги покажа плановите, скиците и нацртите за истата, на што Блаже се изненади до вчудоневидување не затоа што не му се веруваше туку затоа што сфатил дека таа не само што наумила тоа да го направи, туку и без негова дозвола беше порачала мајстори за истиот тој ден додека тој се бричеше. Тој го фрли бричот и сакаше да и се развика, но „сакаше" беше најмногу што можеше да стори бидејќи беа дошле роднините и пријателите и сите повеќе со смеење отколку со восхит и се воодушевуваа на идејата и ја поддржуваа. И пак некој од нејзините најблиски ја пофали и и рече дека и така идејата за фонтана во дворот и не беше којзнае каква бидејќи ноќите се ладни и може и да ти престуди. Но, фонтана на сред куќа во приемната сала, тоа е веќе нешто со голем стил, нешто што можат да си го дозволат само луѓето со добар вкус. На госпоѓата толку ѝ требаше па радувајќи ѝ се на сопствената памет додека Блаже гледаше и не му се веруваше, таа им го покажуваше на насобраните роднини местото предвидено за фонтаната со водоскок а тие сите рекоа – „оооо!" Излез се чинеше дека од оваа ситуација нема. Откако ни по неколку дена - иако и овој пат Блаже попушти - не почнаа подготовките за изградба на фонтаната тој се наежи на помислата дека нешто страшно ќе се случи. Една вечер додека пред спиење сопружниците си беа легнале во спалната соба без сон да ги фати - едниот кроејќи нови планови, другиот треперејќи од страв од истите тие - таа рече дека долго размислувала и дошла до сознание дека најдобро ќе биде фонтаната да ја изградат во спалната соба точно пред нивниот кревет со што ќе придонесат да си ја прекинат несоницата оти многу бргу би заспивале понесени од жуборот на водата која слапесто паѓа удолу. А најсетне, водата би можела и да им ги разладува сништата. Се разбира дека и на оваа длабока промисленост на госпоѓата на Блажета, сите бурно изреагираа со одобрување па постепено самиот Блаже почна само за себе тивко мрморејќи да размислува околу тоа дека некој во оваа целосна состојба не е токму. Бидејќи има многу повеќе луѓе кои го делат мислењето на госпоѓата и не само што го делат туку и го подржуваат, Блаже - блажен да е господ кој му го даде името - се беше убедил самиот себеси дека тој е тој што е нетокму затоа што неговите мислења се спротивставуваат на општоприфатените. Бидејќи фатен во такво неверојатно душевно расположение немаше друго што да прави туку да прифати и да направат фонтана во спалната соба. А потоа дојде и тој миг кога конечно се осмели да го каже тоа што го кажа и кое што беше најстрашното од сите страшни спротивставувања на светот. Тој самиот не ѝ остана должен на Блажеица и на другите околу неа па на крај сепак излезе по неговото Кога најпонизно ѝ рече на госпоѓата дека ја моли со длабок до земја поклон да му ја послуша последната желба која гласи: бидејќи немаат пари за мермерна фонтана да ја направат од бел камен. Таа подигнувајќи ја малку едната гајтан веѓа, така одозгора му рече воопшто не размислувајќи „нека биде!". И така си живееа среќни уште многу долги години. А јас дојдов да ви кажам. килибарско око Еден паталец рисјанин, родум цариграѓанец, во Петрово го беа завикале Барабан со името на еден разбојник за кого Јудејците сметале дека треба да биде ослободен наместо Христоса, затоа што за време на слава не сакаше да ги почитува законите господови и да влезе в црква та да запали свеќа. И не само тоа: набргу се покажа дека иако навидум спокоен продавач на тутун, басма, свила и кожи, тој со себе ги беше донел и сите пакости на векот и светот за кои дури ни самиот тој не бил свесен. Неговите маки со носењето на тешкиот крст на неговиот прекар, започнаа со најприродното и најсрдечното штипење за образ на Шишкота - најмалиот брат од тројцата синови на Спиридон од Петрово. По неколку дена откако Барабан го погали по глава и му се насмеа, Шишко падна на постела се исуши и отиде на другиот свет, се разбира без никој, да ја поврзе смртта со присуството на паталецот. Дури ни самиот Барабан не можеше да биде свесен за тоа, па најискрено им изрази сочувство на Петровци полнејќи си ја устата со блага пченица и лута ракија. Не поминаа ни неколку дена па Барабан се заљуби во Петра на Бурназовци гледајќи ја како тресе јамболии од чардакот на нивната куќа. Таа го беше загледала само за миг в очи а тој веднаш и на лице место заљубувајќи се реши да ја има и да ги даде за неа сите трговски стоки со кои имаше намера да отпатува за Дубровник кај некој си Ловро - Ловро кај кого сета роба му беше таксана за златници. Не помина ни една недела, младата Петра падна болна прво во рацете на нејзината мајка Бурназовка, а потоа во прегратките на нејзината девствена постела, тресејќи се во страшна грозница. Грозницата ја тресеше уште неколку дена додека не ја истресе кај Шишкота. Варабан падна во очај размислувајќи дека сето тоа не води на арно бидејќи изгледа дека го тера некаков баксуз. Луѓето од Петрово почнаа да се сомневаат во Барабана, на денот на свадбата на Мара со фиљан човек од Булгарија. Барабан седејќи во летната бавча на една меана, гледајќи ја свадбената поворка со младоженците, како поминува во пајтон на кој беа впрегнати два арапски коња по кои потрчуваа чалгии, сватови, роднини и пријатели, гласно и пред сите ја пофали снагата и убавината а пред се бојата на едниот коњ. Коњот падна ничкум на земја растурајќи го пајтонот со младоженците на парчиња и предизвикувајќи огромна паника помеѓу свадбарите. Во тој миг, поврзувајќи ги претходните два случаја сите заклучија: „Барабан има урокливи очи!" и сите извадија од пазуви најразлични талисмани, обетки, џинџури и зајачки шепи, дрвени крстови и си ги обесија по телата кој каде стигна. Освен тоа му рекоа да си оди колку што може побргу од Петрово. Бидејќи и самиот Барабан се уплаши скоро до смрт, се повлече од јавниот живот решен и самиот да го провери сомневањето на Петровци. Во замена за сета негова стока си купи една десетина овци и се изгуби во непознатите и мрачни предели на најблиската планина. Наредниот ден, одбра една најубава овца и ја тргна на страна: таа веднаш отишла кај Шишкота и кај Петра. Потоа зеде црна риза си го затвори левото око а со преостанатото си ја одбра најубавата овца и ја тргна на страна. Таа веднаш пцовисала и отиде кај Шишкота, кај Петра и кај едната овца.. Потоа Барабан си ја смени ризата на десното око и одбра од купот најубава овца и ја тргна на страна: таа не само што не умре туку весело почна да си потскокнува и да си игра. Барабан сфати дека десното око му е урокливо па си стави преку него кожен превез за да се спаси себеси а и другите од себе. Со здравото око успеа во наредните недели од Пиришница да си одбере една жена на која ѝ кажа дека окото го загуби во војна и сега му е стаклено. Со неа доби машко дете кое го крсти Ристос сакајќи со тоа да се покае за се што грешел во животот. Меѓутоа еднаш, неговата жена сакаше да види како изгледа стаклено око па додека спиеше му го извади кожниот превез и чекаше да се разбуди. Кога се разбуди Барабан ги отвори двете очи и ја виде над себе насмеаната сопруга на која тоа ѝ беше последна насмевка во животот оти набргу заминала кај Шишкота, Петра и едната овца. Голема и преголема беше несреќата на Барабан па сакајќи да си го заштити пред се синот а потоа и другите луѓе од себе, сам со сопствени раце си го искорна урокливото око и им го фрли на кучињата. Но кучињата не сакаа ниту да го помирисаат а камоли да го изедат и го фрлија во еден длабок трап каде по неколку години дожд, снег, вода, кал и мраз, се скилибари. Кога наполни седум години Ристос, синот на Барабан дојде еднаш однадвор кај татка си викајќи од врата: „Тате, тате, види што најдов", и му го покажа на Барабана сопственото килибарско око. Кога тој го виде окото падна болен и го напушти во тешки душевни маки светот заминувајќи кај Шишкота, Петра, едната овца и сопствената сопруга, не успевајќи ништо, ниту еден единствен збор да му остави во спомен на синот туку само пакост, неспокој и душевен немир. зорт Еден од нас ни рече дека на тој што се претстави како Спиридон, не треба да му веруваме. Прво, затоа што еден таков Спиридон (со слично име) веќе бевме истерале од нашето место затоа што сите заклучивме дека е штетен за нашето единство а второ, затоа што тој што ни рече дека не треба да му веруваме на Спиридон, забележал дека човекот што го донел Спиридона го ословил со друго име и презиме а не со Спиридон, со кое тој се претстави само што дојде. И затоа не му поверувавме на Спиридона. Комшијата којшто ни ја донесе оваа вест, односно печуркарот, беше пред се познат како праведен човек. Ова „праведен човек" го велиме сите затоа што тој долги години наназад се занимаваше со одгледување на печурки и никого од нас досега - еве толку години како што сме заедно -не отрул, иако имаше добри причини да го направи тоа, кога еден од нас му ја беше пукнал главата со дршка од лопата затоа што печуркарот му беше продал три килограми печурки, а едниот од нас при мерењето увидел дека му фали половина килограм. Одделно од оваа немила случка, еднаш додека нè беше зафатила неверојатна глад -гладна година - тој нè хранеше со печурки цела зима: со суви, со пресни, со конзервирани и воопшто не ни побара пари - прав комшија нема што. И оттогаш тој се здоби со толку голема доверба кај нас што со ништо не можеше да си ја уништи. Во такви околности, се разбира дека кога ни рече дека на Спиридона не треба да му веруваме, ние тоа го разбравме како закон и воопшто повеќе не навлегувавме во тоа зошто и како. И затоа не му верувавме на Спиридона. И уште нешто: неговото доаѓање се совпадна со денот кога го испративме Бубе чалгаџијата. Наспроти неговиот табиет беше сончево и тивко кога го погребавме. Го испративме како што го правевме тоа и со другите: со мафтање на раце, со пискоти на жени, со смеење на децата кои не се разбираат од смрт, со прикривање на машките солзи и се разбира со прикривање на поединечните ситења и задоволства. На испраќањето се бевме собрале сите: кој гологлав кој босоног, кој бессон затоа што тој сепак и покрај тоа што му грешеше душата и освен чалгаџија беше и кабаетлија, го сметавме за еден од нашите: и вмрочем -кој не грешел нека фрли со камен. Еден од нас му кладе свирче околу тилот иако ние сите викнавме „а бе што ќе му е на мртов човек свирче околу вратот: Бубе цел живот свирел но не на свирче!". Тој што му го кладе не праша како замислуваме ние дека Ќе се затвори сандакот ако му го ставевме канонот околу тилот. И со тоа не убеди. Уште додаде, дека барем ќе има во што да дува на оној свет. Жената на Бубе за тоа време кубеше коси -не толку од жал (Бубе ја тепаше) - и коленичеше пред гробот, а како врв на целата претстава се спремаше да падне во несвест – но ние не ѝ дозволивме. Е токму тогаш, кога бевме сите занесени и подготвени да ја прифатиме Бубеица на нашите раце ако падне во несвест, почувствуваме дека некој нè гледа! Бре мајката! Се вртиме, се тртиме, ту лево ту десно -не бре, никој! А сепак некој гледа! Пак се вртиме се тртиме и тогаш подалеку некаде од шумичката гледаме не гледа висок човек, слаб како штрк со наочари: чуждинец-јабанџија. И тамам почнавме да се прашуваме кој е тој, зошто гледа и зошто е дојден, кога ете ти го печуркарот како ни вели дека не треба да му веруваме. Ние си помисливме дека сигурно му е некаков род на чалгаџијата и затоа дошол за последен пат да го испрати. И толку. Го оставивме да гледа. Значи, откако ја спасивме Бубеица повторно се собравме околу гробот и гледавме како од него еден полжав со големина на биволско око, мудро и полека се искачува угоре од мракот кон светлината на денот. Тој миг беше единствениот кога некако бевме заборавиле на Бубета и почнавме сите да мислиме на тоа дали тоа биволско око ќе успее да се искачи до горе или не. Почнавме да навиваме секој за себе и во себе, па дури и опклади почнаа да паѓаат - се разбира само во нашите мисли. И така додека го гледавме полжавот, еден од нас неможејќи да го издржи очниот притисок што го упатуваше човекот, лажно претставен како Спиридон, се сврте и го виде како се доближува кон нас. За да не се уплашиме од него но и да му дадеме до знаење дека ништо не ни значи неговото присуство, ние продолживме да го гледаме полжавот иако секој од нас поединечно, чувствуваше морници како му лазат по телото додека тој се доближуваше. Во тоа време полжавот ја беше изгубил насоката на движење и се беше упатил хоризонтално по ѕидовите на гробот со што губеше секаква надеж дека ќе излезе оттаму – да ти се плукнам во глупавиот полжав. Веројатно се беше и тој уплашил од туѓинецот па беше решил да не излегува. За тоа сам си беше крив затоа што ние, сите грабнавме по една лопата во рацете и почнавме да фрламе врз Бубета песок со што му ја запечативме судбината и на полжавот. Спиридон дојде и од внатрешниот дел на палтото извади пластично цвеќе и го фрли врз Бубета, што беше знак дека навистина го познавал. Нас тој гест не ни се допадна затоа што земјата не трпи пластично цвеќе. Откако ја завршивме целата церемонија и жените почнаа да си одат по домовите, ние се собравме околу Спиридона и тој вака почна да ни зборува. „Добар ден, добри луѓе!" Ние, затоа што не му верувавме му рековме дека денот прво и прво не е добар, затоа што го закопуваме Бубета, а второ, од каде знае тој дека ние сме добри луѓе: можеби сме лоши и можеби ќе го изнатепаме или ќе го избркаме. „А нема ниту да ме изнатепате ниту да ме избркате кога ќе дознаете зошто сум дојден." „Зарем не си дојден заради Бубета?"-прашавме ние. „Кој е тој?" - праша Спиридон. "Овој човек тука" -рече еден од нас покажувајќи со раката кон полжавот. „А не, не го познавам." „Па тогаш оти му фрли цвеќе?" „Зарем е тоа греота?" „Не, ни од далеку, само мислевме дека тој ви свирел на свадбата" „Зарем ви личам на женет човек?" Навистина странецот кој сè уште ни се немаше преставено не беше изненадил сите нас. Толку не беше изненадил што ни беше создал во главите неверојатна збрка: ако не е дојден поради Бубета, и ако тој не му свирел на свадба, тогаш во што е работата? „Па тогаш зошто си дојден?"- праша некој од нас. „Како зошто, зарем е забранета посета и какво е ова ваше надалеку чуено гостопримство?" Навистина се најдовме погодени од овие зборови на Спиридона затоа што ние навистина бевме надалеку прочуени по нашето гостопримство; но откако претходниот Спиридон ни го стори тоа што ни го стори, оттогаш ретко кого примавме меѓу нас, но сепак не треба да се биде негостопримлив: впрочем за што и да беше дојден човекот доколку има - си велиме - некаква врска со нас и така ќе разбереме. „Дозволете да ви се преставам, - рече - моето име е Спиридон и дојдов да ве соберам - рече – сите утре точно напладне во меаната за да ви кажам зошто сум дојден." Ние не рековме повеќе ништо затоа што за што и да беше дојден и така ќе дознаевме другиден, а за да не го доведеме во прашање нашето гостопримство го оставивме Спиридона да прави по свое иако воопшто не му верувавме: уште повеќе што печуркарот цело време вртеше со главата лево десно и покажуваше знаци на очигледна возбуденост и недоверба. * На еден од нас печурките во последно време не му успеваа најдобро: ги беше фатила некоја склероза или некаков с'клет па се беа заборавиле дека се печурки та почнале да се трошат, да се лупат и да паѓаат: со други зборови речено, ич да не напредуваат. Поради ова, ние иако сакавме да му веруваме се сомневавме во вистинитоста на исказот на печуркарот околу името на Спиридон; тој можеше тоа едноставно да го каже под дејство на тагата што го облеа поради сопствените печурки. Не дека го браниме Спиридона ама што е вистина - вистина е, на печуркарот му липсуваат печурките. Неговата жена вака му рече - вели - ако продолжат вака ка овој начин да ни се сушат печурките - вели - ќе ни се исуши и земјата под нозе - вели - и на крај таа суша ќе не фати од нозете и нас та и ние - вели - ќе се исушиме. Ова беше уште една причина поради која печуркарот можел да лаже во врска со новодојдениот. Ние се обидовме некако да му помогнеме, односно да му ја суредиме работата та му ископавме нова дупка, му донесовме и сува слама и вода со црева и кофи, му направивме што се вели ѓубре за печурките, му донесовме и семиња и тоа се со надеж дека ќе каже дека не излажал за Спиридона. Ама тој: не бре! Упорен дека Спиридон не се вика така. И пак ги фати печурките истата болест, пак ги изгори до корен, пак се беа исушиле до земја, пак си ја беа промениле бојата, и на крај на сите краишта не никнуваа повеќе: си рекоа дека што да никнуваме кога и така набргу ќе се исушиме. Ние рековме: пу да ти ебам к 'сметот! Ама пак не го оставивме човекот наш во невоља и пак му помогнавме и пак нова дупка и пак ново ѓубре, - нема враќање назад. И лека полека да видиш чудо: тие почнаа да фаќаат корен, навистина не како порано, ама барем тргна работата. И ние тогаш видовме како печуркарот си доаѓа при себе а жена му не оди веќе во црква секои два пати на ден. Собравме храброст и пак го прашавме за Спиридона. „А бе жими тате -вели -кога излезе од колата, шоферот го нарече со друго име" -вели. „Добро кажи какво име..." „Ахмет ли -рече -како ли..." Ние се препнавме: зошто некој што се вика Ахмет би се претставил како Спиридон? И кој воопшто рече дека новодојдениот се вика Спиридон? Еден од нас рече дека така пишувало во писмото што тој го донел и го покажал и кое што треба да значи дека него го пратиле тука, а освен тоа и самиот тој така рекол, што се разбира дека не треба да го земеме како здраво за готово. * Еден од нас беше корабар. Не дека живеевме токму најблиску до реката Вардар, не дека дедо му правел кораби или сплавови па и тој сака, не дека имаше купено едра па уште кораб му фали, не дека некој друг му кажал тоа да го прави, едноставно му слетало пиле на умот му храбар па решил да стане корабар. Тој највеќе од сè ја сакаше песната „Параходот замина" или така нешто. А дека едра имаше; како ги нашол каде ги нашол, дали ги купил или ги украл дали ги зајмел или ги најмел, важно е дека имаше едра: жолти едра со морничави точки и црвени бројки на модра позадина. И, почна да гради труп од кораб. Ние не верувавме дека тој ќе може тоа да го направи но му помогнавме со одење во шума, со наоѓање бука на зелена трева, со чистење бука од своите гранки, со симнување од планина со носење во пилана, со правење мртов корабарски костур, со лепење штица по штица. А Корабар беше богами и среќен. Ние му помагавме, а тој мечтаеше: едра да вивне, по Вардар да се спушти во Солун да влезе, во Егеј да заплови а потоа право во океанот, постојано пеејќи си ја истата песна. Ние бидејќи му помагавме, си зедовме за право да го прашаме дали навистина мисли дека тој новодојдениот се вика Спиридон, како што тоа го мисли печуркарот? „Така видов со мои -рече -очи дека пишува на хартијата што ми ја покажа човекот." „Па тогаш зошто печуркарот вели дека слушнал Ахмет?" „Од каде да знам?" * Спиридон кратко по неговото доаѓање, нè собра на куп - секако не остави малку да се распрашаме лево-десно за него и да се одмориме -веднаш по закопот на Бубета, на едно место кое што не беше ни угору ни удолу: место што го нарекувавме „Ровја". Ни рече дека еве сега ќе ни каже зошто е дојден, а за таа работа заради која е дојден ќе му требаат уште мажи, сè кршни момци, затоа што е дојден да ни даде работа! Ние не сакаме работа! Ниту пак сме научени на туѓа работа. Секој си е научен за себе да си работи и колку секој за себе - си имаме! Еве еден од нас е мерач на водостој и што му фали? Ако има опасност од поплава ќе ни каже: пазете луѓе берете ум оти надоаѓа Вардар или Треска сеедно; ако пак гледа дека се сушат реките исто ќе ни рече: пазете луѓе суша ќе удри, а ние му даваме нешто за јадење за пиење. Друг еден е ќупчија и грнчар ама бидејќи во последно време нема некоја подостоинствена работа почнал да н и ги прави - и ни ги направи - нашите глави од глина и па сите ни ги даде да си ги ставиме дома на комода и со тоа да бидеме модерни. Други пак помагаат околу печурките на печуркарот или околу коработ на Корабар и што ни фали? И кој сега дојде да ни дава работа? Како и да е, се собравме сите како и секогаш без многу договарање, туку повеќе така на памет околу Спиридона и тој рече -вели: „Почитувани граѓани и граѓанки на оваа населба..." Ние ова секако дека не го зедовме здраво за готово оти ни стана сомнителен со самото тоа што тој не почитува а уште не нѐ знае: како можеш некого да почитуваш а да не го познаваш? Што ако некој меѓу почитуваните ти има направено некое зло за кое не си свесен? А од друга страна си велиме, од каде е тој толку сигурен со какви луѓе си има работа па не нарекува почитувани. Ова ни беше прв пат да се посомневаме во зборовите на Спиридона и лично да се увериме дека тој е малку сомнителен. „Слушајте луѓе, ви нудам работа за добри пари!" Пак згреши! Ние разбираме дека работата е неопходна и исто така разбираме дека таа треба да се бара, ама работата сама да доаѓа, никако не ни влегуваше во глава и затоа претпоставивме дека тука има нешто што е сомнително. А фала богу никогаш и не сме барале некоја посериозна работа -значи дури и да е самодојдена не е добредојдена. „Какви и колкави пари?" праша еден од нас. „Волкави" и ја кажа сумата која требаше да ја добие секој од нас поединечно доколку ја прифати работата. Ние се стаписавме кога ја слушнавме цената, а некои останаа без здив. Прво што ни падна на сите на ум беше дека за тие пари вреди да се праша каква работа е во прашање. "А каква работа е во прашање?" "Овде - покажа со раката кон „Ровјата" -треба да се ископаат канали низ кои ќе се постават цевки." „Зошто?" „За вода..." „Имаме вода" -рековме. „Ама оваа вода не е за вас туку само ќе поминува од кај вас..." „Што ни е гајле за кого е кога тие цевки треба да поминуваат низ нашите ниви?" „Ама нема друг начин... мора... еве имам писмо и овластување..." „Море шетај -велиме -сосе овластување..." „Сакате ли вие пари или не?" - се разгневи човекот и нас ни текна дека тој може да се предомисли и рековме дека се разбира дека сакаме. Пред да одлучиме засекогаш, човекот ни рече дека можеме да размислиме до другиот ден на сабајле а потоа или си оди или почнуваме со работа. Добро. Го сместивме човекот во една напуштена куќа, и пред да му посакаме добра ноќ го прашавме за неговото име. „Па реков дека се викам Спиридон нели? Можете да ме викате - вели - Спиро." * Се собравме вечерта неколкумина јунаци, жими очи ако лажам, неколкумина силни мажи, неколкумина јастреби, соколи и домаќини пред се, во куќата на едниот од нас и жими тате, сакавме да размислиме за предлогот на Спиро ама удривме на мезе и ракија, додека нашите жени месеа пресни зелници и солени пити. Не беа тоа жени туку жена! - една жена со десетина раце, така барем на сите ни се стори. Жими тате, времето беше дојдено бељи да се прават. Се собравме значи, се одбрана врста к кога видовме дека е најпогодно време се спуштивме лека полека во визбата, сосема неприметно а можеби и нечујно -или така мислевме -и таму се договоривме. Прво што сите си заклучивме -додека уште не бевме почнале со виното - беше дека нам најмалку што ни треба се пари и дека арно ни е и без пари; си имаме убав поглед од Врвот а и на корабарот му треба помош и ако се зафатиме со копање не ќе имаме многу време да му помогнеме и затоа првично што ни падна значи на памет, додека уште не бевме почнати со виното, беше да му речеме сабајлето на Спиро да си оди и да не ни ја чепка „Ровјата" оти таму сме пораснале таму е нашето свето место, таму имаме и крсен камен останат од нашите предци а освен тоа и кога е убаво времето се гледа целата долина и Вардар како плива по неа. Така ќе му речеме. А си рековме уште и зошто да го раскопуваме местото за некакви цевки кои и нема да ни служат нам, туку само ќе поминуваат под нашата земја и ќе заминат некаде во градот или на некое друго место. Така си рековме: нема да дозволиме преку нас да поминува цевка. Но тоа го зборувавме гласно, а во нас си мислевме дека белки утрото ќе биде попаметно од нашите разговори и разумот ќе надвладее во корист на парите. На сите ни беше тешко да ја признаеме вистината за нашите чувства веројатно мислејќи на парите, па за да ја завитка работата во неразбирливи за другите луѓе симболи, на еден од нас му текна да каже: „Другари, време е да станеме грбави!" * Во нашите претстави светот на грбавите е свет на луѓе со грб, на луѓе што имаат пари да се снајдат вака или така, свет на луѓе камили и свет на деца без верски родители. Во нивната стварност нашиот свет е свет на луѓе грди во нивната едноставност, раскравени и распердашени во нивните непрофитабилни дејности. Ние сме за нив тоа што се тие за нас и обратно. И тоа е вечен закон. Ние сме всушност патриоти, неколкумина лиферанти со простиот ум и сè додека не се појавил Спиридон за светот на грбавците само слушавме и им завидувавме, а сега ете, дојде време можеби и да им се приклучиме. „Така е, време е да станеме грбави!" пак викна тој, а нас ни се помати умот и не знаевме што да кажевме и да правиме иако ноќта се беше повлекла во дупка од шупелка, а утрото ги кршеше пенџерињата на мракот. На крај на краиштата големо чудо ако неколку цевки поминат низ нас. Нека поминат затоа што ќе поминат под земја а ние врз нив ќе фрлиме земја и ќе посадиме трева, а кога ќе дојде време и тревата ќе порасне пак, ќе си седиме на „Ровјата" и ќе гледаме во далечините. Можеби ќе се слуша под нас жуборот на Водата која ќе поминува низ цевките, но тоа нема да ни смета бидејќи ќе замислуваме дека тоа е звукот на природните извори. Па така, ако го прифатиме планот на Спирота, не само што нема да ни фали ништо, туку уште подобро, бидувајќи грбави ќе се заштитуваме еден од друг од непријатности. * Ние сите заедно се запрашавме сепак, дали имаме памет или паметта ракијата ни ја испила. По сè изгледа дека ниту имавме памет ниту пак ракијата имала што да пие од нашите глави, инаку ќе забележавме дека се тече неприродно. Еднаш на корабарот му требаше помош за да се намести основната греда која ќе го држи коработ и која ќе поминува низ целата средина на коработ. За тоа беа потребни јаки мажи, силни, какви што сме ние. Се бевме поделиле на две групи: едната група ја беа фатиле гредата, а другите ги држевме ребрата. Потоа двајца цел ден коваа шајки во гредата и во ребрата, а нас држењето нè замори толку многу што не здоболеа рацете и ни се напумпаа мускулите како балони. Додека држевме така и додека го слушавме жуборот на реката, од неа излезе, скокна, се удави на воздух, една риба долгоперка. Таа почна да се рита да шлапа и да се извитоперува, еднакво борејќи се да земе вода или да испушти душа. Се беше целата намачкала во кал како во тиганче со црно брашно и така оддалеку ни изгледаше како споулавено парче земја кое штотуку беше добило живот а веќе почнува да изумира. Ние не можевме да и помогнеме, беше премногу ризично, затоа што, ако било кој од нас го напуштеше работното место ќе се урнеа сите ребра и целата конструкција која ја држевме цел ден за да ја заковаат двајца: ниту еден од нас не можеше да го пушти тоа што го држи а да не се стори беља. Но, се обидувавме колку што можевме да ја спасиме рибата, така што тие што беа најблиску до неа ги пружаа нозете кон неа со намера да ја турнат назад во вода, но бидејќи таа скокаше тешко можеше да се погоди. Бидејќи рацете ни беа зафатени, движењата на нозете ни беа ограничени. Толку многу сме се занеле во таа работа што заборавивме на коработ чија судбина лежеше во нашите раце. Еден од нас дали почувствителен или похрабар, во секој случај јунак -маж, плукна на земја опцу и рече: „баво мајте баво". го пушти делот што го држеше, дојде до рибата, ја зеде и ја пушти назад во вода. На прв поглед се чинеше дека ништо нема да се случи, па на нас како да ни олесна. Со погледи го испративме парчето земја, кое потоа стана риба оставајќи зад себе безброј калливи парчиња земја, секоја засебно барајќи си го патот кон сопствената бесцелност во водените пространства. Некој од нас тогаш таа појава ја спореди со настанувањето на светот. На почеток, мислевме дека коработ - бидејќи тој што ја врати рибата во вода не го држеше веќе својот дел, - ќе издржи, но се урна. Едноставно направи трес! и се урна. Станавме сите од земјата. Ребрата на коработ се беа измешале со нашите тела и пак без никој ништо да проговори почнавме од почеток да составуваме. Секој си го фати својот дел и повторно почнавме да го градиме коработ... Не нѐ мачеше веќе прашањето дали и кога ќе завршиме, туку се плашевме да не се појави пак некоја риба во времето кога ќе помислиме дека го средивме коработ и тогаш пак да ни се случи истото и така да ги повторуваме движењата до бескрај. За да заборавиме на сѐ, ја викнавме „Параходот..." Тогаш, во тоа време бевме среќни! * Всушност, што има врска дали тој се вика Спиро или Киро и дали да му веруваме или не, важно е дека дава пари. Така и бидна. Следниот ден, сосема неочекувано, ни започна така што станавме цврсто убедени - затоа што некој од Нас нè убедуваше во тоа -дека Спиро е воено лице односно десетар. Помисливме на тоа затоа што се прашувавме од каде му толкава сила и знаење да командува со нашите мисли и желби и тоа доволно смело за да предизвика кај другите сомневање во сопствената опстојност и моќ. Спиро не нѐ викна, туку ние самите си се викнавме во куќата која му ја позајмивме за да преспие и кога влеговме веднаш ни стана јасно дека не сме биле погрешно информирани во врска со него: веќе се беше толку добро стокмил, одомаќил што се вика, во единствената просторија што му ја отстапивме, што не само што се чинеше дека е таму роден туку повеќе се чинеше дека никогаш повеќе нема намера од таму да си оди: беше испружил на сред соба од едниот до другиот крај еден тељ, на кој беше ставил да се ветреат неколку чифта зелени чорапи, кои така удолу висејќи на сред соба сочинуваа една мала смрдлива завеса преку која не може да се зборува со собеседникот доколку двајцата што разговараат се наоѓаат на спротивните страни на завесата. На масата имаше ставено еден куп хартии и сметкопотврди. Не можевме да седнеме бидејќи никаде немаше столчиња. Некој од нас рече дека домаќинот на оваа куќа кога отишол во Америка од се можел да се оддели само од троножците не можел, па си ги зел со себе. Спиро се исправи позади смрдливата завеса и рече: „Па?" „Па" требаше да значи прашање околу тоа што одлучивме - дали ќе прифатиме или не. Но ние не се даваме толку лесно на пазарот на трудот па го прашавме: „Што па?" „Па се решивте ли?" „А вие се решивте ли?" „Не треба јас -вели -да се решам туку вие!" -викна изненаден Спиро. Тогаш ние му рековме дека ќе му одговориме доколку и тој ни одговори на неколку прашања: како се вика, од каде е дојден, кој го праќа, од какво семејство е, дали е женет, дали има уште чорапи или овие му се сѐ што има; дали ако се согласиме веднаш ќе ни плати а ако веднаш ни плати од каде му се нему толкави пари; дали навистина е воено лице или десетар; дали ако му речеме дека не прифаќаме - а имаме потполно право тоа да го сториме затоа што ова место е на нашите дедовци а и реката Вардар богами е наша - дали значи ако не прифатиме веднаш ќе си ги собере парталите и ќе си оди одовде; дали ако не прифатиме а тој не сака да си оди одовде, а ние поради тоа ќе сакаме да го претепаме, дали тогаш ќе викне засилување и дали тоа засилување ќе се состои од воени обврзници, полиција со тешко наоружување или отровни гасови, - овде му објаснивме дека не мора да викне којзнае колкава војска бидејќи ние не сме борбен туку повеќе духовен народ; дали тој лично смета дека има смисла и право и морална одговорност да копа таму каде што отсекогаш сме живееле; знае ли тој воопшто што ни значи тоа место и на крај на краиштата зошто воопшто да му веруваме кога еден ист таков човек како него само со друго име пред толку и толку години исто така се обидел овде да направи национален парк, ама ние не се согласивме затоа што не платил; дали ако се нафатиме да ископаме дупки и да ги ставиме тие цевки во нив а потоа да ги закопаме ќе купи од глинените глави на нашиот грнчар и од печурките на печуркарот. Во меѓувреме, додека му поставувавме разни прашања за кои добивавме сè повеќе и повеќе инспирација, човекот не губеше време туку од едно мало куферче извади едно прилично големо купче платежни средства, ги подели на еднакви делови толку дела колку што луѓе бевме во таа соба собрани - и на секој од нас ни даде по едно купче кое беше еднакво на купчето заработено од сите нас заедно вклучувајќи ги и нашите татковци во периодот од Рождение Христово до денес. „Прифаќаме!" * Ние едноставно еден ден се зачудивме кога еден од нас дојде целиот распекмезен и почна да ни свири на еден инструмент кој не личеше на ништо познато до тогаш видено. Инструментот во кој се дуваше со уста и со нос и се тегнеа некои жици со прстите од рацете и тие од нозете, ширеше наоколу пријатен звук, така што кога тој доволно долго свиреше, не фаќаше дремка и на крај редовно заспивавме. Ниту пак ние успеавме да дослушнеме цела една песна ниту пак тој успеал некогаш да отсвири некоја до крај затоа што заспивавме и ние и тој. Таман помисливме дека инструментот е магичен или така нешто, па почнуваме да го славиме како волшебен, сфативме дека заспиваме од умор од копањето, од преголемата секојдневна работа на која Спиро не тераше без или со сосема малку пауза, а не од магичноста на свирката. Вистината беше дека не бевме навикнати на таков умор. И така навечер кога после копањето се прибиравме кај некој од нас дома како што тоа го правевме секоја вечер со години, на по една чашка и на по еден муабет, свирачот го вадеше инструментот и ние почнувавме да го гледаме -како низ премрежје - како дува и струга како тупка со прстите од нозете и од рацете по оптегнатите жици. И полека без да го прашуваме што е тоа на кое свири и без да размислуваме за тоа не обземаше дремка и паѓавме капнати еден врз друг од умор. Тоа меѓу народот се вика волшебен кавал ама ние подобро од секого знаеме дека не се работи за тоа туку за чист и наједноставен умор. Единствено нашите жени остануваа на нозе. * Нашите жени. Тие се многубројни, а ние им служиме нив за многу разновидни работи. А може исто така да се помисли дека тие се малкубројни а само нивните раце се многубројни; тие стигнуваат секого од нас да почешаат, секого да наместат, да развеселат; но сепак ние сме робови! Ние ним им служиме. Им служиме како мажи за кои треба да се меси бурек, на кои треба да им се закрпи, на кои треба да им се даде совет кој никогаш нема да биде прифатен. Ние им служиме како средство за остварување на нивната цел. А еве неколку од нивните цели: што подобро да се грижат за нас, да не прибираат од меани, да не караат, и да не набројуваме повеќе. Понекоја од нив на понекој од нас му соли памет. Но посолена памет - вели некој - е покорисна од скиснатата. Нашите жени нè подучуваат на разни вештини: Како да се упропасти денот, како да се испразнат и така празните муабети; како најбргу и најцелисходно да се Исцеди од мажот и последната сила; тие се родени за Против, и затоа тие претставуваат рамнотежа со нас кои секогаш сме за. Тие гледаат една од другата како да се Однесуваат со нас кога се враќаме од таму од каде што Тие не сакале да отидеме. Меѓу другото, тие нè подучуваат како да се однесуваме со Спиро. Така, попладнето кога бевме собрани во визбата кај тој и тој и кога размислувавме дали да прифатиме, токму тие беа тие коишто ни рекоа дека никако, никако не смееме да му веруваме на Спиридона или Ахмет или Киро или како веќе се вика. „Па добро - ги прашавме - дали имаат некакво објаснување" - притоа обелоденувајќи им колкави пари ни дава. Се разбира дека тие не само што си го повлекоа мислењето туку и почнаа да го сметаат Спиридона за многу паметен и свој -што се вели на место човек. Всушност нашите жени се стаписаа од радост, како што тоа умеат само жените да се стаписаат кога ќе разберат дека нивните мажи а и тие заедно со нив ќе добијат грбка -а тие ќе бидат конечно жени на грбави луѓе. И, се разбира следното на кое нè подучија беше дека безусловно треба да го прифатиме Спиридона како свој човек и веднаш да ги прифатиме сите негови услови инаку ич да не се враќаме дома. Едната од жените не сметаше за извитоперени и проѕирни луѓе. Затоа, додека стоевме така сите одделени со смрдливата завеса од нашиот претпоставен, можеше многу лесно да види низ нас. Таму низ нас на ѕидот беа наредени сликите на неговите предци - Спировите предци. И така таа тогаш низ нас виде други луѓе, луѓе кои не бевме ние: виде капетан со сабја како исправено стои на бел коњ, виде жена во поле како собира памук, три мажи напред, а четворица позади, сите исто облечени и исто насмеани. Таа бидејќи е памучарка, никогаш ни на сон не верувала дека толку лесно ќе може да прогледа низ нас. Нашите жени имаа обичај да ѝ помагаат на памучарката во нејзината неопитност, затоа што таа имаше таков обичај да купува жив необработен памук, па од тој да си соплете џемпер: едноставно уживаше да прави сè сама од почеток до крај. Ние мажите ѝ помагавме само во случаи кога другите жени ги немаше во доволен број, така што и го држевме предивото за таа да прави клопчиња. Ние ќе застаневме секој во по еден агол од собата, а таа ќе застанеше во средина. Од неа кон нас и од нас кон неа се пружаа бели конци кои завршуваа во предена. Бевме секогаш сигурно пет-шестмина затоа што гледано од таванот на куќата во тие мигови на предење целата просторија изгледаше како пајакова мрежа. Ние, мора да се каже дека на почеток не ја правевме работата од задоволство, но потоа кога видовме дека мора -тогаш ја прифативме. И така кој знае како, после ова, таа правеше кошули и ѕиври за нас што значи дека ни се исплатеше што држиме. Ние ѝ верувавме на памучарката затоа што таа освен што ги држеше сите конци во рацете, не лекуваше од разни заразни или незаразни болести со помош на памукот. Еве како: еднаш еден од нас беше добил да речеме кучешка тенија. Тој беше кучкар и спиеше и Идеше заедно со кучињата. Беше здрав човек, но несреќен: си беше наумил дека штом толку многу ги сака Кучињата мора да има некоја нивна болест, па така бидејќи имаше од разни луѓе слушнато за болеста Кучешка тенија, се убедил самиот себе дека и тој ја поседува таа болест. Памучарката го излечи така што пред сите нас собрани и загрижени за здравјето на кучкарот -кој патем речено беше се зацрвенил и свиткал во половината и често пати повраќаше - му удри две изненадни и силни шлаканици, така што не се вчудоневиди само кучкарот Ими и сите ние другите. Ние, обичните луѓе коишто не го сакаме физичкото туку духовното насилство а освен тоа многу го сакавме убавиот поглед, не се уплашивме туку повеќе се зачудивме и не можеше да ни допре до мозокот тоа што се случи. Откако сепак се случи, сфативме дека е тоа нов метод за лечење на болни луѓе, затоа што на изненадување на сите, боледувачот од кучешка тенија јавно изјави и тој уплашен, дека не само што не го боли ништо туку и дека наеднаш му се подобрила физичката и психичката кондиција и дека веќе ништо не го боли. Од тој ден и по сево ова доживеано со кучкарот ние решивме да избегнуваме да бидеме болни со оглед на терапијата која ја применуваше памучарката. Така станавме некако без да сакаме - здраво општество. Само уште една болест никако да ни помине, а памучарката никако да не излечи од неа: наивната лекомисленост. * Спиридон ни рече - на местото каде што бевме сите собрани со алатите во рацете и каде што веќе иско-павме еден канал од дваесет метри должина, метар широчина и метар длабочина –д ека сега треба уште неколку исти такви канали да ископаме. Уште еден паралелен на овој дваесет метри подолу, а потоа исто така двата паралелни канали да ги споиме со уште по еден таков канал. Прво што направивме се разбира беше да ставиме колци на сите страни каде што требаше да копаме, а потоа плукнавме во рацете и фативме да копаме. Бевме неколкумина храбри луѓе, неколкумина копачи на земја и глина. Ја гледавме земјата како умира додека ние се размавнувавме со копачите и со лопатите, гледавме како тревата умира и се превртува. На еден од нас му падна жал за умрените тревки и рече дека можеби е добро приквечер секој од нас да си земе по десетина илјади треви и да си ги однесе дома и да си ги посади пред порти. И тогаш наидовме на еден огромен мравјалник кој си го беше создал својот дом во меката земја и ние сите ја оставивме работата, ги фрливме копачите. Десетарот ни нареди да продолжиме со копањето или да му ги вратиме парите. Ние му рековме: како да ти ги вратиме парите кога ние мислиме и понатаму да копаме, само што наидовме на проблемот со мравјалникот. Ние продолживме да копаме, но го заобиколивме мравјалникот, и каналот наместо да искочи прав како пушка излезе крив како лак. * Еден од нас дојде некаде во тоа време и рече дека Спиридон бил тој и тој ден во пошта и земал едно писмо адресирано до него на кое пишуваше нешто како Алберт: значи не Ахмет туку Алберт, со што може де се претпостави дека Спиридон е Германец или пак Американец од германско потекло. Некој тогаш праша „па добро луѓе нели самиот рече дека се вика Спиридон?" Очигледно беше дека колку повеќе растеа непознатите фактори толку помалку умеевме да се концентрираме на тоа и затоа си ја гледавме работата. При крај на денот работата беше готова и Спиридон беше очигледно задоволен, затоа што ги вртеше хартиите - проекти што ли се - околу неговите раце, и си потпевнуваше некоја мелодија. Потоа ги фрли на страна и седна заедно со нас аргатите да се одмори. Гледаше во далечините и погледот му се наполни со бескрај. Ние исто така дишевме свеж воздух и се воодушевувавме на глетката, се додека еден од нас не расипа се што досега направивме. „А бре луѓе - рече - дали видовте што ископавме!" „Се разбира, рековме - ископавме канали за водоводни цевки" „А може ли некој -рече едниот од нас, да ми објасни од каде ќе доаѓа водата и на каде ќе оди?" „Се разбира - рече друг и стана за да покаже - еве од тука ќе влегува - а потоа тргна по каналите и стигна на истото место од каде што тргнал - а... - остана така бидејќи не му беше најјасно." „Што е сега, зарем ќе се враќа водата од каде што тргнала?" Тогаш сите освен Спиридон кој почна да се чеша по главата, станавме и ги заобиколивме каналите. На наше незадоволство видовме дека сме ископале квадрат! Квадрат од канали. Навистина, ако е ова квадрат од канали тогаш цевката што ќе се постави треба да завршува во самата себе. Големо беше нашето разочарување кога забележавме дека бевме ископале поврзани канали во вид на квадрат, четири поврзани канали низ кои се движевме како муви без глави и кои секогаш одново и одново тргнуваат од истото место. Спиридон не измајтапил! Сфативме дека ова нема да бидат канали туку нешто друго. Спиридон кога виде дека почнавме да забележуваме почна да си ги крши прстите. Кога излеговме од каналот за да се расправаме со него тој си ги имаше веќе скршено прстите. Зеде воздух за да ни објасни и ни рече: „Точно е тоа што забележавте. Всушност сте ископале квадрат од канали што значи дека ова ќе биде една цевка која ќе започнува и ќе завршува на исто место" „И?" „Тоа значи - рече Спиро - дека овде ќе биде еден вид водоводџиски јазол каде што водата ќе се топли а потоа ќе продолжи понатаму" Не звучеше убедливо. „Па добро од каде ќе доаѓа?" „Всушност -рече Спиридон - за да не се лажеме веднаш ќе ви кажам. Ова што вие го ископавте мили мои сограѓани ќе претставува темел за една станица во вид па бараче, каде што владата инвестира за да се изгради електрична малечка централа од интерес на државата. Да ви кажам право, ни јас самиот не знаев до овој миг кога го добив писмото од горе и во кое се вели дека ,се изменија плановите и дека ќе се гради тоа и тоа." Ние. Сакавме нешто да кажеме, ама решивме да се собереме и да разговараме. Спиро не ни даде можност затоа што веднаш во рацете ни тутна на секој по едно купче странски валути за кога ќе одиме во странција да имаме што да трошиме. Ние со толкави пари во рацете, Се разбира дека поминавме преку тоа што бевме измамени и го прифативме веднаш неговиот предлог дека утре ќе треба да ги удриме темелите да шалуваме и да бетонираме. Единствено од што се плашевме беше тегобното чувство дека не знаеме што работиме. * Се собравме сè уште весели, сè уште полни со непоколебливост сè уште неверојатно чисти во сопствената пристојност. Сè што направивме без да знаеме, не беше спуштање во сопствената пристојност туку во сопствената малодушност. Така спуштени, се потсетивме којзнае зошто на полжавот кој на денот кога го испративме Бубета наместо од гробот угоре се врати назад во дупката мислејќи дека токму во тој правец е слободата: тоа што за некој е гроб за другиот е слобода и обратно. Веселоста секогаш ја постигнувавме со кромид, сланина, сирење, суви сливи и ракија, горе на „Ровјата" од каде што свежите квечерини ги поминувавме во гледање нанапред во празно. Тие вечери секогаш мирисаа на салата а пред очите ни летаа снегулки од глуварчиња. Жените со нивните послушни перничиња, нè прилагодуваа да гледаме ту кон вечерната земја ту кон светлите ѕвезди. Често небото се спојуваше со земјата па не знаевме дали тие светулки што ги гледаме некаде напред во далечините се ѕвезди или пак куќните осветлувања на некое село или град. Се обложивме. Го викнавме Спиро со нас да јаде и да пие. Го викнавме да се испружи со нас на тревата иако не му верувавме, иако претпоставувавме дека не заслужил. Се опијанивме, доцна откако жените ги отераа стадата деца на спиење. И така седевме се додека свирачот не ќе го извадеше чудниот инструмент и додека не ќе почнеше без никој да го забележи да реди лепливи кафени тонови од кои се правеа теписи - песни. И тоа не обични песни туку непознати, мачни, тешки. И обично така заспивавме, со недопеана песна на усните. * Следниот ден свесни за новата ситуација се собравме да разговараме дали да му веруваме на Спиридона. Поголемиот број наши луѓе велеа дека не треба да му се верува на Спиридон затоа што прво рече дека ќе копаме само канали за водоводни цевки, а сега веќе како што гледаме ќе прави нагоре некакво „бараче" кое на крај којзнае што ќе излезе. Плетарката ни рече: „зарем не гледате -вели -зарем не можете да видите дека некој некого овде лаже?" Потоа ни удри на сите по една шлаканица за да се освестиме. „Да -рече некој - ама зарем не гледате дека некој Некого овде плаќа?" Некој спомна дека ова што го правиме на крај ќе излезе некоја фабрика и тоа фабрика која ќе ни ја затвори и „Ровјата" и погледот и животот. Исто така Некои рекоа дека можеби ќе се гради некаков паметник, некаков споменик но не сакаат да ни кажат за да не се побуниме. „Зошто да се побуниме немаме ништо против паметниците, само се зависи од тоа што треба да се памети." „Веројатно, ќе треба да се памети нешто што ние не ќе сакаме да го паметиме" Исто така падна и предлог да примениме физичка сила врз Спиридон сè додека не е доцна, но предлогот отпадна поради грбот на Спиридон од кого најмногу се плашевме. Следните денови, ниту знаеме како, ниту од каде, ниту што, се створија пред нас, камиони со песок, вреќи со цемент, тељови, цигли, ламарини, коли, а некои непознати луѓе доаѓаа и си заминуваа. Се појавија и керамиди и многу алати: лопати, мистрии, кофи, тенџериња, што се вели се што треба за да се изгради „бараче". Ние почнавме да ги креваме темелите на квадрарот да шалуваме и да ѕидаме. Внатре во квадратот почнаа да се создаваат други некакви ходници некакви простории. Нас погледите и умовите ни беа измачени Од прашина, песок и пари. Имавме толку пари колку што ни посакуваше душата, само што немавме време да си Ги опремиме нашите куќи, ниту нашите жени. Дигнавме високи ѕидови можеби три метри, внатре по ѕидовите направивме помали ѕидови и скали, многу скали, потоа разни дупки кои требаше да се пополнат и се помалку ние верувавме дека ова што го правиме ќе биде бараче, а сè повеќе Спиридон нè тераше да работиме. * Првпат му се спротивставивме на четврти мај кога му рековме дека ние мораме сите да одиме кај корабарот затоа што треба да му помогнеме да го доврши коработ. Спиридон се фати за глава, почна да вреска и да писка, но ние не ги послушавме неговите крици туку ги оставивме алатите така на земја, како што работевме ги оставивме мистриите такви какви што се и ги оставивме и кофите. Спиридон ни се закануваше со отпуштање од работа, а ние не му се заканивме со ништо. Одејќи кон корабарот оддалеку ја видовме зградата која што ја правиме точно на врвот на „Ровјата" ја видовме така гломазна како ни го зафаќа просторот за дишење како се претвора во нешто сосема неочекувано. Се растаживме иако немавме најјасна претстава зошто. Бевме глупави како штотуку родени. По пат го сретнавме и водомерачот којшто ни рече дека Вардар се покачува и дека доаѓаат големи води и дека со коработ треба да побрзаме за да може да биде готов пред да надојде реката. „Зарем е можно - праша водомерачот но никој не знаеше да му одговори -дека се топи северниот пол?" * Кога стигнавме кај корабарот тој беше целиот возбуден и јаросан па ни рече: „Слушнав што се случува. Арно велев јас дека не треба да му веруваме на тој гад, сите не измами, кој знае што ќе биде со нас, кој знае што ќе биде на местото на тоа бараче кое го правиме. Затоа ве викнав за да се договориме што ќе правиме со куќата која не знаеме што е, а која насилно самите си ја градиме. За коработ -вели -не берете гајле и да не го направиме не е толку важно колку што е важно да размислиме да се соединиме во борбата против зортот што не снајде." Ние климнавме со главите но рековме: „Коработ мора да го направиме." Ништо не можевме да смислиме. Мислевме, думавме и шеставме и ништо не можевме да смислиме. Единственото нешто што ни падна на памет беше да се вратиме утре на работа да видиме што ќе биде, да ги земеме парите и со истите тие да го дадеме Спиридона на суд, да го тужиме што ни ја земал земјата со наша дозвола, и што изградил таму некаква куќа за која не знаеме каква е (а бараче не ќе биде). Така и направивме - го судевме. Другиот ден рано наутро Спиридон ни рече дека денес ќе правиме кров затоа што ќе дојде стопанот да си ја види куќата. „Каков стопан, каков кров, каква куќа? Па нели на почеток ќе беа водоводни цевки и ќе поминувале само низ нашиот двор а потоа ќе било тоа бараче со струја? Сега за каква куќа станува збор?" „А - рече - се работи за еден вид куќа, од мермер, со базен, со голема тревна површина низ која ќе шетаат егзотични птици; со бујна вегетација каде најмногу ќе се истакнуваат палмите и високите еукалиптуси; со четири гаражи и посебна сала за забавни но и хазардни игри на среќа..." Ние се погледнавме помеѓу нас, и за чудо се успокоивме затоа што разбравме. Ние сме мирни луѓе, научници и уметници, љубители на старите занати, човекољупци и обични аргати, кои избегаа од земјата во која таквите ги убиваат. Затоа не ни прилега да се однесуваме грубо. „Ајде - рече Спиро - фатете се за работа". Се фативме за работа: едните се качија на кровот на куќата која ја нарековме вила, другите од долу додаваа греди и керамиди, третите коваа шајки и така цел ден а можеби и неколку дена. Парите течеа, животот си врвеше, но и остварувањето на нашиот план се ближеше. Тогаш забележавме дека само ние не забележавме дека нашите жени плачат. Се погледнавме помеѓу нас ние патриотите, аргатите на љубовта, ние мисионерите кои се осудени на немање грб и сфативме дека дојде време да се викаме со нашите сопствени имиња. Токму кога привршувавме, кога од доградбата на целата вила остануваше само уште малтерисување, дојде еден човек наречен газда, не се ни поздрави со нас мислејќи дека сме само обични работници, разговараше нешто со Спиридон кој се смееше како нетокму. Потоа тој ја заобиколи два-три пати куќата, очигледно задоволен. Човекот што дојде, рече дека таму и таму сака да му се направи базен и дека на крај на краиштата треба да нè отпуштат: „отпушти ги - вели - овие аргати затоа што сега ќе дојдат на ред фините прецизните и убавите работи да се прават и имам специјални мајстори за тоа" - така рече. А куќата беше навистина голема со четири спални со две кујни со пет нужника со сала за трчање во круг, со купатила за биволи... * Сите ние мажи, од пет до педесет и пет се собравме истата вечер мртви капнати кај корабарот. Тој рече: „Да дојде време да го довршиме коработ. " И се фативме за работа. Другиот ден наутро си дадовме самите на себе отказ од кај Спиридона и се фативме со коработ. Двајца фатија да го бојосуваат трупот со боја, неколкумина да ги коваат со шајки работите што требаа да се доковаат, ние тројцата фативме да се качуваме по јарболот и да ги местиме едрата. Еден од нас работеше нешто околу кормилото. Жените за тој ден ни спремија грав со колбаси. За сето тоа време еден од нас нè известуваше за брзината со која се зголемува нивото на водата во Вардар. Меѓу мене и тој до мене падна опклада околу тоа дали ќе има поплава или нема да има. Во едно бевме сигурни сите: сигурно ќе има. * Работевме целата ноќ ние аргатите на црниот труд, рацете ни паѓаа до колена, колената ни се креваа до заби, забите ни се распаѓаа од ладни квечерини, квечерините се претвораа во ноќи без компас, страните на светот ни се мешаа со страните на библијата и вечерните молитви, калливите глисти и поројните дождови ни ги мачеа стапалата и рамнотежите, жените беа сериозни како гробови. Сите имавме иста цел и сите во ист ден бевме воспитани од господа. Ниту песната веќе не помагаше: ниту заспивавме ниту се будевме. Работевме на смени, некој од некаде ни ја подари во зортот среќата на паметта, силата на разумот и веќе не бевме деца кои си играат со трендафили и веќе не бевме тие на кои деновите им поминуваат безлично а може да се каже и бесцелно: бевме машини кои не си ги знаат своите луѓе, бевме мрежи на пајаци без пајаци. Се стопивме со коработ и со се друго. Тој стана сечиј и ничиј. Некаде пред зори коработ беше веќе ставен во вода. Стоеше разбранет како лушпа од орев што безнадежно си го бара местото за престој. Следните два дена спиевме. Не нѐ интересираше ниту вилата која некои други луѓе почнаа да ја малтерисуваат ниту Спиридон кој не беше заборавил во својата дефинитивно одредена улога, ниту луѓето кои во се поголем број доаѓаа во нашето место и си кроеа разни планови. Се што ни беше важно беше добро да се одмориме и добро да се наспиеме пред крајната цел. За тоа време, нашите жени не пакуваа, а се пакуваа и самите себе. * Третиот ден од месец јуни, цел ден го поминавме во коработ таму јадевме и таму пиевме; некој од нас се обидоа и да се бричат. Ноќта кога дојде правото време, неколкумина од нас храбри борци отидоа со две канти бензин во непознат правец. Кога се вратија назад ние сите бевме веќе спремни. Некој викна „Пуштај!!" друг „Дигај!!" и ние ја дигнавме котвата. Коработ почна лека полека како џин без здив да плови по веќе смирената река. Тој ги врвеше првите свои речни милји по Вардар кога од далеку видовме дека таму горе на "Ровјата" се беше запалила гората. Гореше! Беа тоа прекрасни огромни пламени кои достигнуваа до господа: и црвени и зелени и жолти и модри, достоинствени во нивното неспокојство, горди во нивната одлучност и пред се едноставни во својата решителност. На нашите лица се почувствува едно олеснување помешано со жал што ги напуштаме нашите родни огништа. Но што е тука е, сега погледите ни беа свртени нанапред кон тоа што нè чека. Кон широкиот и бескраен океан. Од нас не остана трага. Остана само глас кој упорно ја потпевнува песната за параходот кој замина. топуз Во претходниот живот бев куклар. Занает учев во Цариград и Коње кај Шаќир Бег, Ага Сакаоглу и Ибрахим Менсур, а во Епир, кај Барбајанис Брахалис од Каламанте и Илија Јоргос од Пелопонез. Со нови знаења се здобив и кај големите учители Андре де Совињон од Франција и Бартоломеј Каса од Рагуза кои кратко време учителствуваа околу Егејското море. Бев научил да ги владеам сите почетнички и уметнички ликови: од Караѓоз, Хазиват и Настрадин Бег, до тие на Молиер. Непосредно по здобивањето со мајсторска титула, задоволен од самиот себе но со тегобност во срцето, по пет години школување се вратив дома во Скопје, една вечер при крајот на мај 1855. Ме пречекаа со песни и ора: мојот татко сиромашкиот Павле, мојата мајка Панда, мојата свршеница преубавата Ангелина и маалските другари. Никој не знаеше каков занает сум изучил па дури ни мојот татко кој ја беше расчистил старата шупа со поглед на главната улица, и беше отворил врата и пенџере и ја беше оспособил за да отвори дуќан за мене. Кутриот тате! Мислеше дека сум станал сарачлија, папуџија, терзија, бозаџија, тенеќенџија или можеби ќуменџија, чешларџија, ќурчија па дури и бочварџија: а како можел да се сомнева дека не сум го послушал кога за моето учење продал половина имот! Ниту пак мојата мајка се посомнева: таа гледајќи ги тешките и нови кутии и сандуци како ги симнувам од пајтонот ми рече дека сè е спремно за свадбата која секако дека треба да се одржи пред да почнам да заработувам од занаетот. А мене пустиот, не ми се кажуваше за занаетот за да не ги разочарам. Но не помина ниту едно деноноќие и сите разбраа за мојот занает - тате многу се разочара - и тоа на еден, според другите мошне непристоен начин, што се должеше на мојата склоност кон шегобијноста. Сè се случи за време на првата брачна ноќ кога за прв пат требаше да си легнам в постела со преубавата Ангелина. Откако таа ја поткрена постелнината за да си легне покрај мене, вресна со сета сила бидејќи наместо мене го виде лично Црна Арапина како наеднаш се поткренува на задникот мафта со рачиштата како треска да го тресе, а потоа ги испружи кон неа за да ја зграпчи. Сирота Ангелина - в миг ѝ беше исчезнала убавината од лицето - падна во бесознание. Јас кинејќи се од смеење се покажав од под креветот држејќи ги в раце тељојте и дрвцата со кои го „управував" со животот на Црна Арапина и видов дека работата не беше токму за смеење. Заради урлањето на Ангелина пред да се обесознае секако дека се собра целата куќа кај нас во одајчето: и така ми пропадна првата брачна ноќ! А сакав само малку да ја расположам. На тате малку му требаше да сфати со кој „занет" се занимавам, а кога тоа го сфати почна да кубе коси нарекувајќи ме сатански син кој парите на неговите претци ги изарчил на кукли наместо на занает. Потоа престана да ми зборува. Попусто се обидував да му докажам дека и ова што го работам е занает ако не и подобар од другите. Мама и Ангелина плачеа неколку дена а сетне се смирија. Гласините дека сум станал куклар се проширија низ Скопје многу побргу отколку веста дека во Битола дошол некој си Белин или Пелин од Франција, кој демек ќе ги научел заинтересираните луѓе да ги зборуваат сите јазици на светот вклучувајќи го и тој на змиите. Ми доаѓаа деца од сите околни маала -прво тие најблиските а потоа се поодалечените -и ме гледаа низ малото пенџерче како ги бојосувам куклите, како им шијам облека, капи, чевли, како ги врзувам со јажиња, ги исправам на нозе и ги мрдам лево-десно. Почнав да правам кукли според ликови на улични питачи, маалски фурнаџии, соседни Евреи, Скопски фалбаџии, познати циции... За тоа време, татко ми полека и на очиглед белееше во косите и ме пцуеше, а еднаш се обиде и да ја запали шупата сосе мене и моите кукли во неа, иако не бев одржал се уште ниту една претстава. Првата претстава која се викаше „Караѓоз ги мами селаните" ја одржав во музичка придружба на слепиот хармоникаш Никифор: присуствуваа околу десетина луѓе. Потоа се наредија „Среќата со пари не се купува", „Борбата на Цане со ламијата", „Доне Поцков и Мара Камара". Публиката беше сè побројна и сè позадоволна а јас се попопуларен и пред да ја поставам „Топуз" - една комична алегорија без пауза - веќе бев продал околу педесетина билети. Татко ми сè уште не можеше да се согласи со тоа што го работам иако носев дома пари и му ги давав. Мајка ми и Ангелина не само што ме прифатија туку почнаа да шијат за моите претстави облека и на очиглед беа мошне задоволни. Јас за тоа време занесен во работата, настојував на куклите да им вдишам дух да ги направам колку што можам поблиски до стварноста, да изгледаат како да размислуваат и да разговараат како маалските луѓе. Лека полека преку нив, сакав да ги научам сите што гледаат, во тоа што го гледаат, да видат и нешто друго. Еден ден гордиот тате, дојде кај мене во веќе проширената шупа, застана помеѓу мене, Ангелина и мајка ми ни го покажа ликот на неговиот душман Алија јаничарот, изработен во дрво и облечен со крпи: имаше голем нос и долги уши. Ние сите се насмеавме и така се смиривме. * Се случи еднаш, во отсуство на било каква друга чабава, еден Австриски офицер (можеби беше и генерал) -некојси Ајзенблат - преправен во сиромашен селанец кој патува кај брат му во Цариград, да присуствува на претставата „Топуз " и не само да не биде задоволен туку и да вложи личен протест. За тоа дека бил офицер и дека во Скопје имал таен состанок со источни и западноевропски дипломати во врска со некакви сфери на влијанија сум наслушнал, но вистината ја дознав многу покасно откако беше веќе сторена бељата. Самата претстава „Топуз" ни беше најтешко дело бидејќи користевме кукли и помошни реквизити со природна големина. Содржината пак ѝ беше многу едноставна и народна: една сирота млада мома (младата мома ја претставуваше кукла направена по ликот на Ангелина) е затворена во една кула и чувана од една седмоглава ламја на која секоја глава и зборува посебен јазик. Храбриот јунак (овде се преставив самиот себе) кој тргнува да ја спаси, со голем топуз - боздоган ги удира една по една главите на ламјата при што таа вика помош на француски, на англиски, на германски, на италјански, на грчки, на бугарски и на турски, а јунакот цело време вика: "Умри! бати сојот бати!". За цело тоа време додека тече претставата Никифор со хармониката свири возбудливи и брзи ора за на крај кога паѓа и последната глава којзнае зошто ја свири "Тапан чука на сред село"(веројатно зошто е весела.) На оваа претстава присуствуваа околу стотина луѓе од цело Скопје, а татко ми ги кинеше билетите. Веднаш по претставата на која сите се скинаа од смеење поради начинот на кој топузот правеше „туп" по главите на аждерот, дојде Ајзенблат и ми рече дека сака да зборува со мене лично. Јас и татко ми откако сите се разотидоа, го внесовме во собата со широко отворени прозори и тој на лош турски јазик ни рече дека, многу добро разбрал што сакаме ние да кажеме со претставата и дека за ова ќе не пријави кај властите доколку веднаш не ја симнеме од репертоар бидејќи ги подбуцнува националните омрази и омразата спрема странците, што е многу лошо. Дури рече дека утредента ќе дошол со своите помошници ќе ни ја растури куќата и ќе ни ги заплени сите кукли доколку не го сториме тоа што го кажа. Татко ми и јас се погледнавме само еднаш но тоа беше доволно за да се разбереме. * Следното утро во нашата куќа навали турски аскер - десетмина - а едниот од нив се издвои и ни рече дека една важна личност синоќа е видена последен пат кај нас дома и од тогаш и се губи трагата. Јас и тате се одбранивме на тој начин што им рековме дека кодошите сигурно виделе кукла која многу личи на бараното лице, па се препознале. Ја претресоа целата куќа но човекот што го бараа не го најдоа. Малку им беше сомнителен топузот што го користевме во претставата но не го земаа в раце. Да го земеа можеби на него ќе забележеа крв. Ги поткренаа рамениците и си отидоа пцуејќи ги тие што лажно ги обавестиле. И така, татко ми и мене конечно не зближи мојот занает и осознаената тивка среќа дека сме направиле голема работа и дека по исчезнувањето на Ајземблат, куклената претстава „Топуз" ќе може да се игра уште безброј пати, макар и скришно. полскиот чувар Во тоа време свирев хармоника. Мајка ми ме беше родила далеку од местото каде што навистина требаше да се родам, покрај една мала река на чии брегови везден ги полнев со песок празните куќички на полжавите. Таму, пред стемнување го слушав нејзиниот глас како ги собира гуските и како ме довикува мене. Гуските секогаш се прибираа - јас не. Малку подоцна кога почнав да свирам фармоника (така ја викав на почеток), татко ми влезе во мојот живот преку сопственото заминување: мавна неколку пати со качкетот и јас се стрчав по него; мајка ми тогаш прв пат ми нареди: „седи и свири". А уште не знаев ништо да отсвирам. Некаде приближно од тоа време потекнува и моето убедување дека татко значи човек којшто мавта со качкет -и заминува. Не, не бев вознемирен ниту неспокоен само чудно рамнодушен, затоа што мајка ми ми објасни а и другите го велеа тоа, дека тоа од некогаш така било и секогаш така ќе биде. Прв пат за полскиот чувар слушнав, кај некои луѓе на кои не им го паметам ниту името ниту презимето; им го помнам само мирисот на пржени компирчиња, што засекогаш се впи во воздушестите ребра на мојата хармоника. Мажот ме учеше да свирам, за време додека неговата жена слушаше приказни за некој си полски чувар: како имал униформа која бесплатно му ја дале и како некаде таму далеку чува нечија туѓа шума. Не ми беше токму најјасно од кого тој човек морал да го чува полето или Полска, а најмалку пак ми беше јасно што им прави на луѓето кои се обидуваат да го крадат полето. Го замислував како лош човек со големи мустаќи. На крајот на мојот час по хармоника и на раскажувањето на мајка ми таа редовно плачеше. Напредував многу бргу. Едноставно, како секогаш да сум го правел тоа - мислам на свирењето - хармониите ги лепев една до друга како да се парчиња од мозаик кои секогаш беспрекорно се совпаѓаа; тоновите летаа, се тркалаа, одеа во кујната кај жената на учителот, земаа или крадеа - се едно - мирис на пржени компирчиња и се враќаа повторно кај мене, а јас ги мирисав и ги голтав: беа тоа единствените тонови на светот кои што мирисаат. Тоа беше и единствената причина зошто свирев - за да ги мирисам тоновите. Навечер кога се враќавме дома преморен, не чувствував никаква глад иако таа секогаш ми спремаше по нешто за вечера. Потоа двајцата заспивавме. Два пати неделно, учителот ми ги ширеше прстите со специјална железна направа – измислена од него - за да ми станат подолги и по подвижни. Тој тоа ми го правеше толку силно што многупати ме болеше, но не сакав да пуштам никаков глас. И додека мене ме болеа прстите жената на учителот и мајка ми пак околу полскиот чувар: толку и толку земја треба да гледа, таму и таму да оди, тоа и тоа да го прави, толку и толку заработува. Јас така свирејќи, не можев никако да ги доведам до некаква врска -мирисот на компирчињата, болката во прстите, песните, човекот со мустаќите, иако претчувствував дека нешто мора да има во сето тоа. Еднаш дури и собрав храброст да ја прашам, но таа повторно ми рече: „седи и свири". А јас сè подобро и подобро свирев, а сè помалку и помалку желба имав да го правам тоа. Набргу почнаа да доаѓаат луѓе: високи, ниски, брадати, страшни, смешни, со жени, без жени, со деца; ме прашуваа сенешто, ме штипкаа за образите и зборуваа за мене како за гениј. Мајсторот ги креваше рацете кон господа заблагодарувајќи му се што ме пратил кај него тој да ме учи. Јас сè што правев на тие забави -или седенки сеедно - беше многу еднолично - свирев и ги гледав кришум изразите на нивните лица. Еднаш дури и ми се пристори дека во едниот од нив го препознавам полскиот чувар со големи мустаќи. Сите луѓе што доаѓаа да ме слушаат беа некако посебни, поинакви од луѓето што секојдневно ги среќавав на улица, јадеа сите исто јадење, имаа ист однос кон песните што ги свирам: скокаа угоре, пиеја, викаа, повторно пееја, повраќаа, се радуваа, играа оро, ги закачаа сопствените жени, а мене сите во пауза ми доаѓаа и ми велеа: „Ти ќе свириш на свадбите на нашите синови." А јас не сакав да свирам, ниту пак да ги слушам, иако чувствував преку песните и мирисот што доаѓаше од кујната на жената на учителот дека сакал јас тоа или не, им припаѓам на тие луѓе што врескаат, скокаат, се радуваат и плачат. Понекогаш посакував и татко ми да ме види но прашањето упатено до мајка ми, во врска со тоа се пригуши во песната за избеганата мома. Во тоа време некаде почнав да одржувам концерти. Ги организираа учителот и мајка ми, скоро беспрекорно, уредно, во една малечка сала за културно-уметнички живот на младите, каде што доаѓаа секогаш истите луѓе. Понекогаш таквите концерти ги одржував и кај учителот дома. Така почнав да свирам организирано и пред публика. Додека свирев: „La cumparatista", „A media luz", „Tango notturno", „Avant de murir", владееше молк помеѓу публиката, молк каков што секогаш владее на концертите додека човек не се прилагоди малку на тоа што го слуша. Но подоцна кога доаѓаа на ред другите песни, како што се „Зашто си ме мајко родила", „Зајди зајди", „Калеш бре Анѓо", наеднаш стануваше невиден хаос невидена еуфорија: луѓето прво спонтано стануваа од своите места, ги соблекуваа палтата, ги фрлаа во вис, ги откопчуваа кошулите, се фаќаа и мажи и жени на оро, ги фрлаа кондурите на страна, коленичеа, се трескаа од земја и на крај плачеа. Јас како и секогаш ги праќав тоновите по мириси на свежо пржени компирчиња и со невидена сласт ги дочекував назад. Имаше уште нешто што пак само јас го знаев уште од првиот ден: бев способен да ги праќам тоновите за да се вмешаат во разговорите за полскиот чувар а потоа ги дочекував со отворени уши и им ја празнев содржината како бокал со ладна вода. И така тие ми беа мојата единствена врска со светот. За човекот што мавна со качкет и си замина и понатаму не можев ништо да дознам. Повеќе се зборуваше за полскиот чувар. Честопати се прашував дали се работи за ист човек или за двајца. Мајка ми не сакав да ја прашам затоа што однапред знаев дека ќе ми рече да свирам и да си ја гледам работата. Единствено што можев да претпоставам е дека полскиот чувар некако станал поважен од човекот што мавна со качкет и замина. * Наспроти сите очекувања престанав да свирам хармоника, наеднаш како што почнав. Тоа беше и големо олеснување но и неизмерна болка. Многу подоцна сакав да го вратам времето и да свирам до крај на животот само да не ја доживеам болката. Еден ден дојде чичко ми Мичо, се затвори во соба со мајка ми, а кога тој си отиде таа излезе од таму со волкави потечени очи од солзи. Плачела. Сетне почнаа да доаѓаат пак многу луѓе кај нас дома, но не за да ме слушаат како свирам. туку да тагуваат. Јас скришно за да не види никој излегов од дома се затворив во шупа ја зедов хармониката и пратив само неколку тона до насобраните луѓе за да дознам за што се работи. Тоновите ми донесоа само испрекинати пораки дека чуварот го нашле пеплосан и ќумуросан и дека неговите остатоци ќе ни ги прателе во метална вазна. Тоа и не ме погоди којзнае колку затоа што не гледав некаква врска помеѓу работите. Тој и така постоеше само во моите мисли, а освен тоа беше и лош човек. Можеби за другите кои очигледно го познаваа толку добро колку и мајка ми, можеби значеше нешто - но за мене не. Ги гледав лицата на сите тие луѓе кои ме галеа по глава и добив напросто пак желба да засвирам и повторно да бидам во центарот на настаните. Најмногу од сè сакав да ги развеселам за да не тагуваат. Но, јас не продолжив да свирам, никој повеќе од тогаш не ме тера да го правам тоа ниту тие ниту пак мајка ми, па така само тивка развлечена песна со мирис на пржени компирчиња, песна на која сум ѝ го заборавил името, полека како подвижен мост се крева над моите спомени. И така, ништо повеќе за тоа време не се сеќавам, ми остана само нејасната претстава дека можеби беше јуни кога од гром умре полскиот чувар, опкружен од магла и мирис на пржени компирчиња, придружуван од пените на мојата хармоника. Во секој случај, оттогаш нашите животи се обвиткани во осама. егзотична кантата „Музиката е јазик којшто ги поврзува народите, народностите и националните малцинства во светот!" Така некако гласеше пораката со која академиците од кралската академија од Париз го викнаа веднаш господинот Тоте, секретар на баронот Орлеан од Петербург и човек со бескраен музички талент и му рекоа дека исто така итно како што беше повикан, треба да отпатува - се разбира доколку прифати - во Солун, за да му однесе едно троножно клавичембало на францускиот конзул кој освен со политички, реши да се занимава и со културно-просветни работи. Идејата на конзулот била демек ширење на културата по источните и блискоисточните земји, за што најпогодно му се чинело клавичембалото кое имало најголеми комуникативни можности. Културата, според замислувањата на академиците иако конзулот со ништо не го навести тоа, требаше молскавично да се шири помеѓу: Ермеците, Турците, Евреите, Македонците, Грците, Русите, Арапите и сите други кои се наоѓале на тоа место и во тоа време што воедно би било од особено значење за стратешката и геополитичката позиција на Франција на картата на светот. Тоте, думал и шестал некое време додека се прашуваше зошто на такво мисионерско патување не го пратија неговиот газда, баронот од Орлеан и зошто го одбраа токму него. Од Академијата му беше одговорено дека за тоа постоеле повеќе причини меѓу кои како најзначајни се сметаат две: Тоте веќе ги имал прошетано опасните места по Отранто, Валона, Крф и Мореја заедно со неговиот газда кој овој пат од здравствени причини бил спречен да ја изврши мисијата, а второ клавичембалото било од непроценлива естетска и општоуметничка вредност, чиј транспорт можел да му биде доверен само на некој искусен музичар кој имал префинет однос кон скапоценостите. Се разбира дека овие две причини биле придружени и со ветување дека доколку ја прифати мисијата и успешно ја спроведе до крај ќе му било понудено место помошник генерален конзул - што секако дека не е за потценување. Всушност, најголемата причина поради која сакале да го испратат токму Тоте, а која се разбира дека не му ја кажале, била дека во мигот никој не можел да се сети на некој помалку значаен човек чија загуба -доколку на ова патување тој ќе загинел изеден од канибали -би била од помала и сосема незабележителна важност за државата. На Тотета му се допаднаа ветувањата на академиците иако ја претчувствувал опасноста што го демнее, но стегнал срце и се согласил. И така едно магливо утро, некаде кон средината на еден од поминатите векови, растргнат помеѓу преголемите амбиции и авантуристичките страсти, Тоте го беше натоварил клавичембалото, на платнениот кораб „Филип" и беше отпловил со недвосмислена тегобност во душата и со мачен впечаток дека можеби никогаш повеќе нема да си ја види родната земја. Потоа му дозволи на ветрот да му ги мрси косите додека тој храбро од палубата на бродот го гледаше брегот што си оди и бескрајот што доаѓа. Иако имаше време да се откаже, тој не го стори тоа; ја сврте главата кон беспаќата и си рече во себе „Држи се далечино! Доаѓа твојот освојувач!" За да не направи попуста тура до Солун и Истамбул, едреникот беше натоварен со стока за широка потрошувачка: со кафе и какао, со басма и свила, со срма и ливанта, а најмногу од се со топови и друг вид артилериско наоружување. Оружјето, според толкувањата на добрите познавачи на тогашните прилики имал миротворен и превентивен карактер, и неговата основна функција била наоружување и заштита на интегритетот и мирот на блискоисточните и источните земји вклучувајќи ја тука и Турција. Мирот во источните земји, на западните им бил повеќе од важен и затоа покрај тешкото артилериско наоружување, внимателните набљудувачи можеле да забележат дека бродот бил натоварен и со безброј буриња со барут. Иако мешањето на стоките од различен вид на еден ист кораб изгледаше малку неоправдано, сепак оправдувањето лежеше во доменот на превентивната дипломатија според која мирот може да се сочува само со свила и сила. Со други зборови и двата вида стока биле заведени како „стока за широка потрошувачка". И така коработ повеќе наликуваше на пловечко буре со барут отколку на кораб полн со буриња со барут. Оружјето беше едноставно расфрлено насекаде: го имаше во внатрешните комори, на палубата, во собите, во кабината на капетанот, во чамците за спасување, во спалните соби на морнарите, по џебовите од панталоните, во јадењето и на крај и во крвта. Во ваквата ситуација, а земајќи ја во обѕир националната и расната структура на членовите на францускиот екипаж и на морнарите (црнци, жолтци, белци, Кинези, Турци, Грци, Африканци, Македонци и Шопи), сепак најопасно од се па дури и поопасно од сето наоружување било, да се внимава да не опцуе некој некому мајката. Во таквиот случај би дошло до нагло заострување на односите во светот со крајни несогледливи последици а тоа мора да се признае никому не одговарало. Токму затоа улогата на културата во ваквата средина беше од непроценливо значење. Можеби и затоа Французите го ставиле Тоте заедно со клавичембалото токму на таков трговски а можеби и воен брод. што од друга страна било во согласност со начелото експеримент, во веќе споменатата превентивна дипломатија. Клавичембалото кое полека стануваше клавир и без да биде свесно за тоа, тоа прекрасно уметничко дело, тоа парче скапоценост, таа културна ризница, тој паун на гордоста, мирно си стоеше на своите три нозе во најзабутаниот а воедно и најбруталниот дел од палубата заштитен од пресилните сончеви зраци а во исто време и од прскањето на високите морски бранови кои го лулаа бродот лево-десно како кондура која плива по отпадни води. Клавичембалото беше мајсторски изработено од дрво, со апликации од слонова коска и со позлатени и посребрени ножиња. На капакот имаше изгравирано пејсаж во кој мома со широк фустан седната на трева под едно дрво ги слуша прекрасните звуци на момчето кое клекнато на едно колено свири на нешто како тамбура. Во позадина се гледаше езеро и лебеди кои мирно стојат на водената површина. Целата атмосфера е весела и осветлена од јасно сонце. На ногарките пак, имаше изрезбано други пет шест моми кои трчаа и бегаа гонети од едно палаво момче со заврзани очи; по трупот на целото клавичембало, имаше исто така изрезбани слики од обичниот аристократски живот, кои главно ја величаа негрижата за светот и самобендисаноста. Целиот инструмент беше покриен со тешко платнено ќебе и заврзано со дебели морски јажиња. Освен за Тоте, постоењето на овој скапоцен предмет за другите беше сосема непознато. И така пловеше бурето со барут, по немирните води на Средоземното Море завиткано во нечистотија и морнарска пот. Патот беше долг, а едвај се беше спуштила првата ноќ. Тоте не спиеше во својата кабина, туку до клавичембалото за да биде цело време сигурен дека ќе успее да го сочува и по цена на сопствениот живот од можните крадци; всушност не е мала работа да бидеш амбасадор на културата на Балканскиот Полуостров односно помеѓу канибали, како што вообичаено зборуваа луѓето. Освен тоа честа со која го обеспокоија да биде мисионер и врска помеѓу францускиот конзул во Солун и западната елитна цивилизација на Тоте му беше повеќе од значајна. Сардисан од тегобноста на непознатото и сакајќи да сочува кондиција за наредните денови Тоте лежеше на грб гледајќи го ѕвезденото небо и мислејќи на својата чембалска љубов. На ноќното небо откри ново соѕвездие кое си го нарече калвичембало. И така заспа. * Бидејќи никогаш не излегува така како што е планирано, мала беше веројатноста ова патување на Тоте да заврши како што треба: времињата беа немирни (а кои не се!) и сите влади на светот потајно се плашеа дека нивните задачи нема да им успеат поради непредвидливоста на човечкиот фактор. Под човечки фактор во овој случај се подразбираше бродот со тешкото оружје да биде нападнат од пирати и потполно ограбен, вклучувајќи го тука и чембалото или да фати некоја бура и бродот да потоне. Тоа што сепак беше најлошо и од кое се плашеа сите беше стравот некој некому да не му ја опцуе мајката. Тоте го знаеше тоа и потајно си ги грицкаше ноктите. Првото пристаниште во кое застана бродот беше некаде во заливот Сквилаче во Италија, каде што требаше да се истовари половина од бурињата со барут и половина од памукот а да се натовари четвртина од истоварената памучна половина со лесно наоружување, а останатото испразнетото место да се надополни со современо наоружување; потоа да се истовари една третина од оружјето и да се натовари една третина сув барут, и уште една третина ѓулиња. Откако го натоварија бродот, тој не можеше да тргне затоа што беше многу тежок и постоеше опасност да потоне само што ќе дувне некое помало ветренце. Извадија една третина од преостанатата свила и басма и пак малку од памукот и го заменија со уште повеќе ѓулиња. Откако бродот се подисправи малку и откако сиротите морнари испоумреа од истоварување и натоварување, бурето си го продолжи патот. Следната станица беше Крф, каде што требаа да ја остават и таа малку свила што им остана и да натоварат малку полесно од тоа лесното наоружување и неколку десетици бали тутун, кое требало да им се најде на војниците доколку започне било каква војна. Е тука се случи тоа што сите најмалку го очекуваа. На едреникот да ти биле земени како морнари една група арнаути кои се беа организирале меѓусебе тајно и без никакви надворешни знаци на тревога насилно влегоа во кабината на капетанот ставајќи му силна јатагана под вратот. Арнаутите наредија наместо за Крф да се оди малку погоре во морете односно некаде кон Драч. Нивната намера беше да го снабдат сопствениот народ со наоружување за да им се најде за во следниот век ако дојдат тешки времиња. Меѓутоа ни нив не им одеше токму најдобро работата, оти двајца црнци и пет Кинези, направија мало дупче во палубата, а потоа тоа дупче сè повеќе се зголемуваше самото по себе, се додека не стана колку труп од даб. Почна да навлегува вода. Тогаш се случи и тоа најстрашното: еден некому во сè уште невоспоствената паника му ја опцу мајката. Станаа сите, се кренаа и почнаа да се тепаат и да се убиваат додека бродот лека полека тонеше. Тоте беше блед како крпа и се виде себеси а и сопствената мисија во рацете на проклетата судбина. Среќата во цела оваа несреќа, сакаше бродот да не потоне туку само да се спушти на плиткото дно многу блиску до брегот каде што се пренесоа караниците и пцостите. Тоте вработи тројца луѓе -први кои му се најдоа при рака -за да му помогнат сопствениот товар да го изнесе на брегот. Бидејќи во Тоте видоа спас од ропството, одбраните се нафатија да му помогнат дури и бесплатно. На брегот каде што завршува светот се најдоа: еден Љубе, еден Муамед, еден Ѓунер, еден Тоте и едно клавичембало, состав кој од далеку гледано не ветуваше кој знае колку но кое на крај на краиштата изгледаше храбро и одлучно. Но со ова не заврши работата, туку допрва почнуваше затоа што Тоте не знаеше ни каде да оди ни што да прави оти не знаеше ни каде се наоѓа ни дали воопшто се наоѓа некаде. Но другите тројца се чинеше дека го знаат местото и се чувствуваат како дома. Им даде на сите по еден златник и тие веднаш го кренаа клавичембалото на рамења и така сите со по една ногарка во рацете а со Тоте позади нив, навлегоа во мрачните шуми на Балканот, во царството на човекојатците. Што се беше случило со бродот и со оружјето Тоте не знаеше, ниту пак го интересираше, но можеше со сигурност да си претпостави дека арнаутите си ја беа постигнале целта. Требаше само да му се заблагодари на господ што него никој не го допре ниту пак му обрати внимание, па така успеа да се спаси. Во неофицијалните и повеќе економски поврзаните разговори со неговите амали, дозна дека двајца од патниците патуваат за џенем, а едниот од нив за некое село кое се наоѓа по пат и на кое не му го запаметил името. Денот беше сепиест а месечината полна, кога сите легнаа да ја преспијат ноќта и кога Тоте се испонадева, клекнувајќи покрај тивок оган, дека благодарејќи на неговото познавање на турскиот, грчкиот и македонскиот јазик можеби ќе успее некако да стигне до Солун. Според негови проценки, ако тргне во спротивен правец од морето мора да стигне до таму. Решен беше по секоја цена да го пренесе клавичембалото до конзулот а со тоа ме само да си докаже себеси, туку и на целиот свет дека улогата на културата особено на таа француската на Балканот е од посебен интерес. Во неговите најинтимни мечтаења додека другите спиеја капнати од умор, тој се надеваше дека кога се ќе заврши ќе може да одржи еден специјален и голем концерт. Но набргу ги исфрли мислите од глава затоа што тоа што тој очекуваше добро да заврши сè уште не беше ни почнато. Следниот ден четворица испарталавени мажи тргнаа на пат, низ густи шуми, непробојни патишта и мрачни долини, носејќи на смена едно клавичембало завиткано во ќебиња. Од далеку набљудувано, нивната група личеше на погребна поворка која во дрвен сандак на рамења го носат покојникот кон вечната; поворка која исушена од преголем труд но носена секоја од своите интереси, се влечка лека полека по козјите патеки и непроодните ливади. И така патувајќи, на Тоте му текна дека можеби ќе биде добро по пат за време на кратките починки малку по малку да вежба на клавичембалото за кога ќе стигне кај конзулот да биде во потполна форма. Додека беше завиткано амалите не му обрнаа никакво внимание на клавичембалото, ниту пак ги интересираше што е тоа, но кога така здрвен Тоте го отпакува на една малечка ливада и фрлајќи ја главата прво настрана а потоа напред и назад почна да свири делови од Бранденбуршкиот концерт, тројцата амали ги зинаа устите не можејќи ниту да разберат ниту пак да ја слушаат мелодијата. Почнаа да се кинат од смеење и помеѓу нив го нарекуваа Тоте со зборови кои означуваа маж со женски манири. Патуваа неочекувано досадно: ниту арнаути да ги нападнат, ниту болест треска да ги фати, ниту арамиии да ги сардисаат, ниту Турци да ги силуваат. Се беше премногу еднолично, премногу едноставно за да биде вистина; си патуваа луѓето клај-клај и само одвреме навреме, во миговите на одмор низ густите шуми ќе се слушнеше необичниот и милиот, а пред се скокотлив звук на клавичембалото кое ги раздвојуваше дрвјата, ги сечеше патиштата и го разведруваше небото со своите тонови. А Тоте ги фрлаше прстите ту лево ту десно по белите клавиши, мафтајќи со нив за да ги избрка лисјата што паѓаа, притоа создавајќи не сакајќи тонови кои немаше кој да ги процени. Амалите набргу толку многу се прилагодија на неговите музички испади, што почнаа дури и да не го забележуваат. Но бидејќи дрвјата имаат уши а полињата очи, бидејќи кладенците имаат уста а небото чувства, веста дека низ балканските шуми патува некоја чудна песна која како да е свирена на ќемане а не е ќемане, како да е свирена на гусла а не е гусла, како да е свирена на канон а не е канон, бргу се прошири помеѓу овчарите и говедарите, помеѓу жетварите и пијаниците а тие пак на најразлични начини го толкуваа тоа. И така надвор од нивните очекувања кога прв пат Тоте и амалите стигнаа во една попатна меана, таму беа веќе очекувани и со вчудоневидување дочекани. Нарекувајќи го Тоте патувачки чалгија, го натераа да им отсвири нешто. И така се случи првиот јавен настап во животот на Тоте и првиот концерт за клавичембало и балканска публика. Луѓето беа рамнодушни кон неговата музика и набргу сите му го свртуваа грбот гледајќи си ја секој својата работа. Но Тоте се задоволуваше и само со тоа да не го вознемируваат додека вежба. И така се нижеа концерти и седенки и пијанки со што денот му се скратуваше а целта му беше се поблиску. За да ја усоврши презентативната техника, Тоте купи една кола со два бели коња. На колата го прицврсти клавичембалото и едно мало столче, па Тоте воодушевен од овој напредок почна да свири и патем, додека колата се клатеше по тесните друмови и додека поминуваше низ полињата по кои аргатите жнееја и пееја. Беше среќен и таа среќа го плашеше затоа што ниту една среќа не трае долго и после неа следи обратното. Обратното започна кога Тоте забележа дека по два дена или три откако го напуштија нивниот логор покрај една стара воденица, пак се вратија на истото место. И така Тоте дојде до заклучок дека всушност наместо се повеќе да се доближуваат до Солун, тие се повеќе се вртат во круг. Тоте се налути и веднаш се запраша што тој всушност бара во оваа дивина. Одговорот во вид на „сссс": што требаше да значи „молчи" да не нѐ слушнат го доби од неговата десна рака односно од амалот наречен Љубе, на кого поради слабата физичка кондиција испакнатото меше и кривата глава Тоте не обрнуваше никакво внимание. Освен тоа тој со неговите амали целото патување не разговараше ништо освен тоа што треба, затоа што главно цел ден беше зафатен со свирење. Така, кога Љубе му рече „ссс", тој се изненади што тоа доаѓа токму од него. Но не се изненади од зборовите што ги слушна и затоа ги прифати како вистина. Вистината беше во следново. Како и во секоја вистина така и во ова двајцата Турци дали од завист и љубомора дали од опседнатост или алчност решија да сковаат завера против Тотета и неговиот слуга и на спиење да ги заколат. Нивниот мотив беше самиот Тоте кој според размислувањата на двајцата Турци ако има златници да купи кола со два бели коња тогаш тој кај себе има многу повеќе. Освен тоа тие дојдоа до заклучок дека инструментот на кој свири Тоте има на него злато и сребро и се испонадеваа дека ќе можат добро да го продадат. Затоа се решија да го заколат Тотета, а во меѓувреме, за да бидат што помалкубројни делители на пленот, решија истото да го сторат и со Љубета. Па така додека не им се покаже поволна прилика за акција тие решија да го вртат Тотета во круг. Но неговиот слуга Љубе кој во меѓувреме беше наречен од Тотета - верен насетувајќи ја заверата успеа колку толку да ја одолговлечи постапката вртејќи го Тоте не во круг туку во квадрат, бидејќи тој во мигот беше најдобар познавач на теренот. Како и да е, Љубе го разоткри планот на Турците и една вечер додека спиеа двајцата Турци, Тоте и Љубе лека полека се качија во колата и се изгубија во непознат правец. Прво помислија да им го направат на Турците тоа што Турците сакаа да им го направат ним, но бидејќи невешти во убивање а особено во гледање крв, се одлучија на побезболната варијанта - бегање! На растојание од еден цел ден патување покрај разни клисури и падини, по разни рекички и извори, целите капнати од страв и умор стигнаа до едно населено место за кое Љубе рече: "Ова е В'мбел, моето родно место" * Никој не претпоставил, ниту историчарите на музиката ниту пак тие на историските настани дека зборовите на Љубе ќе останат запишани засекогаш во турските тефтери како зборови кои го означуваат местото каде што се оддржа првиот и единствен мешан концерт за клавичембало и гајда. Всушност се погоди некое време на веселби, време за свадби, време коешто нема крај, време како измислено за културен натпревар помеѓу народите и народностите вклучувајќи ги тука и малцинствата. Луѓето јадеа и пиеја, вртеа на жар јагниња играа оро и потскокнуваа. Горд и исправен во својата кола Тоте придружуван од Љубета кој потрчуваше околу него како скакулец околу скакулка, влезе во селото. Луѓето ги примија како што се примаат долгоочекувани гости, со радост и свирки, со веселби и песни, па и со понекое паѓање во транс и занес. Љубета го носеа на раце, среќни што се врати од далечното ропство, а Тотета го прашуваа што има во колата. И Тоте без многу да размислува не симнувајќи се од колата, ја тргна заштитната черга и почна да свири. Паунот се разбуди, ја отвори лепезата и почна да пее само нему својствена песна, по само нему познат ритам. Лесна но одлучна кантатичка пловеше над младите далги на едно мирно море. Но сево ова беше премногу непознато, затоа што луѓето коишто беа пијани и коишто не сфаќаа се уште за што се работи - односно тие на коишто не им изгледаше којзнае колку необична мелодијата - се обидоа да играат оро. Но ниту тактот ниту пак брзината не им одговараше. Се задоволија само со објаснувањето дека ова оро не знаат да го играат и мора да е некакво варварско. „Пу да тибам мајката и оро и се" рекоа тие што неуспешно се обидуваа. Тоте кога виде дека стана штама и дека со неговата музика наместо повеќе сите да ги развесели ги натажи, престана да свири и им рече на другите: „Ова е клавир". Тоа ги натера сите да се разотидат и да си легнат да спијат. Беше месецот на вампирите, па сите се задоволија со тоа што го слушнале мислејќи дека така треба. Но некои од мештаните око не склопија. Размислуваа како да ги стокмат некако работите та да воспостават музички дијалог помеѓу странецот и нив. Се расположија всушност од идејата да направат сепак една песна што ќе биде од заеднички интерес и за големите сили и за малите несили, односно и за западните земји коишто како што самиот збор вели запаѓаат и за источните земји коишто се сите на исто и затоа се викаат источни. Всушност и Тотета го мачеа истите мисли; како културен мисионер требаше итно да смисли нешто, .некоја мелодија некоја композиција со која ќе воспостави контакт со новозапознатите; композиција која ќе ги задоволи обете страни. Доколку го постигне тоа тогаш неговата хултурна мисија како што претпо-ставуваше ќе биде во потполност извршена. И така седна да пишува ноти, цела ноќ не склопувајќи очи. Од куќата каде што го сместија Тоте, се слушаа само пригушените звуци и потпевнувања кои во поширок контекст немаа никакво подлабоко значење. Од друга страна Љубе заедно со другите момци исто така сакаа да помогнат колку што можат повеќе и да направат нешто што ќе биде од заеднички интерес за нив и за него за да не пукне брука во светот. Без разлика дали тие се во центарот на светските збиднувања или не. И тие цела ноќ вежбаа спојување на шеќерни тонови со горчливи мелодии. Бидејќи го беа сите преспале денот, станаа приквечер и како бубачки почнаа да излегуваат од своите домови. Во малечката соба каде што беше сместен Тоте, се собраа неколкумина дипломати и почнаа да ги изедначуваат ставовите. Првиот став го започна Тоте. Беше став број три за калвичембало и други некои инструменти. Кон ова се приклучи Лазо со гајдата но резултатите беа повеќе од катастрофални. Се слушна некакво режење налик на сечење суви дрва и Тоте ги дигна рацете од клавишите за да си ги затне ушите. Истото го беше направил и Јован за да не го слуша веќе чембалото. Секој на секого му беше грешен. Стана молк по кој сите рекоа: „Ајде уште еднаш". Се обидоа уште еднаш: Тоте нижеше тонови, како нанижани бисери а Јован тонови како нанижани пиперки. Ако се земе в обѕир дека во тоа место пиперките беа многу поважни отколку бисерите затоа што тие преставуваат исхрана, тогаш логички се заклучува дека звуците на Јован беа многу поубави. Но и овој пат, сè зависеше од слушателот. Паниката сè повеќе растеше и помеѓу присутните и помеѓу Тоте. Задачата беше повеќе од јасна: тие мораа нешто заеднички да отсвират; првиот со тоа ќе ја докажеше својата културна мисија, вториот со тоа ќе докажеше дека може и сака да ги следи современите европски трендови. И така оставија се за другата вечер а во меѓувреме седнаа да отпочинат и да си поприкажат. Разбраа многу работи едните од другите, но под нивните разговори се криеше нивната нестрпливост. Овој пат Тоте и Јове решија ноќта да ја поминат заедно во вежбање, целта им беше да направат една мелодија на која ќе може да се игра оро. Тоа симболички ќе ги оправда двете настојувања. Се договорија вака: поради различните можности, бојата на звукот, трајноста на звукот и другите разни работи, гајдата да го држи основниот тон на скалата или басот, или да се движи само по некои сосема ограничени или однапред дадени скали а клавичембалото да го поддржува а во исто време како пеперутка да ги украсува грубите тонови на гајдата. „Кому ти груби тонови?" викна Јове и стана да се тепа а Тоте исплашен од ваквата реакција веднаш се извини и се вратија на решавање на проблемот. Мелодиската линија ја кажа Тоте и откако ја совладаа почнаа да вежбаат. Јове главно ги држеше скалите за качување на кров, но кога виде дека не одговараат ги напушти и Почна да свири по негово. Вежбаа цела ноќ и не само што не заспаа туку не ги оставија ниту луѓето ниту пак кучињата да заспијат. Следниот ден цело место беше мртво ненаспано од бучавата и сите беа паднати во кома. Местото затоа, изгледаше како напуштено. Кога се стемни пак истата приказна но овој пат со назнака „вечерва ќе се игра оро до сабајле". Еден по еден се собраа на сред село се фатија за појаси што жени што мажи и нестрпливо ги очекуваа првите тонови. Двајцата музички дипломати почнаа да свират трудејќи се од петни жили да ги изедначат ставовите. Луѓето почнаа да играат и вештачки да се смеат но ништо: пробаа прво со рамното, па со брзото па со комбинираното оро, па шест напред, три назад и други ора како што одат по ред, но ништо. И така, паднаа сите разочарани на земја. Но кога разочарувањето е најголемо, секогаш се појавува по некое решение, по некој спас; некого му текна -и тоа многу паметно - да отсвират заедно една композиција, не... не заедно туку одделно, односно да ја почне гајдата, да ја продолжи чембалото, па пак гајдата, па пак чембалото а кога луѓето ќе бидат во најголема еуфорија да се смешаат двата инструмента бидејќи на крај на веселбите обично сите се пијани и сеедно им е што и како свири. Така и направија. Почна гајдата да свири бидејќи е домаќин и сите се фатија на оро и почнаа да играат, во даден миг клекнаа сите и почна чембалото. За тоа време додека свиреше чембалото неколку жени со кошнички на главите вклучени во орото, со помош на драмски елементи имитираа жнеење на поле. За сето тоа време чембалото свиреше гајдини тонови. А потоа пак се вклучи гајдата и пак скокнаа сите угоре и почнаа да играат. Мажите со сабји во раце издраматизираа борба со непријателот. И така цела ноќ се до касно после полноќ кога сите најадени и напиени, почнаа да играат како гајдата и чембалото што свират. И навистина, дојде време кога не се знаеше ниту кој свири ниту кој пее а најмалку пак кој јаде а кој плаќа. Сè се сврте на глава. Потоа Љубе му беше шепнал на уво на Тоте дека добро би било сега откако си ја постигна целта во ова место да продолжи за Лихнида бидејќи таму што јадење и пиење лежи, никаде на друго место нема. „Не ми е мене до јадење и до пиење -рече Тоте сакајќи да каже дека културната мисија му е поважна од се на светот, но набргу се предомисли оти беше изгладнет и исцрпен -туку ми е до пиење и јадење". Тоте побара доброволец којшто ќе го испрати до Лихнида. Сите се разбегаа лево десно бидејќи никој не сакаше да патува со него, заради турците што го следат а и поради тоа што веќе целата област дознала дека некој скапоцен клавир се шетка по нивните планини. Се разбира кој друг ако не Љубе, беше тој што се нафати бидејќи во родното село му беше страшно досадно. Покрај тоа како што на Тоте му ветија конзулство, тој на Љубета му вети дека ќе го стори богат човек кога ќе стигнат во Солун. И така едно утро двајцата авантуристи се поздравија со сите мештани. Тие пак во знак на почитување испуштија неколку солзи радосници од жал по заминувачите. Набргу се најдоа во густата шума. Дали од срам или од преголеми впечатоци, или пак го беше обземала културна меланхолија, Тоте долго време не прозборе ни збор, а кога се реши тоа да го стори, му преседна. Назад некаде позади нив, Турците веќе им беа влезени во трага и никако да излезат од неа. Се мачеа, се пустеа но ништо, не успеваа. Дури еден од нив се обиде да се закачи за една густа елка со двете раце и така да се извлече од трагата, но не му успеа - гранката се скрши. И така, тие напред а Турците по нив, стигнаа следниот ден рано на сабајле во Лихнида. Беше пазарен ден, ден кога се продаваат жените или се заменуваат за подобри. На големиот пазар беа собрани две три илјади трговци од сите краишта на територијата. Се продаваше, се купуваше, се играше и се пееше а најмногу од сѐ се озборуваше. Тоте не чекајќи кој знае каква прилика, ги застана коњите и му нареди на Љубета, кој дотогаш се беше извештил во прислужнички работи да му го спреми инструментот. Љубе му рече дека не е време за вакви свирки како тој што има обичај да свири, затоа што има многу ајдуци и арнаути, башка Турци и Селџуци и можеби некој од нив ќе изрази желба да му се свири по желба, а во овие краишта ако не се почитува желбата на тој што изразува желба, може се да заврши со несакана смрт. Бидејќи Тоте не знае македонски, турски, арнаутски и ајдутски песни подобро да не го влече ѓаволот за опашка туку да го остави да си ја врши неговата работа. Покрај тоа, може некому да му се бендиса инструментот и да сака да го купи. Бидејќи Тоте нема да сака да го продаде, ќе го прашаат зошто е дојден воопшто на пазар ако не сака да продаде или да купи нешто. И бидејќи желбата на тие што нешто посакуваат мора да се исполни, тогаш подобро е таа да се исполни отколку повторно се да се сведе на чиста смрт. „Нема да го земат - рече Тоте - затоа што никој не знае да свири на него". Виде не виде Љубе го отпакува клавирот го дигна горниот капак го намести столчето и од горе од каде што беше качен го најави својот газда пред народот -на кој до свирење не му беше -како голем мајстор од странство кој на својот инструмент ќе изведе големи светски познати дела од разни луѓе коишто убаво свират. Прво ќе слушнеле кантата а потоа демек соната па дури на крај доколку е можно ќе заиграат и оро. „Море дај ти нешто нашко ако знаеш ако не ај сиктер. Што си дошол тука од јабана да ни продаваш музика, демек ние немаме наша?" „Ама ова е благородна европска музика која ќе допринесе народите во Европа а особено на Балканот..." Се разбира дека на понатамошните зборови на Тоте никој не посвети внимание и затоа Тоте почна жестоко да свири. Не бре брат, никој ни да се сврти! Беше толкава пазарска врева што луѓето ниту помеѓу нив не се слушаа. Еден човек, Турчин или Арап праша за цената на клавирот а кога Љубе му рече дека не е за продавање тогаш овој опцу и сакаше да се тепа. Бидејќи настана мешаница се собраа и други луѓе и сакале не сакале почнаа да слушаат. Но не одеше. И тогаш се случи тоа што никој не очекуваше. Тоа беше настан кој придонесе животот на Тоте да тргне во обратна насока од таа на движењето на стрелките на саатот. Еден човек со шубара извади кавал, друг еден тапан, а трет зурла и се качија покрај Тоте на колата. Почнаа сите да ја свират песната обидувајќи се да се вклучат во музицирањето на Тоте. За да не остане кусур и Тоте се обиде да ја надополни музиката на качените. Од некоја конкретна музика немаше ниту трага, меѓутоа добрите познавачи на музичката вештина оваа појава ја сметаат за прв настап на камерен оркестар во Македонија. Но, секој почеток е тежок и дали поради несклад дали поради не знаење, публиката не се покажа како публика со слух за ова музика па си отидоа кој каде, да си продаваат јагниња и тенекиња, додека Тоте се мачеше да ги следи петнаесет осумнаесеттинките и двеста триесеттинките во кои свиреа кавалите. Од преголема желба и тресење му падна капакот од клавичембалото што сликовито можеше да се опише како паун кој се спрема да спие и ги уплаши коњите. Тие скокнаа угоре и се дадоа во бег. Бегот мислејќи дека некој пука од малихера, за да не го погодат се фрли на страна заедно со неговите вооружени пајташи. Откако го дигнаа, распиша потерница по колата што свири и така за малку ќе се случеше директна конфронтација помеѓу христијанството и муслиманството што секако дека не им одеше во прилог на големите сили, кои за да го спречат тоа убиваа сè повеќе луѓе. Крајната цел беше содржана во една мудра просветителска изрека: „Колку помалку луѓе, толку поголеми шанси да се зачува мирот." И така Тоте и Љубе повторно се дадоа во бегство, со бегот позади нив и двајцата турски арамии кои се приклучија кон потерата. Љубе му завидуваше на Тотета затоа што тој има дипломатски имунитет и може да се спаси, но Тоте му вети дека ако гинат, двајцата ќе гинат (иако тој не смееше да загине). Но исто така му рече дека ако се спасат тогаш најдобро е само едниот од нив да се спаси: нека биде тоа тој што најдобро свири на клавичембало. Сиротиот Тоте, во тие тешки, панични мигови, кога зборовите се изговараат без да се провери нивната содржина, ни на крај памет не си стави дека токму овие негови изговорени зборови ќе се свртат против него, затоа што Љубе почна да учи да свири клавичембало. Тој уште поодамна ги гледаше со големо внимание прстите на Тоте како се фрлаат наваму натаму по клавичембалото и успеваше колку-толку да запамети по некој редослед на тонови така што навечер кога Тоте ќе си легнеше тој ги повторуваше безвучно движењата на прстите на една штица на која ги имаше изрезбано неколкуте клавиши за кои сметаше дека му се најпотребни. И така вежбаше на глуво. Но откако Тоте ги изговори зборовите што ги изговори, желбата на Љубе да научи да свири на клавичембало, двојно му се зголеми затоа што сега од тоа му зависеше и животот. Набргу нивниот пат заврши бидејќи потерата ги стигна и ги уапси. Љубе зеде збогум од животот и малку недостасуваше па и Тоте да се збогува од својот дипломатски имунитет. Сакаа да ги носат во правец на Цариград но не стиганаа ни до Ливада, туку некаде на пола пат помеѓу Битола и Солун во некоја како касарна или теќе каде што живееше бегот. Барањата на бегот беа едноставни; бидејќи беше го слушнал Тотета како свири, пред да го одере сакаше да провери колкава е сличноста и колкава е разликата помеѓу канонот -на кој тој си ги кратеше долгите еднолични ноќи во кои ги менуваше постојано истите седумдесет жени -и клавичембалото, чиј звук му се виде доста интересен за експлоатирање. Всушност тоа што најмногу го интересираше бегот беше дали овие два инструмента можат да си ги усогласат некако ставовите. И така застанаа еден до друг, клавичембало и канон. Ставот на клавичембалото -врз кој во голема мера влијаеше тоа што е од Германско производство -беше дека треба да му се даде предност на домаќинот. Ставот пак на канонот -врз кој од друга страна исто така голема улога играше неговото арапско и можеби и персиско потекло -беше дека ставовите не можат да се усогласат и дека победник мора да има. Големо беше изненадувањето на сите присутни, кога забележаа дека човек доколку ги затвори ушите двата инструмента звучат безмалку идентично: иста боја, исти пораки кон светот и иста оптимистичка атмосфера. Тоте беше пресреќен; ова беше за прв пат во неговата мисионерска кариера нешто да му протече лесно и без многу маки, што значи и успешно. Многу се израдува и веќе се гледаше себеси како поднесува извештај за неговата мисија пред неговиот барон а тој свечено му доделува некаков орден за заслуги и го праќа за амбасадор во Тунгузија. Со ова Тоте си го сочува дипломатскиот имунитет и успеа да не биде одерен но, пустиот Љубе се тресеше од страв, зошто во оваа цела ситуација како водич и башка каур од малтретирана земја, немаше којзнае какви изгледи да не биде одран, бидејќи од него ниту се бараше некоја вештина ниту пак некој нешто го праша. Но надежта се појави благодарејќи и на итрината на Тоте, кој за да го заштити својот миленик, рече дека во интерес на големите сили не се само заедничките песни туку и почитувањето на човековите права и крива. И бидејќи Љубе имаше повеќе крива отколку права, го пуштија на слобода. Поточно го пуштија за да има кој да го води Тотета до Солун. И така си отидоа. Потоа Тоте се заљуби. Што му текна, не можеше Љубе ни одблиску да сфати. Тоте беше зрел човек, башка со големи амбиции. И ајде да си најдеше некоја добра прилика или некоја добра жена, а тој ни два ни три се заљуби во една меанџика. Меаната се викаше „Меана" а меанџиката Менка. Некако заедно ќе му дојде „Меаната на Менка". Тоа се случи на денот кога Тоте и Љубе вооружени со храброст и оптимизам застанаа да отпочинат и да ги сменат коњите во веќе споменатата меана. Тоте едно влегување и едно здогледување се заљуби. Но да не се насочи погрешно работата кон вистинската љубов, настаните кои следеа даваа за право да се претпостави дека се работи за љубов од интерес. Се беа договориле Тоте и Менка секоја вечер во меаната да има музика. Тоте да свири, другите да играат, а Љубе да спие во шталата. И така останаа таму неколку дена. Љубе шталуваше и упорно немо вежбаше на парчето штица, меанџиката носеше пиење, а Тоте свиреше жални песни за разделби какви што им одговараа на тие по меаните. И затоа свиреше за секакви разделби какви што се: разделба од животот, од смртта, од саканата, од татковината, од разделбата. Разделбата во македонската музика е исто што и веселбата или возвишеноста во Европската музика. Значи една веселба еднакво на една разделба. Тоте понатаму, изненадувајќи се самиот себе и прилагодувајќи се кон ситуацијата и поднебјето, сосема незабележително ги беше една по една напуштил кантатите и сонатите и фугите заедно со алеграта па ги беше прифатил брзите, шестерците, тешките и матните разделби. И затоа го слушаа сите. Работата им тргна и на меанџиката сè повеќе и се полнеше меаната а Тоте се повеќе се заљубуваше, но не во неа. Еднаш ја праша: „Кажи моме што да ти донесам оти ќе одам во Солуна града", а таа му даде список од околу двестотини потребни работи што за меаната, што за неа, што за муштериите. Кога Тоте го виде списокот подготвен од Менка однапред знаеше дека нема повеќе да се врати назад. За тоа време додека Тоте продолжуваше да си ги прилагодува интерпретациите и композициите спрема егзотичните места што ги посетуваше, Љубе под негов надзор се трудеше да научи колку толку и француски. Си велеше дека кога веќе е во друштво на Француз тогаш подобро е да научи француски, затоа што јазик е секогаш добро да се знае. Не се знае какви времиња ќе дојдат, па си замислуваше дека можеби еден ден ќе стане кувар во француска кујна. Тој со неверојатна спретност го совладуваше францускиот јазик и ги учеше на клавичембало германските композиции за два прста. Еднаш дури му рече на Тотета: „Je n'ai jamais eu de vie normale." Сакаше на француски да му го опише тешкиот живот кој го живее но не можеше да продолжи бидејќи Тоте токму во тој момент почна да си ги сече ноктите на рацете зошто тоа му беше многу поважно. Со големи нокти не се свири. Тоте стана некако друг човек. Се беше изменил во душата, желбата за слава и за успех му го беа поматиле умот, а тоа се како резултат на свеста дека е многу популарен во овие напуштени од бога предели и дека народот го дочекува и го испраќа како мисионер. Особено беше задоволен со последните потфати од кои дури почна да вади и белешки. Откако ги извади првите впечатоци во еден тефтер му текна дека не ќе биде лошо да ги опише и претходните случки. а потоа кога сево ова ќе заврши да ги објави во Франција како патеписи или нешто слично под наслов кој подоцна ќе го смисли. И така патуваа понатаму по својот пат, Тоте и Љубе, менувајќи ги постојано коњите и приредувајќи пародични концерти за клавичембало и останати инструменти се додека не стигнаа до Битола каде се случи тоа што мораше да се случи. Во Битола веќе имаа слушнато за Тоте и за неговиот пријател - за кој мислеле дека е некој француски слуга - и за неговите добротворни концерти што ги одржувал ширум балканските прашуми, со цел да го искултивира народот и да придонесе колку толку за мир и стабилност во регионот. Затоа кога тој влезе во Битола, на негово големо изненадување градот беше веќе залепен со натписи за престојниот концерт на Тотета. Тој требаше да се одржи во салата на конзулите на ден тој и тој. Тоте стана од колата отпоздравувајќи лево и десно по сокаците од каде што поминуваше, мислејќи за себе дека е славна личност иако луѓето си врвеа по свој пат ретко кој погледнувајќи лево или десно и ретко кој отпоздравувајќи. Тоте ова не го зеде при срце затоа што знаеше дека не може секој да биде музичар и да се разбира од музика. На малиот плоштад му беше приреден свечен прием од собраните конзули и разни други дипломатски претставници, кои веднаш побараа од него да раскаже како тоа се прифатил и која му е мотивацијата што тргнал по овие мрачни предели да оди и да одржува концерти. Тоте земајќи воздух и заблагодарувајќи им се на срдечниот пречек им рече дека неговата основна замисла е од хуманистички карактер и дека како богат француски аристократ не можел да седи и да гледа како сè уште во Европа има примитивни племиња, туку решил средствата да ги вложи во подигнувањето на нивните култури на повисоко ниво. Исто така треба да и се заблагодари на француската влада која вложила и таа средства и која му ја финансирала оваа негова прекрасна идеја. Некој тогаш праша да не знае што се случило со некој си брод натоварен со миротворни орудија, којшто требал да стигне во Солун и Тоте рече дека не знае за такво нешто. Потоа тој му рече дека штета затоа што францускиот конзул во Солун чекаше да му стигне едно исто такво чембало како на Тоте со тој брод и дека умира од досада. Љубе го буцна Тотета и обратно. Како и да е, насобраните луѓе му рекоа дека одвај чекаат да го слушнат концертот, а со тоа и со полни гради да ја вдишат европската културна ризница која толку многу им недостасува. „Вие секако ќе свирите и фуги и токати и сонати?" - праша некој. „Секако, секако " - рече Тоте. А пустиот Тоте за миг се беше толку многу уплашил да не открие некој дека не е назначен како културен мисионер туку како обичен чувар. Бидејќи Љубе ја знаеше тајната, прво на што помисли Тоте беше да го убие Љубета но не сакаше да западне во прозаични клишеа. А освен тоа Љубе ги освои симпатиите на аристократите со неговиот изговор на француското р па сите почнаа да го викаа Бубе со акцентот на крајното е. И така дојде време за концертот. Тоте си ја зазема положбата на подиумот кој беше специјално направен за оваа прилика и веднаш ја претстави првата негова репродукција на неколку алегриња и андантиња и по некои адаџиња од тој и тој концерт што се одржал во едно место наречено така и така. Почнаа звуците да се шират, да летаат наоколу, да се удираат од ѕид и да умираат во ушите на слушателите, да се тркалаат по калдрмите и по покривите. Хармониите во главите на европските дипломати звучеа среќно и весело па дури и расположувачки. Но нешто не чинеше. Нешто пречеше. Некаква грубост која ги беше опфатила хармониите, некаков малку поразличен такт, малку поегзотично свирење и многу поголем акцент на ритамот, што во префинетите уши на Европските глави звучеше како родосквернавење и како грев. Се слушна тивок џагор помеѓу присутните, а некои од нив почнаа меѓусебе да водат вакви тријалози: „Не може -велеше првиот - не може делови од Бранденбуршкиот концерт да се свират толку безобразно и толку дивјачки." „Денес - се приклучи вториот - и е нанесена срамота на Европската музика! Бах рече -се превртува во гроб" Но бидејќи секаде имаше опозиција и тука се случи тоа. Станаа некој дами -што го претставуваа третиот глас - и рекоа дека ова е репродуктивна уметност и тука авторот е слободен да се внесе себеси во музиката. „Да, ама Тоте не се внесе себе туку го внесе здивот на кромидот на ајварот и на лутеницата што ја јадел по пат"? За тоа време Тоте свиреше и пет пари не даваше на ништо околу себе, додека полемиките помеѓу насобраните се повеќе се ширеа. Некои извикуваа „скандал!" а некои „браво", Набргу во салата се прошири глас дека некој игра оро. „Што?" „Оро!" „Какво оро!" „Ете, погледајте". Се свртеа сите назад и видоа што имаа да видат. Среќата или несреќата сакаше, неколкумина луѓе Македонци кои работеа на одржувањето на салата за концерти која инаку беше и сала за приеми - двајца мажи и две жени - да се фатат за оро и да играат. Беше скоро неверојатно колку многу се вклопуваа три напред - две назад - чекорите со алегрото бр. 1 од концертот што се одржа во Бранденбург и сега повторно во Битола. Беше неверојатно како тие четворица луѓе си ги прилагодија чекорите толку лесно и бргу кон оваа музика, како таа отсекогаш да била нивна. Вчудовидените лица од салата не знаеа што да кажат. Некој од посмелите рекоа дека се раѓа нова страница во поглавјето на музиката, страница која секако дека треба да се скине. Што и да велеа другите на Тоте ниту му беше важно а ниту пак можеше да чуе за што се работи, затоа што тој се беше занел во своето свирење, а само со крајот на окото скришно ги набљудуваше мажите и жените кои во позадината на темната сала се беа фрлиле во орски занес. Некаде кон средината на концертот некои луѓе рекоа дека ќе си одат дома. Само најупорните останаа и дослушаа до крај. Тоте доживеа според неговите критериуми потполн успех: успеа да воспостави културни контакти помеѓу расположениот народ што игра оро и Франција а можеби и Германија. Успеа да ги седне на иста препејувачка маса после толку безброј обиди и лоши искуства. Според другите присутни тој пак доживеа невиден неуспех со самото тоа што дозволил некоја примитивна земја да се замеша во внатрешните работи на една толку голема земја како што е Германија. Во врска со ова германскиот канцелар кој што се најде себеси најнавреден од ваквата ситуација, реши да врачи протесна нота до месните власти за што мораше да оди дури до Цариград. А бидејќи не му се одеше никаде, туку му се седеше дома на топло и убаво реши протесната нота да ја врачи друг пат кога ќе има повеќе слободно време. Исто така и другите конзули сакаа да врачат протесни ноти до официјалните власти ама и тие кога малку подразмислија, решија дека не треба од случајот да направат случај, бидејќи тоа може да им се одрази на пријателските односи со Турција а тоа никако никој не го сакаше. Љубе за тоа време седеше и се смееше, му беше смешна целата ова ситуација но што беше најважно не се чувствуваше веќе во опасност затоа што му беше од страна на Тоте ветено имунитет доколку некој го нападне. И така кога заврши целиот концерт и кога сите си отидоа дома Тоте отиде право во кафеана да си го накисне доброто расположение. Љубе седна на местото на Тоте и почна да свири. Бидејќи е народен мудрец, тој во меѓувреме само од гледање и од преголемо чувство за ритам беше научил на памет некои мали етидички на кои на жалост народот не можеше да игра. Следниот ден бидејќи со конзулите не одеше работата, Тоте реши да отсвири еден добротворен концерт во гратскиот парк. Беше недела, ден за одржување на концерти. Тоте почна да свири некои македонски песнички прилагодени за клавичембало, а народот собран околу него туку почна да потцупнува, да се движи и да скока. Наскоро дојде и песната "Фатете се на оро" и сите се фатија на оро. Беше тоа голем ден за светската музика. И така лека полека стигнаа и до Солун. Лека полека значи дека тие двајцата го продолжија нивното музичко патешествие и низ разни други места како што се Ниџе и Кожув планина а потоа удрија право на Ениџе но таму добија ќотек бидејќи не знаеле грчки. Иако попусто се обидуваа двајцата да кажат дека знаеле ама во меѓувреме музиката им го испила паметот па заборавиле. И така главно со непријатни искуства но со богати души стигнаа таму каде што требаа да стигнат. Таму Тоте си дојде малку при себе и му текна кој е и што е, па затоа некако му бидна страв да се соочи со францускиот конзул кој може да го казни поради неговата непостојаност и непослушност и поради тоа што се обидел неовластено да ја шири западната култура помеѓу источните земји - сепак култура како култура меѓутоа кога не е држена под контрола таа може да биде и опасна. И навистина кога тропнаа на вратата на конзулот тој беше повеќе од изненаден од тоа што Тоте е жив и здрав. Уште повеќе изненаден кога виде дека неговото чембало е живо и здраво само што е многу изгребано и му фалеа многу златни украси и сребрени предметчиња. Дури и капакот му го немаше затоа тој веќе не можеше да се вика паун. Влегоа на гости заедно со Љубе кој во меѓувреме си ја беше извршил напорната мисија да го испрати Тотета до Солун и сега си ги чекаше неговите златници па да се врати назад или да фати магла некаде во џенем. Пред да почне Тоте да ја раскажува вистината за тоа што му се случи и како безмалку пешки од Драч до Солун стигна, беше изненаден од тоа што конзулот веќе сите тие работи ги знаел; а освен тоа од Битолскиот вилает му беа стигнале многу жалби и поплаки во врска со него. Демек неовластено и недозволено се впуштил во културна авантура со што можеше да предизвика не дај боже некаква светска војна. Затоа како награда конзулот реши да го казни Тотета со шеесет дена затвор во катакомбите на Анадолија што беше еднакво со шестотини години во некој пристоен затвор. Кога го слушна ова Љубе се разжешти не поради Тоте туку поради своите пари, кои во случај да го затворат Тотета никогаш нема да ги види. Затоа го замоли конзулот да му даде на Тоте уште една шанса: нека организира концертна вечер на која тој ќе пресуди дали Тоте е крив или не. Конзулот се согласи не затоа што се согласи туку повеќе затоа што го зачуди убавиот акцент со кој Љубе изговараше француски. Тоте кој веќе се гледаше себеси како костур во Анадолија се изненади и тој и го праша Љубета што има на ум. Љубе го образложи планот и го потсети дека меѓу неговите хартии забележал запишано едно дело наречено „Егзотична кантата" напишано за чембало и тамбура, каба, таламбаз, чкртало, багламаче, гајда, сурла, дајре, зунии, ќемане, бозук, саз и канон и хор. Со еден збор музика за чембало и емотивен оркестар. Навистина, на првата страница на концертот пишува „недовршена" но тоа во вакви околности не треба да значи ништо посебно -време за довршување секогаш постои. На Тоте му текна за тоа негово дело и бидејќи немал друг излез се нафатил да го изведе. Тоа што требаше да се направи за да останат живи беше чембалото секогаш да биде во прв план и да се истакнува со неговата инвентивност и ако треба со неговата нападност. Добија една недела за проба, но Тоте не проба ниту еднаш затоа што цело време заедно со Љубета собираа луѓе коишто знаат да ги свират сите овие инструменти. Откако ги собраа на едно место им закажаа за тој и тој ден. И така на тој и тој ден се собраа сите дипломати, сите конзули сите што се на некаква власт и коишто имаат пари, значи и многу жени на трговци. Францускиот конзул си ја чешаше брадата гледајќи ги на подиумот сите тие инструменти, се обиде да каже нешто но културата не и дозволуваше на лутината да земе збор. Прво почна чембалото, се прошири на општо задоволство низ целата сала, зеде замав и почна да диктира темпо, кога ете ти од позади некаде багламаче едно, лека полека срамежливо пушти глас. Веднаш потоа исто така лека полека се слушнаа таламбази две, па чкртало едно. Чембалото се уште беше во преден план. Од далеку некаде се слушна гајда во исто време кога престана багламачето. Со гајдата влегоа во звук и кабата па тамбурата. И додека две по две се повлекуваа и пак се појавуваа, таламбазот и ќемането се бркаа на една ливада без шанси било кој било кого да стигне. Се случи наеднаш да се вмеша канонот и колку и да се трудеше Тоте да го натсили, поради сличноста на звукот, композицијата се претвори во лесна хистерија. Другите преостанати инструменти како што се бозуко и сазоите кога видоа што се случува се фрлија во композиција. Стана вистински метеж. Тоте се обидуваше да направи нешто повеќе, стискаше по клавишите со сета сила и настојуваше да го натсили оркестарот но некако не му одеше од рака. Публиката беше шокирана од звукот што доаѓаше од подиумот. Многумина си ги затнаа ушите не можејќи да слушаат. Тоте веќе беше уфрлен во игра и не можеше да се врати - падна во транс и трансот му стана живот. Сфати дека само на овој начин може да опстане и дека колку повеќе ќе свири толку повеќе ќе живее. Хаосот од звуци се ширеше по таванот и подот, ги обвиткуваше исплашените дами и ги скандализираше старите бекен-бардести дипломати. Сите како едно помислуваа дека дојде време за хаос и дека целата ситуација им е избегана од контрола. За тоа време Тоте сè повеќе мафташе лево десно со главата, сè повеќе се занесуваше во музика која само за него беше разбирлива и се повеќе беше свесен дека е ова ремек дело. Љубе исто така си ги беше затнал ушите за да не чуе. Стана крај на светот и почеток на светот во исто време. Багламаче почна да се дере со сета сила, тамбурата скина жици, гајдата пушташе пискот како да е на врв на планина, кабата и сазот воопшто не се слушаа иако од петни жили се мачеа тоа да го сторат, разните свирчиња полудеа, дајрето падна на земја, а притоа го удри по нога сазот кој, мислејќи дека е намерно му врати по глава. Тој пак сакајќи да му врати на сазот го фукна канонот по глава и тој паѓајќи го бутна багламачето кој му врати на канонот. И така стана општа тепачка во која чембалото се обидуваше да направи ред. Луѓето во салата станаа и бегаа надвор во паника мислејќи дека е навистина крај на светот. Само неколкумина луѓе кои што треба да настапат на крај на програмата почнаа да цупкаат и да играат мислејќи дека така треба. Тоте не престана да свири а играорците да играат се додека не дојде аскер и додека не го уапсија. Набргу беше обвинет за намера за предизвикување на интернационални немири и војна и фрлен во темните зандани на Анадолија. За да не дознае францускиот двор за оваа случка, конзулот го назначи Љубета за Тоте наместо Тоте и така започна еден сосема нов свет. Од „Егзотичната кантата" не остана ништо иако такви и слични дела ќе се изведуваат за навек. Како знак на сеќавање на тоа време остана во македонскиот уличен жаргон само зборот канта -кој своето потекло го води од зборот кантата - и означува нешто расипано и... скантано. зборови и алати Таа сакаше зборови, јас алати. Таа именки, јас навртки, таа глаголи, јас мистрии, таа предлози, јас чекани, таа членови, јас шајки, таа заменки, јас завртки... Во мојата работилница имаше сè: наковална, клешти, копач, ножици, чекан, теслиќар, тесла, глето, бичкија, мистрија, ренде, сврдло, менгеме, струг, турпија, пила, шајки, сантра, шило, лима, метро... а сепак немав некој особен занет. Таа пак во нејзината глава имаше глаголи, именки, предлози, заменки, слогови, префикси, суфикси... а сепак ниту таа не беше некој јазичар. Од нејзините зборови јас најмногу ги сакав тие коишто означуваа алати, таа од моите алати -само нивните имињата. Точно е - бевме различни. Но не требаше таа разлика да биде ниту повод ниту пак причина да се скараме. Едноставно требаше секој да си ја гледа својата работа и можеби денес ќе бевме заедно. Но се чини дека ни господ не можеше да ни ја растргне тврдоглавоста во која запаѓаат несреќните по дух или неспретните во раце. Луѓето велат „тврдоглав како магаре", но грешат бидејќи треба да кажат „тврдоглав како човек", оти магарето не е тврдоглаво, тоа е единственото животно што не му се покорува на човека. Човекот пак со неговата тврдоглавост нема со кој да се мери. Впрочем Конески имаше нешто напишано за магарињата но не се сеќавам ни каде ни кога. Да им се вратам на проблемите. Кога одевме некаде заедно по улица јас честопати се веднев доколку ќе здогледав некоја навртка, па безбели ќе ми притреба си ја ставав в џеб. Таа, веднаш ќе извадеше едно мало тефтерче од џебот, и ќе ѝ го запишеше името на таа навртка. Ако ќе сретнев некого како си го поправа автомобилот ќе застанев и љубопитно ќе ја нурнев главата во моторот. Таа најпрвин ќе ја запишеше марката на автомобилот а потоа зборовите што ги слушаше додека ние мајсторите разговаравме. Кога ќе застанев пред некој излог на дуќан во кој се продаваат алати и со занес пребројував во мислите што имам, и што треба да набавам во иднина, таа веднаш го вадеше џебното тефтерче и правеше попис на сите именки што ќе ги видеше пред неа во излогот. Мене ми изгледаше нејзината таканаречена збороподредувачка манија невообичаена па дури се осмелувам да кажам и смешна. Од друга страна пак нејзе, моето занимање за алати и изгледаше како вечно повторување на истото. Попусто се обидував да ѝ докажам дека со алатите можеш нешто да направиш додека со зборовите можеш само да си играш играчки - таа секогаш имаше доволно добро смислен одговор во корист на нејзините зборови, со којшто честопати ме ставаше во недоумица. Нашето подлабоко сообразување започна во мигот кога сосема спокојно една летна вечер си шетавме покрај брегот на Вардар и кога бевме маѓепсани од илјадниците светулки на градот коишто се отсликуваа во матните води. Јас ѝ реков - се сеќавам дека не беше со некоја посебна намера туку затоа што тоа така излезе од мене - дека да не беа алатите не ќе постоеше Скопје. Таа веднаш ми врати со тоа дека да не беа зборовите не ќе можев ниту да го замислам а камо ли да го наречам, а уште помалку да го изградам градот. Мене ме фати смеење но не го покажав тоа јавно. Продолжив да ѝ докажувам нешто за кое што таа очигледно не беше уште спремна да го прифати како вистина. „Можеш ли ти - ѝ велам - да го наречеш градот град, кога не би бил со алати изграден?" „А можеш ли ти да ми го покажеш градот ако со зборови не е омеѓен?" „Да, но тој сепак постои." „Не постои додека не е наречен." Тогаш уште не бев свесен, но ние се обидувавме да изградиме град од зборови и алати. Колку и да изгледа чудно ние тогаш не бевме деца, туку не беше фатила веќе и средно доба. Претходните расправии завршуваа така што таа ќе заминеше на неколку дена или недели на некој непознат семинар или конгрес - барем таа така велеше - а јас ќе се затворев во својата работилница и ќе составував плакари, шкафчиња, ормарчиња, фиоки, масички и други потрепштини. Потоа повторно ќе се сретневме ќе излезевме и пак одново секој со своите доблести. Овој пат ниту таа отиде на семинар ниту пак јас изработив некоја потрепштина. Решивме еднаш за секогаш да си докажеме кој е во право. Си дадовме рок од една недела - секој нека направи нешто. Било од алати било од зборови. Нешто кое ќе биде доволно убедливо за да го разубеди другиот во неговите ставови. Речено - сторено. Секој за себе си беше убеден во тоа дека другиот нема никакви шанси. Јас на пример, мислев дека дури и да донесам и најситно нешто, на пример мала кутија за накит, ќе биде нешто, нешто што се гледа и допира, нешто вистинско. Таа не ќе може ништо да ми донесе што ќе биде составено од зборови, а јас да можам да го држам во рака и на крај на краиштата да ми послужи за нешто. Бев безмалку среќен во слаткото очекување на победата. Си отидов дома и во занес каков што само почетник може да го има, се затворив во сопствената работилница. Ја поткренав мистријата - но ја оставив; зедов потоа чекан -но го баталив; извадив ренде -но го вратив; зедов шајки да ковам - но ги оставив. Не знаев што да направам, немав никаква идеја. Не ми доаѓаше ништо на ум, ништо величествено со што ќе можам да ја потврдам мојата суета, нешто авторитетно, нешто несрушливо што ќе им посведочи и на идните генерации за моето постоење. Така во барање на идеја ми поминаа неколку денови во кои молскавично размислував што ли прави таа, дали веќе има некаква идеја. Искрено, голема беше веројатноста таа веќе да имала некаква идеја, но исто така ме тешеше и помислата дека ќе нема достојна изведба. За разлика од мене којшто веднаш можев да изведам било што. Зедов даски, шајки, лопати, завртки, навртки, гипс, цемент, ги послав околу мене но ништо не ми доаѓаше. Можам дури да речам дека ми бегаше. Одеднаш ми текна дека ќе биде најдобро да ја реализирам мојата прва идеја дрвена кутија за накит и така тоа ќе биде доволно. Да, што и фали на дрвена кутија за накит или пак за чување слатки или други скапоцености? Во договореното време, тажни но смели, се најдовме на еден напуштен полигон за воени вежби, којшто претставуваше најсоодветно место за образложување на нашите широки замисли. Како што претпоставував - таа дојде со рацете в џеб. Беше повеќе од очигледно дека таа изгуби. Бев сигурен дека што и да ми каже со зборови, што и да составила, што и да направила од именки или глаголи, ќе претставува само нижани зборови коишто ветерот ќе ги разнесе низ вселената и никогаш повеќе нема да се вратат. А таму, во вселената нека прават што сакаат. Јас достоинствено ја извадив кутијата за накит и ѝ ја подарив. Потоа ја прашав дали конечно се уверила дека сум во право. Ме зачуди тоа што таа наместо да се кае за нејзината неумереност во изјавите, беше насмеана и ведра како никогаш порано што не сум ја видел. Цело време климаше со глава во знак на одобрување на тоа што произлезе од моите алати, но сепак нешто не чинеше, некоја јанѕа ме стегаше. Ја прашав што направила таа од зборови. Ништо не одговори, само се подистави и дваесеттина метри позади неа ми покажа еден средновечен маж со мустаќи. Тој ја чекаше. Таа ми рече дека тој човек што ја чека сака ноти: осминки, четвртинки, шеснаесетинки... - и си замина кај него. Глупости! Каде се видело со зборови и ноти, град да изградиш? неовластено Дека човек сосема неочекувано може да западне во непријатни ситуации доколку го згреши нужникот, покажува примерот на еден работник кој работеше во некоја фабрика за житни продукти, леб и такви работи, и кој според кажувањата на комшиите и роднините бил сосема спокоен и може да се каже незабележлив човек: еден од тие на кој можеш да нагазиш а да не го забележиш. Во поново време постои едно доста раширено мислење дека колку си поагресивен и колку понападен толку поубаво за тебе, а колку си поблаг и понежен спрема блискиот свој, што значи колку си повеќе мирно јагне рисјанско, толку повеќе им даваш за право на другите луѓе да те печат на ражен. И не само тоа, според таквата логика треба да ги замолиш другите луѓе пред да те испечат, малку да те обарат. Следствено, никој не посакува да биде од тие вторите, но тие набргу се соочуваат со проблемот на стварноста во која тие не можат да постојат на друг начин освен на тој: тивкиот, повлечениот во кој секој си ја гледа сопствената работа. Тоа што е најлошо за таквите луѓе е што нивната немоќ станува место за развивање на особините на другите, поинаквите и според современите морални мерила, поспособните луѓе. И што им преостанува во такво едно соѕвездие на тие првите? Им преостанува само да станат ѕвезди, а за тоа сведочи и веќе споменатиот случај. Работникот за кој станува збор, работеше во една фабрика за лебови и други житни прехрамбени производи. Судбината сакаше еден ден рано сабајле како резултат на пијанчењето од претходниот ден, веднаш да му се приоди во нужник. Обично кога ќе му се случело таква работа, го молеше малку колегата до него да го замени, но овој пат толку многу го стегна што не само што немаше време да го замоли колегата, туку наместо да се упати кон нужникот којшто служи само за работничката класа, инстинктивно без да размислува, во два скока се најде пред нужникот кој служи само за раководството на фабриката. Постоеја повеќе причини зошто тој го направи тоа но, една од главните беше што таму кај што требаше тој да оди беше многу подалеку од местото каде што навистина отиде. Се залета значи како споулавен не можејќи да издржи и само што ја турна вратата од нужникот од внатре се појави висок и сув, може да се нарече дури и црвенокос и очилест човек кој запирајќи го со рака работникот со пријатен и милозвучен глас го праша: „Каде вие, впрочем?" „Јас -стегна заби работникот -еве по нужда" "А вие не гледате впрочем, што пишува на вратата?" „Гледам , пишува машка кондура!" Црвенокосиот покажа со прстот малку подолу од машката кондура удирајќи рамномерно по тапацираната врата со цел да му покаже дека малку подолу таму каде што му е прстот пишува „забранет влез за неовластени лица" Потоа небаре победоносно му се насмеа на работникот и му рече: „Имате ли вие впрочем овластување?" „Какво овластување?" праша кутриот човек успевајќи повеќе од шокираност и изненаденост отколку од добронамерност да ги стегне препоните колку што може повеќе за да не се случи чудо. „Овластување -рече високиот -од раководители и работодавците?" „Пааа!" „Аха, значи вие сте тука неовластено?" „Слушајте, јас не можам повеќе!" „А не бидејќи вие немате впрочем никаков документ со кој би го идентификувале вашето овластено влегување во службените простории на работодавците, јас ќе бидам љубезен да ве спречам во вашата намера. Си имате вие работниците посебно одредени места за вас и ве молам најљубезно да се упатите кон нив". Така зборуваше еден од помошниците на работодавците. И веројатно работникот афектиран од сопствената бешика и сопствените маки, го направи тоа што никогаш не му паднало на ум дека некогаш ќе биде спремен да го направи: го турна високиот со двете раце мислејќи дека тој само си игра мајтап со него, му рече „море мавни ми се" и се стрча внатре - неовластено. Таму внатре, тој работникот, ги доживеа најубавите мигови на среќа и задоволство во изминатите дваесет и четири часа, опкружен со мирис на лаванда и скапи парфеми, и скокоткан од лисјата на егзотичните дрвца. Му падна на ум дека вредеше што дојде барем еднаш во животот во таков еден нужник со кафени плочки и со златни грчки украси. Се почувствува наеднаш силен и моќен, не поради тоа што е, туку поради тоа што го направи, што се осмели повеќе воден од потребата отколку од намерата да ја шутне таа амеба од човек и да си го подигне малку моралот пред самиот себе. Се врати на своето работно место и продолжи со пакување на кроасаните. Откако виде дека ништо не се случува, почна да им кажува на другите работници за случката со неовластено влегување. Тие се скинаа од смеење, а некој и опцу. Кога се врати дома, им раскажа и на другите мажи во маалото на жена му и на сите заинтересирани за тоа што му се случи. Некои луѓе му ја стегнаа раката и му рекоа дека умно постапил и дека со таквите така треба, само грубо, како што постапуваат и тие спрема нив. Наиде на неочекувана поддршка од граѓаните и од пријателите, па мораше навечер пред легнување да си признае самиот на себе а и на сопствената сопруга дека се чувствува многу посигурен и подостоинствен. Следното утро се појави поисправен на работа и помудар за една случка. Забележа во очите на другите работници мала завист поради неговата храброст и тоа мораше да се признае страшно му годеше. И тогаш реши пак да го повтори тоа што го направи претходниот ден: што ти е човек! Се разбира дека не може да се задоволи со тоа што го направил и со тоа што го постигнал во животот, но зошто не можеше да се задоволи со само едно недостижно дело? Пак го замоли тој до него да го замени и му направи ишарет со очите со што сакаше да му даде до знаење дека пак сака да го повтори тоа што вчера го направи. Неговиот колега се поднаведна и ја искриви муцката сакајќи да покаже дека не е сосема сигурен дали да ја оправда неговата постапка или треба да го спречи во тоа. Исто такви гримаси направија и другите луѓе кога го видоа дека се упатува пак кон нужникот на претпоставените. Работникот сето тоа, сите тие вртења со главата си ги свел само на помислата дека другите му завидуваат. Што ќе правиш му удрила славата во главата. Стигна пред нужникот, ја отвори вратата влезе и почна повторно опиен од истите нежни мириси кои не можеше вчера да ги почувствува ни кај сопствената жена, да мечтае дека е лош, дека е дрзок, дека е груб и на крај на краиштата дека има неограничено овластување. Се задржа неколку минути а потоа местејќи си ја шапката на страна, мангупски излезе од нужник. Во тој миг покрај него помина продолжената рака на работодавците, и само му климна со глава, сакајќи да си го продолжи патот. И сега работникот помисли дека човекот се плаши од него и дека конечно психички го совлада противникот па викна малку посилно: „Еј другар, здраво". Човекот запре малку, се сврте му климна пак со главата и продолжи, некаде со документи под мишката. Кога стигна назад на работното место другите со тајно гласање го беа веќе избрале за нивни претставник во разговорите со раководниот персонал во врска со сите проблеми што ќе се појават понатаму со работата и во врска со неа. Ова му се појави како гром од ведро небо. Тој всушност ја доби првата функција во животот. Беше повеќе од среќен и реши малку да ја нагласи сопствената енергичност и дрскост спрема другите луѓе околу него, а беше спремен ако е потребно, тоа да го стори и со црвенокосиот. Тој ден во нужникот неовластено отиде уште четири пати. Не дека имаше потреба туку повеќе да нагласи дека ја проби рампата која се појавува помеѓу стравот и стравопочитувањето. Додека влегуваше и излегуваше од нужникот, многумина главно овластени лица, поминуваа покрај него, го меркаа, му се извинуваа без никаква причина, му климнуваа со глава. Од другите работници сè уште никој го немаше тоа направено, но набргу еден од похрабрите чие работно место исто така беше поблиску до нужникот на работодавците, по препорака на работникот влезе таму. Потоа се вратија двајцата и со задоволство раскажуваа како е внатре. Се разбира потоа и другите работници почна да ги гризе љубопитството. Кога сите видоа дека ништо лошо не се случува, влегуваа во нужникот се чудеа, правеа што правеа и излегуваа од таму воодушевени. За тоа време тие се разминуваа со овластени лица и тие љубезно ги поздравуваа без никаква примедба. Следниот ден работникот го изгласаа исто така во повисока функција - да ги преставува сите работници во погонот -нив петнаесетмина во сите разговори и преговори што понатаму ќе се водат на било какво ниво со раководните структури. Неговата репутација порасна не само на работа туку и дома: жена му почна да му ги мие работничките нозе со топла вода, комшиите му доаѓаа без некој поголем повод на гости, а роднините се распрашуваа дали ќе може на тоа да заработи некоја поголема пара. Тој се правеше дека не е толку заинтересиран за тоа што му се случува и значајно велеше: „Ќе видиме, ќе видиме". Хаос во нужникот на работодавачите. Така може најкратко да се опише состојбата која настана во тој дел на погонот, откако почнаа и работниците да се провлекуваат таму. Не се знаеше кој влегува и кој излегува. Еден од неовластените дури собра и храброст па го тргна и го фрли натписот на кој пишуваше: само за овластени лица, а од знакот со кондурата извади едно штрафче. А помина само една недела од првиот настан. Точно седум дена по настаните, дојде „впрочем" кај работникот и најљубезно го замоли да дојде веднаш кај работодавецот на разговор. И сега што? Работникот се збуни, му се замати тешко и макотрпно здобиената самодоверба, почна не сакајќи да му потскокнува пулсот, и како и што го правеше тоа порано во животот го спушти погледот на земја. Другите си ги свртија погледите на друга страна правејќи се дека не знаат и не ги интересира за што се работи. Неовластениот тргна по „впрочем" и влезе во просториите на раководителот. Таму се покажа добро познатото ама слабовидното лице на кое се читаа триесетина години, мазно избричено и луксузно - може да се каже. Тој го покани да влезе и да седне. Од неговата десна страна стоеше „впрочем". На работникот му се стемни и без да чека што ќе се случи почна: „точно е тоа дека неовластено влегов во вашите овластени простории но, знаете како ми дојде толку силно што не можев да се контролирам, а тоа што и другите почнаа да доаѓаат по мене, не сум јас крив." „Молам?" -праша работодавецот ширејќи ги очите. „Велам, дека тоа што почнав интензивно да го користам вашиот нужник, тоа значи дека се појавува проблем кој веќе одамна се провлекува помеѓу нас работниците, во врска со далечината која треба да се помине додека се стигне до нашиот нужник и за кој сега е крајно и вистинско време да се превземе нешто". „Колку што добив јас информација, од мои лични извори, вие не само што сте се обиделе да ги пречекорите вашите овластувања туку сте ги поттикнувале и другите да го прават тоа."- рече работодавецот свртен со грб кон работникот и гледајќи кон ролетната што го покриваше прозорецот. „Немав никакви лоши намери само ете... потреба..." „Ве молам - се обрати работодавецот кон работникот - дали би се согласиле да направиме еден мал тест?" „Тест, зошто?" „Сакаме нешто да провериме." „Доообро, ако мора, тогаш" - рече работникот зачуден. „Ако застанете пред еден јавен нужник и на едната врата видите триаголник со врвот угоре, а на другата врата ист таков триаголник свртен со врвот удолу, каде ќе влезете?" „Молам?" - праша работникот зачуден од ваквиот тест. „Прашав каде ќе влезете, односно кој е според вас машкиот тоалет, а кој женскиот. Каде ќе влезете? „Па - се задума малку работникот - би влегол во вратата со триаголникот угоре" „Зошто?" „Па мислам, триаголник угоре - се насмевна малку -претставува.... знаете веќе што мислам, а тријаголник со врвот удоле... знаете жена... мислам дел од жената..." Работодавецот го погледна скришно „впрочем", а потоа стана ги вкрсти рацете, отиде кон прозорецот и со грб свртен кон работникот рече: „Не сте во право. Триаголникот со врвот угоре симболизира женски фустан, а триаголникот со врвот удолу машко торзо." „Јасс..." -сакаше нешто да каже работникот ама виде дека нема никаква смисла. „Добро, јас сепак не ве викнав за тоа, впрочем ќе го искористам вашиот предлог овие наши простории да се прилагодат за ваши потреби..." „Молам?" „Велам овие наши простории според ваша иницијатива ќе ги претворам во работнички простории во интерес на производството и ве викнав да ви се заблагодарам за предлогот и за иницијативата." Работникот само што не ќе паднеше во несвест од вчудоневидување. Веќе се виде себеси унапреден во повисок ранг можеби и како човек што ќе го замени „впрочем". Одвај чекаше да им каже на другите. Стана да си оди. „Почекајте еден миг" - рече работодавецот -сакам да ве информирам нешто". Работникот помисли дека сега ќе падне предлогот за унапредување, но падна друго нешто: „Ние сосема случајно дознавме, прегледувајќи ги вашите здравствени картони, дека една ваша роднина подалечна, боледувала од тешка заразна болест. Бидејќи ние сме такво претпријатие во кое личната, здравствена и ментална хигиена треба да бидат на највисоко ниво, ние не можеме да го превземеме ризикот, да се појави сосема ненадејно таа болест и кај вас. Та нели работиме со храна. Замислете си поради вас да се зарази цел еден град. Покрај тоа, резултатите од тестот покажуваат дека и умствено не стоите токму најдобро. Не го сфаќајте ова премногу лично но по многу консултации со лекарскиот конзилиум и директорите акционери во оваа организација, решивме да ве распределиме на едно сосема друго работно место, каде што нема да доаѓате во допир со храната. Впрочем ние можевме едноставно да ве отстраниме од работата, но ние сме познати по тоа дека сме претпријатие кое води сметка за своите работници и кое...." Другото веќе и не е толку важно. штрајк Излеговме на доручек ние - пет-шестмината храбри мажи, вооружени со по две паштети и четвртинки леб под испотените ни пазуви. Бевме неизбричени и тромави, дури може да се рече и мрзливи, а беше стегнала некаква сипаничава пролет каква што не се памети. Бевме згрбавени, а сепак земјоделски среќни, додека ја напуштавме работилницата. Испоседнавме како и секој ден на исто место: карши малото замаглено џамче од кое не гледаше шефот, до ѕидот на кој беше потпрен расипаниот и мувлосан алат, помеѓу полумокрите и изветреани картонски кутии, свиткани на студената земја и спремни за седнување. Некој од нас како и катадневно легнаа на земја, некои испоседнаа на картоните, а некои едноставно простумеа. Додека ги отворавме конзервите не ни пречеа маслосаните раце, ниту пак смрдливата пот во која беа завиткани чевртинките леб. Почнавме да џвакаме, еднообразно, исто како вчера и како лани, исто како првиот ден од кога се вработивме во претпријатието, несвесни дека го правиме тоа, паднати во транс, загубени во самите себе и во вселената. Џвакавме толку еднообразно што бевме заборавиле да битисуваме. Погледите ни скитаа некаде над врвовите на планините од кои се спушташе надолу свежиот снег. Некои додека џвакаа си се драпаа по брадата, а некои и по потколениците, под чорапите, веднаш над глуждовите. Ретко зборувавме за било што. Секој си го уживаше царството на доручекот, тоа царство на слободата во која никој никого никаде не тера, каде што никој никому за ништо не префрлува и каде на крајот на краиштата, секој си ја исполнуваше исконската задача поради која беше роден на земјата - јадењето. Бевме, што се вели битисани - битија. И кој знае уште колку време ќе си останевме такви да не спомнеше некој од нас, кој знае од која причина но сигурно не со намера да напакости ниту пак со намера да предизвика раздвижување на мислите или не дај боже појавување на гнев, дека паштетите ги прават од сомелени остатоци и отпадоци од живот. Ние се разбира дека се запрепастивме од тоа што го бевме слушнале не пропуштајќи ја можноста да ја исправиме говорната грешка: „Веројатно мислиш животни, а не живот!" му рековме, џвакајќи сè позаинтересирано. Но нашиот пријател, нашиот другар со кого до вчера делевме и добро и зло, продолжи како ништо да не било: „Остатоците од живот се мелат во големи машини, се додека не се доведат до полутечна состојба, потоа им се додаваат разни дребулии и на крај се ставаат во конзерви за да не се разбегаат и повторно да создадат еден цел и нормален живот. А лебот - лебот, продолжи тој, го прават всушност во четвртинки, бидејќи денес никој веќе не купува цел леб!" Нашиот соработник, нашиот пријател беше токму човек и се викаше Павле. Минатата година заедно со жената и со неговите две мали деца добил на лотарија околу четириесеттина книги од познати светски автори, а веднаш потоа тој ги продал книгите ефтино и купил пумпа за точак. Сè на сè го познававме како среќен човек и добар домаќин -повод да го каже тоа што го беше кажал -и за кое се беше фатил како слеп за стап -бездруго немаше, или нам барем така ни се чинеше. „А бе Павле, сигурно мислиш животни, да речеме коњ или куче, а не живот" - се обидовме ние да си разјасниме на самите себе но тој не па не, упорен како секогаш, вели дека тоа не само ш^о го прочитал во весник, туку и го слушнал на радио. И така откачил Павле -му удриле паштетите во глава. Веројатно вознемирен од тоа што ние се вознемиривме, шефот си го беше доближил носот до внатрешната страна на прозорчето небаре сакаше подобро да разбере за што зборуваме и зошто толку се растревоживме. Ние веднаш го здогледавме и ни се стори многу смешен. Пред некој ден, на тоа прозорче полно со прашина, од надворешната страна некој беше нацртал со прст срамен дел од машко човечко тело, и се чинеше дека шефот гледајќи низ тоа - гледа како низ очила. Ние го сфативме тоа како симбол и се скинавме од смеење. Тој веројатно се беше налутил и беше сетил дека му се смееме токму него па со полна уста излезе и почна да вика по нас да се вратиме на работните места. Освен што не разгневил ништо друго не постигнал. Ние не го слушнавме неговиот повик и се вративме на размислувањата околу тоа дали Павле згрешил или е во право. Некои од нас веднаш се раздвоија и застанаа на негова страна, толкувајќи ги неговите зборови како метафора и како алегорија. Останатите бевме убедени дека тој се откачил и дека згрешил па застанавме на мислењето дека животот како прво не може да се фати за огламник а камоли да се заколе, а најмалку пак да се меле и дека сите овие работи се својствени за животните. Сакавме со логички заклучоци да ја одгатнеме нелогичноста на животот. Ние бевме пет-шестмина храбри луѓе, смели мажи, доблесни родители, луѓе коишто живеат и коишто го сакаат животот. Секој од нас на нашите синови и ќерки кога и да се даде можност за тоа им купува кесичка бомбони или лижавче. Умееме со нашите жени - еден од нас на својата сопруга и купил волница за да си сплете џемпер! Ние сме херои! Во меѓувреме, човекот со симбол на лицето, скокаше околу нас. Го беше веќе фатила паника! Тој не ни претпоставувал дека ние размислуваме за суштината на животот па не можејќи да ни се приклучи скокаше околу нас како мајмун на гранка, тргајќи го ту едниот ту другиот за ракав да стане и да се врати на работа. Всушност ние сосема спонтано бевме сфатиле дека правиме нешто што е против неговата волја и дека ни се допадна положбата во која се најдовме -кој каде легнат или клекнат на тревата точно пред вратите на работилницата каде што можевме лесно да бидеме воочени. Ни се допадна кај нас, а за тоа сосема молскавично се бевме договориле со погледи како браќа, како близнаци, тоа што никој премногу не се возбудуваше од врескањето на човекот со симбол на лицето и колку повеќе тој врескаше ние станувавме толку поупорни и повешти. Всушност се чувствувавме горди на себе иако не знаевме точно што правиме -само насетувавме. Ние секогаш правевме така како што ќе ни речеа а сега првпат правиме така како што сами си велиме. Многу подоцна некои тоа го нарекоа инат, но не беше тоа. Во меѓувреме брадите ни раснеа. Останавме така, кој да лежи кој да седи, ѕверејќи се во празните конзерви кои само до пред неколку саати беа полни со живот, а на кои сега лазеа мравки и бубачки од секаков вид во потрага по храна. По кратко панично шетање по сечилото на конзервите разочарани си одеа во непознат правец. Ние - што се вели - маста им ја бевме извадиле на конзервите. Набргу се спушти ноќ и пролетта замина од пред пашите очи. Молчевме и бевме сами, немавме никаква потреба да зборуваме. И тие што се колебаа околу прашањето поставено до Павле сега беа на негова страна. Управата предводена од човекот со симбол на лицето стигна касно во ноќта. Со луксузни автомобили и темни очила за да не им се видат очите. Човекот што скокаше околу нив им велеше дека не знае што ни стана и дека секогаш се враќаме од доручек а сега небаре сме затруени со храна. Труењето со храна ни се виде како добар знак и ние сите се фативме за стомаци. Управата нешто почна помеѓу себе да се договара и ни нареди да си одиме дома за да може да ја ослободиме работилницата за третата смена. Не мрднавме - небаре си игравме. Ние си ги сакавме нашите жени. Тие не велеа никогаш ништо за сликите на голите жени што се залепени по нашите ормарчиња иако тие се поубави од нив. Дојдоа следниот ден со децата стиснати на гради не можејќи да нè препознаат - така брадосани. Ние смело им се преставивме со имиња кои не беа наши, со имиња на револуционери, на познати борци, со имиња на комити. Половината од нашите жени нè опцуја, а другата половина кога видоа дека сме здрави и живи (веројатно очекуваа да нè видат болни и мртви) се вратија од кај што дојдоа. Главниот впечаток им беше барем како што успеавме подоцна да дознаеме - дека нашата упорност, нашиот магарешки инает не вреди ни пет пари, затоа што многупати пред тоа таквиот начин на излежување на државна сметка не се исплатеше и на крај пак самите ние останувавме кусок. Велеа дека колку и да сме упорни и понатаму ќе си јадеме паштети, а човекот со симбол на лицето ќе си јаде батаче од пиле. Но не беа во право. Следниот ден стигнаа бананите. Бананите беа жолто-зелени, таман пред зреење, како што впрочем беа и нашите глави. Ни ги донесоа во картонски кутии, дали беше тоа синдикат или комшии приватници загрижени за нашето здравје, веќе не беше важно. Ни ги донесоа значки во картонски кутии и ги тупнаа пред нас. Ние се израдувавме. Чувствувавме дека нешто големо се случува. Ги тргнавме на страна кутиите и откако се стемни и откако сите си беа отишле оставајќи нè да дремеме на земјата пред работилницата која бележеше загуби, им ги дадовме на нашите жени и деца кои гладни чекаа покрај железната ограда. Но не им дадовме се одеднаш, за да не се прејадат. Бананите ги распоредивме за секој ден по една кутија, наредните неколку недели. И така на почеток доаѓаа жените со децата, а потоа само децата и тоа тие повозрасните кои можеа повеќе товар да носат. Набргу стигнаа лимоните и портокалите. Од кој и како не се знаеше важно беше дека нашите семејства полека ама сигурно се богатат. По лимоните и портокалите стигна кивито, потоа инфузиите и дури на крај ќотекот. Да! Не поминаа ни неполни неколку денови од благосостојбата на која сите ние постепено се навикнувавме, кога еве што се случи. Прво лежев на гради, а потоа се свртив на грб за да ја сменам малку положбата во која се наоѓав за и крвотокот подобро да ми профункционира. Прв пат после кој знае колку време ми дојде да плачам. Не знам зошто, меѓутоа за разлика од умот веројатно телото почувствува дека не се однесува токму како што треба и почнал да се револтира. Всушност и тој си ги има своите права. Почна да врне така што сеедно ми беше дали ќе заплачам со солзи или не. На дожд солзите не се забележуваат. Беше темна ноќ, мрак, кога настана некаква мешаница која ниту ја предвидувавме ниту пак ја очекувавме. Сите освен мене станаа и почнаа да викаат и трчаат на сите страни -не знаев што се случува. Како и да е јас не успеав да избегам. Некој ме клоцна во пределот на слабините уште пред да ги отворам очите. Друг некој а можеби беше истиот тој што ме клоцна - ме удри со француски клуч по ребра, а трет ме покри со ќебе. Четвриот сигурно се подготвувал, бездруго имал таква намера, да ме згази со багер, затоа што веднаш пред да ми се стемни за подолго време кое јас очекувајќи го, го нареков поетично - смрт, слушнав звук на забревтан мотор од багер кој напредува кон моите уши. Останатото на што се сеќавам од тогаш беше гласот на човекот со симбол на лицето којшто викаше како бесно куче: „гази, гази, гази го тој пес". Песот бев јас. Ни ден денес не ми е најјасно зошто така ме нарече. Веројатно беше љубоморен што се најадов банани и портокали. Никогаш повеќе никој од нас не се врати од доручек. був На комшијата Ацо му слета на прозорец, една квечерина додека тој мирно и осамено си гледаше телевизија - еден був. Застана и не мрдна. Не мрдна ниту Ацо. Се гледаа едно време во очи додека двајцата не се навикнаа на туѓо присуство, а потоа двајцата ги обзеде неспокој. Самотијата му ги притискаше како пнеуматски чекан и така исушените гради на Ацота, па немирот што го беше обземал во врска со појавата на бувот му беше барем миговно добредојден. Кога малку подзеде храброст и помисли дека на оваа случка уште долго во животот ќе се сеќава викна: „иш! иш!" и тргна полека кон прозорецот со намера да ја избрка птицата и да го затвори. Но птица како птица, исплашена од сенката која се доближува и од звукот на папучите на газдата, наместо назад кон слободата таа - напред кон ропството. Сврти еден исплашен и неправилен круг низ собата а потоа небаре си најде место за живеење, се смести над телевизорот. На Ацо му беше и страв и жал да ја брка птицата со метла или со стап па затоа го остави прозорецот отворен, со надеж дека кога нејзе ќе и досади, самата ќе си замине. Седна на креветот и почна да ја набљудува: му заличи на стомна, на кип, на споменик, на расцветано пластично цвеќе затоа што неколку часови колку што Ацо успеа да се одржи буден пред да заспие и да ја набљудува, таа не се помрдна ниту еднаш. Надвор беше ноќ - а внатре був. Следното утро кога Ацо се разбуди, веќе беше заборавил за бувот, па затоа не очекуваше да го види на телевизорот. Но таму беше. Си стоеше исто како што претходната вечер беше го оставил - како стомна. Виде не виде, тој здроби малку паштета и трошки од леб и му ги стави пред него. И сега што? Ништо. Не мрда. И како што обично бидува во животот, присилата води кон навика. Бувот ниту имаше намера да си оди ниту пак Ацо можеше да го избрка. Поминаа неколку дена. На почеток сосема несвесно, а потоа свесно почна да му зборува, да му раскажува, а денски да му покажува разни предмети и згради низ отворениот прозорец. Дојде време и тој почна да се кае што бувот не доаѓа на кревет до него заедно да гледаат телевизија. Набргу тој ги исцрпи сите свои инспирации за зборување и покажување разни предмети и не знаејќи што друго да прави, почна да му чита од книги. Таму, во едната од нив прочита дека тој, бувот, не гледа денски. „Па како не гледа" -си рече -"кога има толку работи да се видат". Помина неколку пати со рака пред бувовините очи, а тој ни да мрдне. Потоа ги исклучи сите светла и пак помина со раката преку неговите очи. Пак ништо. „Добро" си рече – „можеби спие." По една недела сосема ненадејно додека Ацо чепкаше нешто по старите весници бувот бувна - був! - на неговото рамо. Сирот човек, се вкочани како кочан, се здрви како дрво и не знаеше дали да плаче или да се смее, дали да се радува или да тагува. Нему впрочем одамна веќе никој не му беше слетал на рамо. Ниту роднините ниту пријателите, ниту децата надвор, ниту обичните минувачи, ниту кучињата, ниту пилците. Никој. Затоа изненадувањето беше неверојатно. Тој се беше веќе согласил со мислата дека птицата е или мртва или вечно спие и дека од неа нема да види никогаш никаква радост -кога се случи чудото. Најмило од сè му беше што прозорецот беше постојано отворен, а таа не сакаше да си оди што значи дека сепак чувствуваше нешто спрема него. Но, што може да чувствува птица и тоа був спрема човек? Дали воопшто може да го почувствува? Не го беше ли заменил неговото рамо со гранката на некое дрво? Дали не мисли можеби бувот дека е во шума? Ацо почна да се движи со бувот на рамо околу трпезариската маса, па потоа отиде во купатило, па во кујна, а потоа седна пред телевизорот. Бувот цело време седеше на неговото рамо и само одвреме навреме ќе ја мрднеше главата ту лево ту десно. Може да се каже слободно дека на Ацота му се промени животот до тој степен што помисли да го затвори прозорецот, но го остави уште малку за сосема да се убеди себеси дека не ја држи птицата со сила и дека таа всушност -го сака. Кога бувот не седеше на неговото рамо тогаш се враќаше на телевизорот и се задржуваше таму како стомна. Веројатно топлината на апаратот му беше благопријатна. Толку беше неподвижен што инкасаторот еднаш додека му пишуваше некакви сметки од врата здогледувајќи го бувот, го праша дали е ловџија оти гледа дека многу убав був има уловено. Се разбира Ацо само се насмеа и рече дека не е ловџија туку дека бувот му е подарок. Потоа исто така и други ситни и безначајни личности, главно комшии доаѓаа кај него дома, го забележуваа бувот, но сите мислеа дека е мртов или дека е вештачки. Ацо почна да ја троши сета своја заштеда на бувот. Му купуваше свински врат, зелена салата, паштети, грисини, леблебии и сенешто што дури и самиот тој, а ниту пак бувот ги јадеше. Еден ден, реши да го прошета бувот малку на воздух, пред зграда. За таа цел тој сакаше да го искористи блискиот парк што се наоѓаше само преку неколку улички одалеченост. Си стави пролетно палто и добро сочувани кондури, си ја навлажи косата со вода за да му стои наназад, и го викна бувот вака „у, у, у, у!!!" Бувот му слета на рамо. И така излегоа двајцата: детето со остарено лице и соколот во буфови перја. Надвор немаше никој, беше часот кога навистина нема никој никаде. Одеа исправени, Ацо во страв да не направи некаков потег што ќе го уплаши бувот, а бувот пак во паника да не се случи нешто за кое тој уште не е спремен. Иако се плашеше за бувот, сепак тој не можеше да му избега затоа што му го беше заврзал глуждот на едната нога со јаже, а јажето си го врза за колан. Тоа се совпадна со времето кога Ацо веќе не сакаше бувот да му избега па го беше затворил и прозорецот. Тогаш всушност започна двојното ропство. Несреќата сакаше или пак судбината, неколку пензионерки завиткани во црно кои штотуку се враќаа од пазар да налетаат на Ацота токму лице в лице. Тој им се насмеа, ги поздрави: „добар ден, добар ден" - а бабите ги испуштија торбите, се прекрстија три пати и не отпоздравувајќи го си продолжија не вртејќи се по него. Позади него се слушна само звук на три пати плукнат асфалт и нејасни зборови. Тие, комшивките во црно сакајќи да се одбранат од ѓаволот - го беа проколнале. Кога стигна во паркот, тој го зеде бувот и го закачи на една гранка, на едно дрво отпуштајќи таман толку јаже колку да може да седне на некоја клупа. За жал и колку да сакаше тој да биде упадлив, никој не му го забележуваше бувот. Некои деца почнаа да фрлаат со камења по него викајќи: „у, у, у!" Приквечер се врати дома радосен како никогаш во животот - прв пат во тоа десетлетие тој имаше кого да носи дома. Следниот ден наутро викотници и пискотници се слушнале додека го хранеше бувот со тенки ливченца. Некаде во зградата некој плачеше и редеше. Не помина долго време и некој заѕвони на врата. Ацо отвори со бувот на рамо и пред него ја виде едната од бабите која му соопшти дека едната од нив штотуку почина па бидејќи немаат пари за погреб собираат од соседите добротворен прилог. Бабата гледаше само во земја. Ацо донесе неколку дреболии што ги чуваше заврзани во марамче, но бабата не беше задоволна, односно не ги земала парите туку му рече дека за друго нешто е дојдена. Ацо потоа дознал дека таа баба има нешто против неговиот був кој бил демек баксуз птица која носи несреќи и дека нејзината деведесет и три годишна пријателка умрела токму од погледот на оваа негова гадна птица која носи само смрт. Ацо и одговори дека некаде прочитал дека бувот е птица на мудроста, но неговото толкување и се спротивставуваше на народното па не успеа да ја убеди. И рече дури дека откако е бувот кај него тој е среќен, а не несреќен. Попусто. Бабата не само што не сакаше да слушне туку му заповеда веднаш да се ослободи од бувот пред да ги снајде некоја уште поголема несреќа. Тој и рече пријатно и догледање ставајќи и ги парите во рака, а потоа ја затвори вратата. После оваа случка со бабата, лоши мисли му се беа вгнездиле во мозокот, а во тоа гнездо - бувот. Таквите мисли му исчезнуваа само во миговите кога бувот му слетуваше на рамо па дури и - барем така му се чинеше на Ацо -си ја трие главата од неговата. Тој тоа движење на птицата го толкуваше како знак на нежност. И така ќе се смиреше. Но не за долго. По неколку недели повторно дојде бабата и му рече дека некој си Петре, Петре од сојот на Петровци штотуку умре на седумдесет и девет годишна возраст. Аце праша каква врска има тоа со него, а таа му рече дека со него нема никаква врска меѓутоа има со неговиот був кој носи само несреќи. Тој ѝ рече дека сите ние некогаш ќе умреме и дека тоа нема ама баш никаква врска со бувот. И пак и ја затвори вратата. Од надвор слушна како бабата му се дере и му вика да се ослободи што побргу може од бувот пред да се случи уште некоја катастрофа. Бабата продолжи да доаѓа и да му носи тажни вести за разни починати луѓе од разни краишта на градот и нивната смрт ја поврзуваше со постоењето на бувот на Ацо. Еднаш дури му донесе и му покажа список на умрени луѓе. Сите тие демек биле во некаква поблиска или подалечна врска со него. Паника почна да го фаќа во мигот кога забележа дека бабата што го малтретираше повеќе недели не се појавуваше веќе на врата. Тој сфати дека веројатно и таа отиде. Змија го касна за срце и со плачлива душа се проколна себеси што не може ни ден среќа да има во животот. Потоа се праша зошто човек никогаш не може да биде до крај среќен и легна да спие думајќи и шестајќи што да прави. Следниот ден кога Ацо се врати од пазарување - беше да купи нешто за бувот - ја најде вратата малку подотворена и се втрча внатре. Го најде бувот со свиткана шија и со нозете кренати угоре. Лежеше навистина мртов над телевизорот. Низ собата насекаде имаше расфрлани пердуви. Го убиле станарите додека тој бил надвор. Главата му се наполни со гнев ги стисна тупаниците иако немаше воопшто сила во нив и како збеснат пес се спушти удолу по скалите. Стигна пред вратата на бабата која постојано го мачеше со претскажувања и без да тропне како што тоа го направил некој и кај него дома, се втурна внатре. А внатре што да види: сите луѓе коишто во списокот на бабата биле заведени како мртви, си седеа живи како никогаш порано и си правеа муабет. Некој од нив стана и му рече: „Комшијо немој да се лутиш што те мамевме ама кога видовме дека ти ништо не преземаш решивме ние нешто да преземеме. Секој од нас сака да проживее уште по некоја година, зошто да не тера баксуз?" стапица Обземен од тешка и еднолична потиштеност, побегнав од Скопје за Велес. Се надевав дека таму, каде што никој не ме познава, шетајќи навечер покрај празните излози и расипаната река, ќе успеам да се сотрам и на тој начин да се спасам од фаталната меланхолија што во последниве денови ме беше опфатила како резултат на грижа на совеста, поголема дури и од таа на тој што наеднаш ќе сфати дека ја нема. Елена беше грда христијанка со настрано хоби. Ми се чини дека тоа беше доволно силен мотив како прво да одбијам да седнам со неа на иста маса, а како второ да заспијам крај неа како мало доенче додека таа безгрижно си ги турпијаше ноктите од нозете врз едно странско списание со андрогини модели. Но не го сторив ниту едното ниту другото. А имав толку многу работи за правење... На пример, токму во тие мигови на разбуени страсти и млака невнимателност, требаше наместо да заспијам покрај тој дебел палимпсест, да се појавам дотеран и намирисан, со изглед на вистински крут и безобразен бизнисмен, во фоајето на хотелот „Континентал" и да седнам на однапред резервираната масичка за двајца, веднаш до прозорецот. Таму требаше да ја дочекам госпоѓата Ружа. Неа требаше да ја убедам со посредство на однапред научени и добро совладани умешности дека тоа со нејзината ќерка е озбилна работа -иако искрено речено има прекратки нозе -и под моите искрени љубовни изрази не се крие никаква економско-финансиска туку пред сè духовно-естетска корист. Дури и повеќе: Ружа требала да добие впечаток дека не само што зрело размислувам туку и сум зрел за две три препораки кај угледни луѓе. Значи, нешто ми зборуваше дека додека нежно и спокојно ќе ја вртам лажичката во веќе разладениот филџан со чај, гледајќи ја право во очи, ќе успеам да ја убедам госпоѓа Ружа во нешто во коешто ни самиот јас не верував. Веднаш потоа ќе требаше да истрчам и да се најдам со Лаура (таа со кратките нозе) и шетајќи угоре удолу со неа за рака, ќе требаше да ѝ ги опишам и објаснам резултатите од мојата средба со нејзината мајка Ружа. Тука ќе ми беше и најтешката задача: ќе требаше да ја усогласам нејзината нетрпеливост кон моите ситни слабости малку коцкање и сосема незабележителна склоност кон скапи пијалоци - со мојата вештина на убедување во чесноста на моите намери. Тоа пак што постојано позајмував и трошев нејзини пари - требаше исто така да ја убедам - не е резултат на мојата недоследност или не дај боже непромисленост, туку само момент на криза во мојот бизнис со турска постелнина. Што се однесува пак до состаноците на кои јас не се појавував а таа ме чекала повеќе отколку што ѝ доликува, според моите објаснувања се должеше на презафатеноста со дистрибуцијата на турските постелнини. „Ах Лаура, Лаура" - ќе ѝ речев –„ти или не разбираш или не сакаш да разбереш како ми е мене: цел ден по патишта, расправајќи се со секакви луѓе и зошто, за ди ти обезбедам тебе подобро утре" -така ќе и речев и таа најверојатно ќе ме разбереше. Потоа сигурен сум, потпрен на моите несекојдневни комуникациски способности, ќе ја земев во прегратка и ќе ја стиснев: ниту премногу силно за да не и скршам некое ребро, ниту премалку за да помисли дека не ја сакам или дека тоа што и го зборувам не е вистина. И така, сигурен сум дека кај неа како впрочем и кај госпоѓата Ружа ќе се здобиев со особена доверба толку неопходна за разговор со нивниот татко и сопруг околу заеднички вложувања во малото стопанство. Се разбира, во неврзан разговор за тие вложувања, Жарко ќе ме прашаше во што се состои мојот дел од влогот а јас спремен на тоа, ќе му кажев дека како иден зет во мене ќе согледа непресушен извор на извонредни идеи, море од генијални акции, галаксија од мудри потези. И потоа се знае: бидејќи и овој потфат ќе ми успееше тој ќе речеше оти неговата ќерка Лаура му е сè на светот и дека се би направил да ја види среќна и така натаму. И доколку обезбедам нејзина среќа, тој би ме земал како аѓутант или советник, така нешто. На крај на краиштата во еуфорија поради постигнатиот молскавичен успех, сигурно ќе му ветев дека поради неговата готовност за заеднички вложувања, неговата Лаура ќе му роди машко дете кое на крај на краиштата ќе му го наследи целиот имот. Откако ќе го завршев планот со ова семејство, заедно со Жарко и со неговата доверба во мене ќе отидевме во некоја од него препорачана фирма за вложување во малото стопанство и таму тој ќе ги изброеше парите што макотрпно ги заработил од неговата фирма. Всушност тој се занимаваше на самиот почеток со перење на валкани пљачки, а потоа кога му тргна работата се занимаваше само со перење на парите што луѓето си ги заборавале ваму-таму по валканите пљачки. Впрочем, се снашол човекот и се збогатил. Алал му вера. И така и јас ќе се збогатев. * Многу работи требаше да се случат тој ден, да не се појавеше таа Елена, тој змеј од жена, таа кучка ламја која ме голтна сосе моите амбиции. Којзнае кај ќе ми беше крајот да не ме викнеше кај неа во нејзината соба со поглед на завист и да не заспиев крај неа како идиот и да не беше таа - а за тоа да дознам премногу доцна - прва другарка на Лаура (таа со кратките нозе) пратена лично од неа да ја испроба мојата чесност заведувајќи ме, и да ме разобличи потполно - соголувајќи ме. И така се ќе си беше како што мислам дека ќе беше, да не заспиев крај госпоѓата Елена и таа да не се јавеше кај Лаура, а оваа пак кај Жарко и тој да не ме заплашеше - и тоа пред да успеам заедно со него да вложам во малото стопанство - дека ќе ме убие! Ете затоа побегнав во Велес. вангелосување Некојси Ангеле, по потекло од Средна Македонија, се прослави со неговата нималку пријатна особина да ги вангелосува и вомјазува луѓето околу себе и сето тоа да си го препише на вродената шегобијност. Неговата шегобијност меѓутоа не беше вродена, туку наследена од неговиот дедо - исто Ангеле - за кого пишува во еден микрофилм со турски документи за умствената карактеристика на населението од Велешкиот пашалук. Во тие документи, се осудува на камшикување дедото на Ангеле затоа што предизвикал срцев напад кај некојси Суљо, кој пред да се обесвести од страв, го видел дедото како лежи на земја со јатаган провлечен низ главата, а веќе следниот миг тој станал и така со јатаганот во главата вртел кругови околу Суљо и се дерел. Усмените преданија велат дека цело време додека го камшикувале тој велел дека се шегувал. Ангеле користејќи современи методи на вангелисување и вомјазување, успеал да ги надмине подвизите на сопствениот дедо, неговото име вечно остана заведено во една народна поговорка која гласи: „Господ да те сочува од вангелисувањата на Ангеле", притоа не обрнувајќи внимание на предупредувањата на луѓето, дека почна да претерува и дека господ може да му врати. Всушност, тој почна да претерува еден ден кога заедно со сопругата и со децата отидоа на гости кај свекорот кои живееше на село во голема и пространа куќа со визба. Самата визба на Ангеле му ги разви шегобијните способности, па така еден ден отиде и се обеси за една греда, претходно превртувајќи една гајба со домати под себе. Кога влезе свекорот за да земе вино и кога го виде обесениот зет почна да завива и да се потресува, па дотрчаа и сопругата и децата кои исто така почнаа да кубат коси од жал: жената дури падна и во бесознание. Ангеле за да ја прекине оваа ситуација се одзва од гредата: „Ајде де, што толку се потресувате, само се шегував!" а потоа побара да го симнат од таму. Другите, не можејќи да си дојдат при себе од изненадување му рекоа да се симне како што се качи па почнаа едноставно да го пцујат при што неговата сопруга освестувајќи се, рече дека ако повтори уште еднаш такво нешто ќе се разведе од него. Бидејќи не смееше да ризикува и повторно да направи некаква шега во кругот на сопственото семејство, тој својата дејност ја прошири надвор: на работа! Еднаш играјќи се со црвен туш на својата работна маса дојде до идеја која веднаш ја оствари: го растури тушот на маса и по местото на рацете каде се сечат вени, отвори џебно ноже и легна врз масата. Наскоро, кога влезе секретарката и го виде со пресечени вени толку се вомјаза што изгуби глас, и се покачи притисокот и ѝ се здрви десната рака. Ангеле, откако си ја оствари целта, скокна весел и така намачкан со црвена боја почна да се смее и да скока околу неа. Бидејќи жената мораше да оди на специјална терапија за опуштање на нервниот грч на десната рака, директорот на претпријатието му закани со отказ ако уште еднаш направи таква невкусна шега. Следствено и на работа не можеше веќе да дејствува. Еднаш беше повикан од некој пријател да вечераат печурки. Бидејќи на Ангеле идеите му се раѓаа на лице Место, една идеја му се појави додека вечераа. Таман се беа сите убаво нагостиле со печурки и таман ги беше фатило винцето, Ангеле падна од столчето на земја и тресејќи се рече со последните сили: „Печурките!", потоа се испружи колку што е долг. Бидејќи пријателите не го познаваа доволно, прво на што помислија беше дека печурките се отровни и дека и тие исто така се отруени. Настана невидена паника, сите се фатија кој за грло кој за стомак и почнаа да се превиткуваат иако немаа кој знае каква причина за тоа: еден од пријателите почна дури и да повраќа. И таман исполегнаа сите во паника по патосот спремајќи се за умирачка Ангеле стана и целиот потресен од смеење им рече дека само се шегувал. Пијан, но доволно свесен што прави, еден од измамените стана и му удри една тупаница на сред лице со толкава сила што му се расцвета носот во крвои. На негова несреќа никој не му веруваше дека е вистинска крв и Ангеле прв пат во животот почувствува болка и страдање. Но не се откажа. Следниот посериозен случај после кој следеше подолга пауза бидејќи за малку ќе предизвикаше несогледливи последици се случи во црква, спроти Богојавување. По многумина овој миг беше пресуден во неговиот живот бидејќи со неговите веќе надалеку прочуени испади на вангелисување му се беше замерил на бога. Што сторил? Се разбира дека се појави наместо бога! Се облече во тога, си стави брада и коса и уште рано насабајле тој ден се сокри во камбанеријата. Точно на полноќ, кога црквата беше полна со луѓе се појави со раширени раце одгоре викајќи: „Народе, следи го мојот пат!". Верниците веднаш паднаа на колена и почнаа да се крстат, додека во паника викаа и повторуваа делови од Светото Писмо посветени на спасувањето на душата. И така, настана една невидена паника, метеж и еуфорија во која беа прегазени неколку деца. Целата ситуација ја спаси попот кој, бидејќи многу образован, се изначуди од каде господ знае македонски јазик. Веднаш се посомневал и викнал полиција. Се разбира дека го фатија Ангелета и го однесоа право во затвор. Попусто протестираше и се залагаше против учеството на извршната власт во светите работи. Во полиција помина неколку дена и беше обвинет за шарлатанство и за вознемирување на јавниот ред и мир, но бидејќи претходно не бил осуден, го пуштија да се брани од слобода. Кога подоцна, горд на себе раскажуваше дека се појавил наместо господ и дека за тоа го уапси полицијата никој не му поверува туку сите слатко си се насмеаја. Ангеле кулминацијата на своите вангелисувања, како што сите и очекуваа, ја достигна едно магливо предвечерие на први април, во времето кога луѓето почнаа да лажат и кога поговорката „Господ да те сочува од вангелисувањата на Ангеле" се употребуваше веќе насекаде. Тие што го познаваа па дури и тие што само имаа слушано за него, почнаа да ги прифаќаат неговите луди идеи и необичните однесувања, па му се воодушевуваа и му се восхитуваа бидејќи сите беа сфатиле каков шегобиец имаат помеѓу нив. Токму од овие причини на Ангеле од ден на ден му беше сè потешко да вангелисува и да вомјазува. Вложуваше неверојатни напори да измисли нешто оригинално, нешто со што повторно некого некаде ќе уплаши, нешто со кое повторно ќе си ја поврати славата, но не успеваше токму затоа што луѓето запознавајќи го, веќе не го сфаќаа озбилно. И колку повеќе тој тонеше во сопствената немоќ, толку повеќе растеше неговата популарност како шегобиец, но не и како вомјазувач. Така на тој ден, на први април безмалку целиот град беше во очекување да види што ќе стори Ангеле за да ги насмее и да си се пошегуваат. И додека сите чекаа, Ангеле беше свесен дека ќе изгуби. Потонат во душевна болка, лежеше в постела безнадежно обидувајќи се да смисли нешто со што повторно ќе вангелоса некого а само тој ќе се насмее. * На први април го најдоа Ангелета во една хотелска соба, седнат на фотелја со главата клапната на гради, со рацете спуштени покрај рачките и стегнати во тупаници, со нозете испружени по патосот, колку што е долг. Веднаш се прочу веста дека Ангеле за први април се преправи дека е мртов без да има никакви крвои, никакви бесења, никакви труења или јавувања, што на повеќемина им изгледаше здодевно и без дух; затоа го оставија да се преправа. После неколку дена откако тој не мрдна од фотелјата и откако сите му се изначудија на упорноста, дојдоа лекари и констатираа дека срцето му е пукнато од јад и дека овој пат тој -навистина е мртов. На почеток никој не поверува и сите чекаа тој да се појави во јавноста, но откако не го стори тоа зачудените луѓе помислија дека сигурно се нашол некој поголем вангелисувач од него и му спремија достоен закоп. После него остана само народната: „Господ да те чува од вангелосувањата на Ангеле." 4 ПОЛОВИНЛ БОЖИЛАК 4 ЕРМИС ЛАФАЗАНОВСКИ 4 ЕРМИС ЛАФАЗАНОВСКИ 2 ПОЛОВИНА БОЖИЛАК 4 ПОЛОВИНА БОЖИЛАК